!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Захариева: Спроведете ги реформите поради граѓаните, не само поради членството во ЕУ


Будимпешта, 11 октомври, 2017 - 17:49 (META) 

„Стабилноста и просперитетот на Западен Балкан е долгогодишен надворешно-политички приоритет на Бугарија и ќе биде во фокусот на бугарското претседателство со ЕУ. Апелот до нашите пријатели е: Спроведете ги реформите поради вашите граѓани, не само поради идното членство во ЕУ“, истакна министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, на денешниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите од Вишеградската група и на Западен Балкан, во Будимпешта.

Како што јави бугарската агенција БТА, министрите присутни на годинешниот состанок во Будимпешта, што се одржа во рамките на унгарското претседавање со Вишеградската група, ѝ додоа целосна поддршка на Захариева за побрза интеграција на регионот во Европската Унија за време на бугарското претседателство со Советот на Унијата, во првата половина на следната година.

– Без Западен Балкан во ЕУ нема да биде завршен европскиот проект и Европа нема да биде доволно стабилен и безбеден континент. Нашата цел е на самитот на ЕУ во Софија следната година да имаме јасен план за секоја од балканските земји. Ние сме балканска држава и јас се гордеам со тоа. Ако ја оставаме историјата во минатото, ако гледаме напред во иднината и сме чесни и отворени за проблемите, тогаш многу побргу ќе постигнеме напредок – рече Захариева.

Таа додаде дека покрај политичката поддршка за шесте земји од Западен Балкан (Србија, Македонија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија и Косово), кои сакаат да станат членки на ЕУ, треба да им се овозможи и техничка и експертска помош во преговарачкиот процес.

Шефот на романската дипломатија, Теодор Малекшану, на состанокот истакна дека Договорот за пријателство меѓу Бугарија и Македонија е пример за целиот регион.

Министерот за надворешни работи на Унгарија, Петер Сијарто, кој е домаќин на форумот во Будимпешта, претходно истакна дека неговата земја се залага Македонија и Албанија да добијат датум за почнување преговори најдоцна во првиот квартал од 2018 година.

На министерскиот состанок во Будимпешта учествуваше и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров.


Димитров: Ќе ја убедиме ЕУ дека Македонија заслужува да ги почне преговорите за членство


Будимпешта, 11 октомври, 2017 - 16:14 (META) 

Сакаме да ја искористиме оваа историска можност и ќе сториме сè за да ја убедиме секоја земја членка на ЕУ и Европската комисија дека Македонија заслужува да премине на следното ниво од нејзиниот европски пат и да почне пристапни преговори со ЕУ во јуни следната година. Ова денеска го изјави шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на состанокот со министрите за надворешни работи на земјите на Вишеградската група и на Западен Балкан, што се одржа во Будимпешта.

– Ние во Македонија ќе работиме најдобро што можеме и ќе предолжиме да се фокусираме на реформите дома, затоа што нашата цел е да ја направиме Македонија европска демократија. Ќе продолжиме да не се расправаме со соседите, иако има искушенија. Македонија, како што им кажав на колегите овде и на колегите во Европскиот парламент вчера, изминативе години имаше ветер в лице и сега навистина би ценеле ветер во грб за да можеме да испорачаме мирни води и плодна жетва – рече Димитров во своето обраќање на средбата.

Тој истакна дека регионот неколку години бил надвор од вниманието на Европската Унија, но, за среќа, од повеќе причини, вклучувајќи ја и мигрантската криза „сега широко е прифатен ставот дека Европа е помалку безбедна ако регионот на Западен Балкан не е дел од ЕУ“.


Мултановски: Очекувам новата влада да ги спроведе неопходните реформи


Скопје, 18 мај, 2017 - 17:15 (META) 

Очекувам по доделување на мандатот да се формира влада која ќе работи на реформите за евроинтеграциите, за што ќе ја има полската поддршка, порача амбасадорот на Полска во Македонија, Јацек Мултановски. Тој денеска учествуваше на конференцијата „Вишеградската група и Западен Балкан – Што е наредно за овие два региона?“, која се одржа во Скопје.

– Вчера претседателот Иванов го даде мандатот за формирање влада на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, и тоа е важен чекор во процесот на формирање нова влада, која, се надевам, ќе биде способна да ги спроведе сите неопходни реформи за евроатлантска интеграција. Полска е силен поддржувач на македонските евроатлантски аспирации и сме подготвени да соработуваме со вас и да ви помогнеме во тој процес – изјави Мултановски.


Иванов: Од клучно значење е поскоро формирање на Влада


Скопје, 13 февруари, 2017 - 15:13 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група.

На средбата присуствуваа амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачката Република, Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.

Соговорниците разговарале за продлабочување на меѓусебната соработка, за актуелната политичка состојба во Република Македонија, и за процесот на интеграција во ЕУ и НАТО.

