Бујар Османи со полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау, во Варшава, 25 мај 2021. Фото: МНР на РСМ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на работна посета на Република Полска се сретна со својот домаќин, министерот за надворешни работи, Збигњев Рау. Посетата се случува во пресрет на јунскиот самит, во контекст на засилениот ангажман за официјален почеток на пристапните преговори со ЕУ, како стратешка цел на земјата и императив за целиот регион, соопшти македонското МНР.

Во разговорот во преден план биле евроинтеграциските процеси на Северна Македонија, а Османи се заблагодарил за поддршката од Полска и истакнал дека земјава останува посветена на доследна имплементација на реформската агенда, како и на активностите за унапредување на добрососедските односи, со посебен фокус врз Бугарија, преку спроведувањеа на акцискиот план за интензивирање на секторската соработка и отстранување на постоечките разлики.

Османи истакнал дека, покрај реформите и мулти-секорската соработка, посебен акцент ќе биде ставен на надминувањето на разликите со „нашите пријатели од Бугарија“.

„Во овој контекст, искажувам благодарност за традиционалниот повеќедецениски пристап и поддршка од Република Полска, како и на целата В4 група, која во континуитет даваше безусловна поткрепа на нашиот евроинтегративен пат“, рече Османи, мислејќи на четирите земји од Вишеградската група – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка.

„Морам да нагласам дека европската интеграција има позитивно влијание на процесот на трансформација на нашето општество, а згора на тоа претставува и трајна инвестиција во мирот и стабилноста на Западен Балкан, а со тоа и на цела Европа и е во интерес на сите земји-членки поединечно“, истакна Османи.

Министерот Рау ја уверил во цврста поддршка на неговата земја за започнувањето без одлагање на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ и рекол дека недвосмислен консензус околу ова прашање постои и на ниво на Вишеградската група, со која Полска претседава до 30 јуни.

Рау вели дека Полска е во првите редови на „адвокати“ на Северна Македонија и посакува оваа година да почнат преговорите за пристапување на земјата во ЕУ.

„Полска цврсто стои на ставот дека процесот на пристапување мора да биде радикално забрзан и ние мораме што е можно побрзо, а најдобро оваа година да ги отвориме првите поглавја со Северна Македонија и потоа ритмички да ги затвараме. Ние сме под обем позитивен впечаток за реформскиот процес на Владата во Република Северна Македонија кои го приспособуваат политичкиот и општествениот систем на земјата кон стандардите на ЕУ, како и за обемот на транспортирање на законодавството со ЕУ во системот на земјата, кој е импресивен. Ви дискусијата за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан, а во тие рамки и Северна Македонија, Полска е во првите редови на адвокати за пристап на земјата. Убеден сум дека пристапувањето на земјите од Западниот Балкан не е само корисно само за тие 6 земји, туку е корисно и неопходно за стабилноста и кохезија на земјите од цела Европа. Доколку европската перспектива им биде затворена на овие земји или задоцнета во тоа што на англиски го нарекуваме “soft spot”, таму ќе влезат екстерните влијанија кои нема да ги промовираат европските вредности”, порача Рау.

Посебен акцент во разговорот бил ставен на соработката во рамките на ОБСЕ, со која Полска ќе претседава во текот на 2022 година.

За време на престојот во Варшава, шефот на дипломатијата, Османи имал и одделна средба со претседателот на комисијата за надворешни и ЕУ работи во полскиот Сенат, Богдан Клих со кој се дискутирало исто така за претстојната европска агенда на Северна Македонија.