Апелацискиот суд Штип изрече нов притвор за градоначалникот на Ново Село


Штип, 30 јули, 2018 - 16:22 (META) 

Апелацискиот суд суд во Штип ја прифати жалбата на Основното јавно обвинителство Струмица на укинувањето на мерката притвор за градоначалникот на Ново Село, Боро Стојчев, и останатите осудени и им изрече притвор до правосилноста на пресудата.

Во средата Основниот суд во Струмица го осуди актуелниот градоначалник на Ново Село на година и пол затвор, а неговиот син и внук добија казни од една година затвор. Сопругата на градоначалникот доби условна казна од една година поради здравствени причини.  Полицијата ги фати на месноста Попова Чука близу границата при обид за шверц на цигари.

По изрекувањето на пресудата судијата им ја укина мерката притвор, по што обвинителството се жалеше, па штипска Апелација им изрече притвор до правосилноста на пресудата, односно до 60 денови.


Поднесено обвинението против градоначалникот на Ново Село и соучесниците


Струмица, 18 јули, 2018 - 14:16 (META) 

Основното јавно обвинителство Струмица денеска до судот доставило Обвинителен предлог против градоначалникот на општина Ново Село, Боро Стојчев, неговата сопруга, синот и двајца соучесници и ги гони за криумчарење.

Притоа, за четиримина од обвинетите е поднесен предлог за продолжување на притворот.

Обвинетите се товарат дека на 10 јули 2018 година, избегнувајќи ја царинската контрола, пренесувале цигари во голема вредност.

Првин двајца од обвинетите во селото Ново Коњарево во две теренски возила натовариле 66 картонски кутии во кои имало 32.980 кутии цигари од марката „Калипсо“. Како што соопшти полицијата на 11 јули, тоа биле градоначалникот и неговиот син. Потоа тие  заедно со уште двајца обвинети со возилата се упатиле по полскиот пат кон селото Бадилен, продолжиле кон граничниот појас помеѓу Македонија и Бугарија каде петтиот обвинет кој ги чекал, имал задача да го надгледува теренот за да извести за евентуално присуство на полицијата.

При пристигнување во местото Попина Чука, на два километри од границата, биле откриени и фатени од полициски службеници.​


Министерот Љупчо Николовски договорил помош од Русија за Фитосанитарната инспекција


Москва, 5 февруари, 2018 - 16:28 (META) 

Во рамки на официјалната тридневна посета на Москва, денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, имал работна средба со министерот за земјоделство на Руската Федерација, Александар Ткачов, на кој се разговарало и за експертска помош од страна на Русија за македонската  фитосанитарна инспекција, согласно потпишаниот Меморандум за соработка, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Македонскиот министер на средбата посочи дека Владата на Република Македонија, ќе ја продолжи поддршката на македонските компании за промоција на нашите земјоделско-прехрамбени производи на рускиот пазар, преку поддршка за нивен настап на најголемите саеми во Москва, како што е актуелниот „Продекспо“ и „Светот на храната“. Министерот Ткачов, порача, Македонија да продолжи со промоција и збогатување на асортиманот со нови македонски производи, за кои има интерес на пазарот во Русија.

Извозот на македонски земјоделски производи во Русија бележи континуиран пораст во изминатите неколку години, а носечки производи се праските, доматите, зелката, сливите, цигарите. Извозот на земјоделско-прехранбени производи од Република Македонија во Русија во 2017 година изнесува 30,2 милиони евра. Русија е заинтересирана за извоз на житарици во Македонија, а најмногу за извоз на пченица.


„Империал тобако“ ќе го зголеми oткупот на тутун за 9 проценти


Скопје, 14 јуни, 2017 - 13:34 (META) 

Тутунската индустрија во Македонија е една од носечките во македонската економија и постојаното инвестирање го зголемува потенцијалот за развој на сите субјекти во синџирот, од производителите до дистрибутерите и до продажбата.

Ова денеска го порача претседателката на управниот одбор на „Империал тобако“ за Јадранскиот Регион, Пиа Барборич-Јурјашевич.

Денеска беше претставена инвестицијата од 1,8 милиони евра во нова, современа производствена линија во фабриката во Скопје, што е втора ваква во целата групација на „Империал тобако“, на глобално ниво.

„Империал тобако“ ТКС е најголемиот производител на цигари на пазарот, а досега извезува повеќе од 40 проценти од вкупното производство, и тоа во Русија и на пет пазари во регионот.

Во 2016 година компанијата откупила околу 2.000 тони квалитетен македонски тутун, додека за оваа година се планира зголемување на откупените количества за околу 9 проценти.


Трошоците за живот се зголемени минимално


Скопје, 7 јуни, 2017 - 14:02 (META) 

Трошоците за животот во мај во споредба со истиот месец лани се зголемиле за 1,2 отсто, објави Државниот завод за статистика.

Минимално зголемување на трошоците има и во однос на претходниот месец, од 0,7 отсто.

Зголемувањето на трошоците е забележано кај свежото и разладеното овошје за 13,2 проценти, свежиот и разладен зеленчук освен компирот за 12,6 проценти, сувото овошје и јаткастите производи за 2,5 проценти, рибата и морските плодови за 1,3 отсто, цигарите за 1,2 отсто и друго.