„Во однос на политичката состојба, на средбата беше истакнато дека од клучно значење за Република Македонија е надминувањето на политичката криза и што поскоро формирање на Влада која ќе биде посветена на европската агенда и економски развој и која ќе има капацитет да се справува со предизвиците од мигрантската и безбедносната криза. Амбасадорите се согласија дека е неопходен исчекор на земјата во однос на европските и евроатланските интеграции“, велат од кабинетот на Иванов.

Претседателот Иванов ја поздравил поддршката од Вишеградската група за одржување на динамиката на процесот на проширување на ЕУ и за што поскоро започнување на преговорите за членство на Република Македонија.

Амбасадорите ги реафирмирале заложбите за продолжување на меѓусебната соработка во справување со мигрантската криза и со безбедносните предизвици на земјите од Централна и Источна Европа.


Tрадиционален работен ручек на Иванов со амбасадорите од Вишеградската група


Скопје, 13 февруари, 2017 - 9:27 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов денеска ќе го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на земјите – членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата ќе присуствуваат амбасадорот на Република Полска, Јацек Мултановски, амбасадорот на Чешката Република, Мирослав Рамеш, амбасадорот на Словачката Република, Мартин Безак и амбасадорот на Унгарија, Ласло Иштван Дукс.


Унгарија бара од ЕУ да ги забрза преговорите за членство со земјите од Западен Балкан


Варшава, 29 ноември, 2016 - 19:31 (META) 

Унгарија ја повика Европската Унија (ЕУ) да ги забрза пристапните преговори за членство во ЕУ со земјите од Западен Балкан (Албанија, Македонија, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Косово), за да ја заштити Унијата од иден наплив на мигранти, јавуваат светските агенции.

Шефот на унгарската дипломатија, Петер Сијарто, по министерскиот состанок на земјите членки на Вишеградската група (Полска, Словачка, Чешка и Унгарија) и на земјите од Западен Балкан, што денеска се одржа во Варшава, предупредил на можни безбедносни ризици доколку Брисел дозволи одолжување на преговорите со земјите од Балканот.

„Земјите од Западен Балкан мора да бидат доволно силни за да ја заштитат ЕУ од нов мигрантски бран… Најбрзиот пат за зајакнувањее на овие земји е да им се понуди членство во Европската Унија“, изјавил Сијарто по состанокот, додавајќи дека земјите од Вишеградската група ќе работат на забрзување на преговорите.

Тој предупредил дека доколку проширувањето на ЕУ и понатаму оди бавно, тоа ќе доведе до безбедносен, но и до економски ризик.

Високата претставничка за надворешни работи и безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, која учестувала на министерскиот состанок како гостин, во врска со прашањето околу проширувањето на Унијата, изјавила дека ЕУ и земјите од Западен Балкан веќе постигнале „импресивен напредок“.

На министерскиот состанок во Варшава, како што соопштија денеска од МНР, учествувал и заменик-министерот за надворешни работи Илија Исајловски, кој во своето обраќање истакнал дека политиката на проширување на ЕУ се покажала како успешна и дека истата мора да продолжи преку целосна интеграција на земјите од Западен Балкан.


Работен ручек на Иванов со амбасадорите од Вишеградската група


Скопје, 25 февруари, 2016 - 17:34 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска го приреди традиционалниот работен ручек со амбасадорите на четирите земји членки на Вишеградската група, акредитирани во Република Македонија.

На средбата присуствуваа амбасадорите на Чешка, Полска, Словачка и на Унгарија – Мирослав Рамеш, Јацек Мултановски, Мартин Безак и Јожеф Бенце – на кои Иванов им се заблагодари за личниот ангажман и за посветеноста во унапредување на односите со Република Македонија.

Од кабинетот на Иванов информираа дека тој го честитал 25-годишниот јубилеј од формирањето на Вишеградската група и ја поздравил нивната конструктивна улога како позитивен пример за успешно регионално партнерство и соработка. На средбата присутните размениле мислења за можностите за продлабочување на соработката, за европската и евроатлантската перспектива на Македонија, како и за последните случувања во регионот и во Европа, односно за предизвиците во контекст на бегалската криза.

Амбасадорите упатиле честитки за начинот на кој Македонија се справува со бегалската криза и истакнале дека Вишеградската група и во иднина ќе биде посветена на односите со Република Македонија и ќе ги поддржува напорите за европската и за евроатлантската интеграција, особено во текот на словачкото претседавање со Советот на ЕУ.


Соботка: Вишеградската група има цел да им помогне на балканските земји


Прага, 15 февруари, 2016 - 17:21 (META) 

Политичките и економските односи меѓу Македонија и Чешка се во континуирана нагорна линија, заклучија македонскиот претседател, Ѓорге Иванов, и чешкиот премиер, Бохуслав Соботка, на средбата во Прага што се одржа попладнево пред вонредниот самит на Вишеградската група.

