!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Протестот за „Диво Насеље“ мирен, се скандираше „УЧК“


Скопје, 5 ноември, 2017 - 14:54 (META) 

Со скандирања, во кои главно се слушале „УЧК“, под силно полициско обезбедување, заврши протестот против пресудите за „Диво Насеље“. Нема забележани инциденти.

Во толпата што тргна од плоштадот Скендер-бег и се упати кон Основен суд Скопје 1, каде беше изречена пресудата за обвинетите, се слушаа скандирања, од кои предничеше „УЧК“. Иако првично беше најавено дека ќе се оди и до Собранието на Република Македонија, тоа не се случи, туку од плоштадот, поворката се упати кон судот.

Протестот беше поддржан од семејствата на обвинетите, кои на плоштадот Скендер-бег се обратија пред помала група поддржувачи. Толпата беше под силно полициско обезбедување.


ОНА ја презеде одговорноста за проектилите истрелани во зградата на Водно


Приштина, 3 октомври, 2015 - 11:12 (META) 

ОНА, преку коминике потпишано од извезен командант Куштрим, ја презеде одговорноста за испуканиот проектил на 28 септември во стамбениот комплекс „Соравија ресорт“ на улицата Тодор Александров на Водно, објавија неколку косовски медиуми.

„Со одлука на главниот штаб, успешно е извршена акција на 28 септември 2015 година, во 17.45 часот, од специјалната единица на ОНА во гнездото на злоделата над албанското население во МВР и во околината, испукани се 12 гранати како продолжение на нападот од 27 септември 2015 година, над инспекторот Ариф Асани – предавник на албанскиот народ. Никола Груевски, Сашо Мијалков и сите тие што помагаат против албанскиот народ сега веќе имаат причина за да се плашат за нивната и за безбедноста на нивните деца од единиците на ОНА кои се способни за реализација на задачи во секој град од Македонија“, пишува во соопштението.

Во соопштението се бара и ослободување на затворениците на ОНА од 2003 година и на оние од трагичниот настан во Диво Насеље во Куманово. ОНА преку соопштението предупредува дека нападите ќе се пренесат на територии населени со „славомакедонци“.

Командант Куштрим досега неколкупати преку соопштенија ја преземаше одговорноста за испуканите проектили во зградата на Владата на Република Македонија.

komunike


Москва е загрижена од нападот на караулата во Гошинце


Москва, 23 април, 2015 - 10:46 (META) 

Нападот врз караулата во Гошинце зборува за континуираните етнички тензии во регионот, соопшти руското министерство за надворешни работи.

„На ситуацијата влијае, пред сè, сериозниот недостиг од владеење на правото и од безбедност во Косово, што претставува очигледна последица од нерешавањето на косовскиот проблем во целина. Не може да се игнорираат и сè почестите великоалбански пароли во регионот. Сметаме дека напорите на властите во Македонија за воспоставување на редот во проблематичниот регион на земјата ќе ја добијат неопходната меѓународна поддршка“, пишува во соопштението на руското министерство за надворешни работи.


МНР на Косово го осуди нападот на полициската станица во Гошинце


Приштина, 22 април, 2015 - 9:58 (META) 

Министерството за надворешни работи (МНР) на Косово го осуди нападот на полициската станица во Гошинце.

Во соопштението се наведува дека веста за нападот била примена со голема загриженост. Во него, исто така, стои дека најостро се осудува секој акт на насилство врз органите на редот на Република Македонија и истовремено се апелира на професионална и нееднострана истрага.

Официјална Приштина искажува подготвеност да им помогне на македонските авторитети за да се откријат сторителите на овој акт.

„Република Косово, како фактор на стабилност во регионот, одлучно останува на ставот за унапредување на климата на добрососедство, почитувајќи ги суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Македонија, како соседна земја, како и целосната имплементација на Охридскиот договор“,  пишува во соопштението на косовското МНР.


Жителите од липковскиот регион не се изненадени од инцидентот


Куманово, 21 април, 2015 - 19:28 (META) 

Жители од липковскиот регион велат дека не се изненадени од инцидентот бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела група и вршела одредени притисоци“, јави „Дојче веле“.

