[ФОТО] Не помина ни месец, една од кутиите за отпушоци во Тетово украдена, другите преполнети со отпад

Фото: Мета.мк, главната фотографија направена на 31-ви јануари, останатите 22-ри февруари

Не помина ниту еден месец откако активистичката асоцијација „Мултикултура“ од Тетово на неколку места во градот ги постави „гласачките кутии“ за собирање на отпушоците од цигари, а веќе една од нив недостасува, додека останатите се  преполни со секакви отпадоци, освен со отпушоци од цигари.

Мета.мк на терен забележа дека една од кутиите веќе ја нема на поставената локација. Инаку, активистите ги сместија кутиите на четири различни локации низ Тетово.

Лево 22-ри февруари, десно 31-ви јануари, фото: Мета.мк

Тие беа поставени на 31-ви јануари, а денеска во нив можеа да се забележат разни други отпадоци и само по некој отпушок. Сепак, разочарувачки е да се погледне дека во полните кутии има отпадоци од амбалажи на храна и пијалоци, додека околу нив се расфрлани бројни отпушоци, коишто долго чекаат да бидат исчистени.

Фото: Мета.мк

На секоја група кутии беше поставено по едно од прашањата „Кој е најдобриот играч на светот?“; „Кој е најдобриот тим во светот?“; „Која е најдобрата марка на цигари?“ и прашањето за омилена марка на кола од „Мерцедес, БМВ или Ауди?“. Идејата е граѓаните со фрлање на отпушокот да гласаат со што ќе го дадат својот одговор на прашањето напишано на кутијата.

„Овие кутии беа поставени со цел да се подигне свеста на граѓаните и да се намали бројот на фрлени отпушоци и да започне да се решава проблемот. Сега ние немаме никаков коментар“, велат од активистичката асоцијација „Мултикултура“.

На терен забележавме дека недостасува кутијата што ја претставуваше марката „Ауди“, која веројатно е украдена, а другите две се поместени од местото каде што беа првично поставени.