На средбата, како што соопштија од кабинетот на Иванов, било разговарано за можностите за понатамошно унапредување на односите во сите области кои се од заеднички интерес, особено за подобрување на економската соработка, поттикнување на трговската размена и на соработката во делот на инвестициите. Иванов ја истакнал посветеноста на Македонија за почеток на пристапните преговори со ЕУ и на зачленувањето во НАТО, како највисок стратегиски приоритет на земјата.

Во однос на актуелните предизвици со бегалската и мигрантската криза, Иванов го реафирмирал ставот на Македонија за сеопфатно европско решение, сo заеднички критериуми за редуцирање на нелегалниот наплив на мигранти, поефикасна заштита и за контрола на границите и регистрација на бегалците.

Во таа насока, како што се наведува во соопштението, Иванов посочил дека Македонија значително го намалила нелегалниот протек на мигранти што немаат основа да бидат баратели на азил во ЕУ, воспоставила систем на контрола, регистрација и на спроведување на основаните баратели на азил на хуман и на безбеден начин. Тој истакнал дека во интерес на нашата земја е да имаме соработка со Грција и со сите засегнати земји, да нема еднострани решенија и сите заедно да дејствуваат кон зајакната гранична заштита и безбеден и хуман третман на сите што имаат потреба од меѓународна заштита.

Соботка, оддавајќи признание за начинот на кој Република Македонија се соочува со бегалската криза, истакнал дека денешниот самит на Вишеградската група има цел да покаже солидарност и да им помогне на балканските земји во справување со бегалската криза.

Попладне претседателот Иванов ќе учествува на вонредниот самит на Вишеградската група. Во македонската делегација е и министерот за здравство и раководител на Управувачкиот комитет за координација со системот за управување со кризи, Никола Тодоров.


ЕК е против затворање на македонската граница со Грција


Брисел, 15 февруари, 2016 - 13:19 (META) 

Европската комисија се залага за управување со границите, а не за нивно затворање, изјави портпаролката на Европската комисија, Тове Ернст, на прашањето како се коментираат повиците на Вишеградската група за Македонија да ја затвори границата со Грција.

– Европската комисија ја поздравува помошта за Македонија што ја даваат членките на ЕУ за контрола на границата со Грција, преку испраќање полициски и безбедносни сили. Сите мерки треба да бидат донесени во координација со грчките власти и со Фронтекс, кои се присутни на грчко-македонската граница – рече Ернст.

Портпаролката соопшти дека Европската комисија денеска одобрила 10 милиони евра помош за Македонија, но оти таа не е наменета за подигнување ограда, туку за унапредување на границите и на системот за менаџирање на миграција.

„Бегалската криза претставува голем притисок за земјите што се наоѓаат на рутата и Европа мора да застане обединето во справување со ситуацијата. Новите финансии ќе им помогнат на властите на ПЈР Македонија да ги подобрат границите и менаџирањето со нив и да помогнат околу трошоците со силите што ги испратија членките на ЕУ и Србија на југот од земјата. Оваа поддршка е комплементарна со акциите што се преземени за поддршка на Грција, вклучувајќи го и Фронтекс“, вели еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, во соопштението за новата помош за Македонија.

Комисијата појасни дека новите специјални мерки, кои се одобрени на барање на македонските власти по посетата на европските претставници во јануари, имаат цел да ѝ помогнат на Македонија во систематските проверки на границите и во граничниот надзор, при идентификација и при регистрација на лица што ја минуваат границата, во спречување на шверцот на мигранти, трговијата со луѓе и во прекуграничниот криминал, како и за целосно почитување на правото и на фундаменталните права.

Портпаролот на ЕК, Маргаритис Схинас, исто така, рече дека последните случувања поврзани со Македонија не претставуваат обид за физичка изолација на Грција и повтори дека Брисел се противи на идејата за подигнување огради.

– Одговорот на ЕУ на бегалската криза ќе биде направен со Грција, а не против Грција – рече Схинас.


Иванов на вонредниот самит на Вишеградската група за мигрантската криза


Прага, 15 февруари, 2016 - 9:44 (META) 

Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, денеска престојува во работна посета на Чешката Република, каде ќе учествува на вонредниот самит на земјите од Вишеградската група.

Иванов, како што соопштуваат од неговиот кабинет, ќе има обраќање на пленарната сесија на самитот и ќе присуствува на работната вечера на учесниците на самитот, на кој централни теми ќе бидат „предизвиците од мигрантската и бегалската криза и начините за справување со нив“.

На самитот, покрај македонскиот претседател, ќе учествуваат премиерите на земјите-членки на Вишеградската група, односно премиерот на Чешка, Бохуслав Соботка, премиерот на Полска, Беата Шидло, на Унгарија, Виктор Орбан, премиерот на Словачка, Роберт Фицо, а предвидено е и учество на премирот на Бугарија, Бојко Борисов.

За време на работната посета, претседателот Иванов ќе оствари средби со чешкиот претседател, Милош Земан и со премиерот Бохуслав Соботка.