– Добро е што состојбата е мирна. Засега нема никаква вознемиреност, но факт е и дека многу од граѓаните сè уште не знаат што се случило. Генерално, во целиот изминат период, состојбата на ова подрачје беше мирна и без никакви инциденти досега – вели Садула Дураку, градоначалникот на Липково.

Спротивно од тврдењето на градоначалникот, за локалните жители не е изненадување тоа што се случило, бидејќи речиси цел месец во тој реон „се движела поголема непозната група и вршела одредени притисоци“.


СДСМ: Нерасветлувањето на инцидентите отвора можност за тензии


Скопје, 21 април, 2015 - 17:46 (META) 

СДСМ најостро го осудува инцидентот во липковскиот регион.

Oд партијата посочуваат дека нерасветлувањето на инцидентите од безбедносен карактер за кои информира власта последниов период, отвора можност за различни шпекулации и за тензии.

„Сериозно се сомневаме во капацитетите на институциите кои се партиски испостави на власта. Ги повикувме граѓаните на воздржаност и да не подлегнуваат на какви било режирани сценарија“, се вели во соопштението на СДСМ.


Котевски: Комуницираме и со косовските и со српските власти


Скопје, 21 април, 2015 - 17:43 (META) 

Теренот околу караулата Гошинце, која ноќеска беше нападната, се обезбедува и се создаваат услови за непречено и безбедно одвивање на увидот, изјави попладнево помошник-министерот за односи со јавностa во Министерството за внатрешни работи, Иво Котевски.

Како што пишуваат медиумите, направени се контакти со косовските власти и се очекува утре да се одржат состаноци на највисоко ниво.

Комуникација и состаноци ќе има и со српските безбедносни структури.


ВМРО-ДПМНЕ за Гошинце: Да не се подгреваат тензиите!


Скопје, 21 април, 2015 - 17:40 (META) 

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ најостро го осуди терористичкиот настан во селото Гошинце.

Од партијата повикуваат институциите да го расчистат овој случај, а граѓаните да останат смирени.

„Повикуваме институциите одлучно и решително да постапат за расчистување на овој случај и да ја обезбедат законитоста, сигурноста и стабилноста по сите основи. Граѓаните да останат смирени и да не дозволат реализација на сценарија, чија цел е дестабилизација на земјата и загрозување на редот и на поредокот“, се вели во реакцијата.

ВМРО-ДПМНЕ смета дека сите политички чинители, поединци и партии треба одговорно да се постават во овие моменти, да се воздржат од манипулации и да не подгреваат тензии кои се единствено во теснопартиски и лични интереси.


Познат идентитетот на дел од напаѓачите во Гошинце!?


Куманово, 21 април, 2015 - 17:04 (META) 

Извесен „командант“ Џеваир Адеми, од Гњилане, според неофицијални информации, бил водачот на групата што утрово ја зазела караулата „Гошинце“, јавува „Утрински“.

Според весникот, логистичка поддршка напаѓачите имале од извесен Фарук, а во групата, наводно, биле препознаени браѓата Ерхан и Кадир Бајрами. Сите иднетификувани биле од Гњилане, Косово.

Од МВР засега не ги потврдуваат овие информации, но за весникот оттаму рекле дека споменатите од порано им биле познати на македонските, но и на безбедносните служби од соседството.


УЧК презема одговорност за гранатирањето на Владата


Скопје, 13 април, 2015 - 14:38 (META) 

Паравоената Ослободителна народна армија, во јавноста попозната како УЧК, ја презема одговорноста за гранатирањето на Владата што се случи во петокот вечерта, пишува приштинскиот весник „Коха диторе“.

Според весникот, соопштението со кое се презема одговорност е потпишано од засега непознат командант Куштрими.

Досега Владата беше погодена со три гранати во два засебни напади.

Од полицијата велат дека двата напади се случиле од ист правец, а во инцидентите немаше повредени.