Во мај, исто така, зголемување на трошоците за животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 8,7 проценти, болничките услуги за 1,2 отсто, патниот сообраќај за 0,9 отсто и друго.


Македонците пушат по 18-19 цигари дневно, четврти сме во светот


Скопје, 19 април, 2017 - 13:33 (META) 

Македонија е при врвот на листата од 184 земји според потрошувачката на цигари и се наоѓа на високото четврто место. Според табелата на „Википедија“, пред нас се само Црна Гора, Белорусија и Либан.

Според слободна проценка на директорот на пазар за Македонија, Косово и за Албанија на „Империал тобако“, Кирил Величковски, пак, Македонците пушат по 18-19 цигари дневно.

Но, иако нашата држава е високо на листата на држави каде што најмногу се пуши, потрошувачката на цигари во Македонија од 2013 година бележи пад од два до четири отсто годишно.

Според Величковски, тоа се должи на промената на законската регулатива, ценовните политики, здравствениот аспект и на економската моќ на луѓето.

Овој пад е во рамките на европскиот просек, бидејќи во Европа постои пад на консумацијата на тутун во последните 15 години и тоа помеѓу два и шест отсто.

Врз намалување на пушењето, според Величковски, влијание имала и кампањата со фотографии на пакувањата на цигари, кои укажуваат на штетноста од пушењето.

„Имеприал тобако“ во Македонија постои 15 години, има инвестирано околу 33 милиони евра во осовременување на технолошкиот процес и во иновации. Компанијата е најголем производител на пазарот, при што извезува 42,6 проценти од производството и тоа во Русија и на пет пазари во регионот. За оваа година планирано е само извозот на рускиот пазар да достигне 30 отсто од производството.

Во компанијата се произведуваат шест брендови цигари за домашниот пазар со 60-процентен пазарен удел.


„Империал тобако“: Поскапувањето на цигарите беше интерна одлука


Скопје, 19 април, 2017 - 13:14 (META) 

„Врз последното поскапување на цигарите влијаеше пристапот на нашата компанија кон пазарот, нејзино позиционирање и градењето на портфолиото. Во овој случај акцизата не беше фактор кој влијаеше на промената на цената“, одговори директорот за корпоративни и за правни работи на „Империал тобако“, Стеван Вранеш, на новинарско прашање во врска со последното поскапување на дел од цигарите за пет денари.

Тој не одговори дали ќе има ново поскапување на цигарите во јуни, кога според календарот на зголемување на акцизите, повторно треба да поскапат за четири денари.

Вранеш додаде дека кога ќе има зголемување на акцизата, тоа не значи дека цигарите нужно ќе поскапат веднаш, туку поскапувањето може да биде одложено и зависи од одлуките на секоја компанијата.

„Формирањето на малопродажната цена на цигарите е комплексен процес врз кој влијаат повеќе фактори. Освен акцизата, влијаат и цената на тутунот, на материјалите, запазувањето на регулаторна рамка која подразбира приближување кон законите на ЕУ“, изјави Вранеш.


Цигарите ќе поскапат за три денари од 1 јули


Скопје, 28 јуни, 2016 - 11:45 (META) 

Цигарите ќе поскапат за три денари од први јули, како резултат на зголемување на акцизата за три денари по кутија.

Зголемување на цената на цигарите последен пат беше направенo во февруари годинава, кога цигарите поскапеа за пет денари.

Ова поскапување од први јули е за последен пат годинава, а од следната година цигарите ќе поскапуваат за четири денари по кутија.


Полицијата спречила шверц на 1.500 штеки цигари без бандероли


Пехчево, 26 јуни, 2016 - 15:23 (META) 

Полициски екипи од Регионалниот центар за гранични работи Исток, во петокот оваа недела спречиле обид за шверц на поголемо количество цигари без бандероли на границата меѓу Македонија и Бугарија.

Како што соопшти денеска МВР, во петокот, околу 5 часот, во близина на местото Чемериков преслап, во близина на Пехчево, полициски екипи забележале џип без регистарски таблички, кој се движел по земјен пат кон местото Бреза, близу државната граница.

При обидот да го запрат џипот, двете лица што биле во него успеале да побегнат, а возилото го оставиле во близина на границата.

Во џипот, според МВР, биле пронајдени 1.505 штеки цигари од марките „грација делукс“ и „сани слимс“.

По спроведената истрага, полицијата го уапсила О.К. од Берово за кого постојат сомневања дека бил во возилото во кое е пронајдена акцизната стока. По другото лице полицијата сè уште трага.


Сопственичка на фирма од Виница осомничена за фалсификување пари


Виница, 4 декември, 2015 - 14:34 (META) 

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднела кривична пријава против З.А. (36), која се товари за фалсификување пари, соопшти полицијата.

Осомничената, според полицијата, откако набавила една фалсификувана банкнота од 100 евра, на 30 октомври оваа година ја пуштила во оптек, односно при набавка на цигари за нејзината фирма во Виница на дистрибутерот му платила со лажната банкнота.