ВМРО-ДПМНЕ прашува кој дозволил вработен на дело да уништи службен автомобил


       
Скопје, 17 август, 2018 - 9:36 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ го праша министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски да објасни како се случило вработен на дело минатиот месец да упропасти во сообраќајна несреќа вон работното време службен џип.

Сообраќајката се случила на 9 јули на патот Берово – Виница, при што Н.Б. од Виница со „дачија дастер“ излетал од патот и слетал под мост.

„Дали лицето Н.Б. имало патен налог и дали истото смеело да управува со службено возило од министерството? Како се случило лице со договор на дело да има службено возило кое го уништил? Кој дозволил ова лице да управува службено возило? Со каква цел и каде било испратено ова лице и дали сообраќајната незгода се случила надвор од работно време? Дали и кој ќе ја покрие штетата направена од оваа сообраќајна незгода?“, прашува опозициската партија, барајќи одговорност од министерот Николовски.