ВМРО-ДПМНЕ обвини за притисоци, според СДСМ се гласало и демократски


       
Скопје, 30 септември, 2018 - 18:23 (META) 

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, обвини дека „СДСМ прави изборен криминал на организиран начин.“ Тој додаде дека „СДСМ го прекршила молкот и ги насочила избирачите како да постапат“.

„Во текот на вчерашниот и денешниот ден се испраќаат и смс пораки од телефонскиот број 071/290-116. Јавното обвинителство мора уште веднаш да постапи и да утврди кој го поседува и бројот 075/232-352 од каде се јавувале и да извади листинг каде се биле испраќани пораки и кај кого се била вршена агитацијата. Постојат сериозни сомнежи за сторено кривично дело по член 160 од КЗ „Повреда на слобода на определување на избирачите“ за кое што е запишана казна затвор во времетраење од најмалку три години“, рече Стоилковски.

Од СДСМ реагираа на пресот на Стоилковски и велат дека „во врвот на ВМРО-ДПМНЕ се нервозни, бидејќи и покрај бојкотот што го заговараше раководството на партијата, пратеници и членови на ВМРО ДПМНЕ излегуваат на референдум и гласаат“.

Од таму додадаваат дека „граѓаните на денешниот референдум гласаат слободно, без притисоци и без закани, во слободна и демократска атмосфера“.