На порталот „Отворени финансии“ ќе се следи трошењето на парите на граѓаните


Скопје, 18 април, 2018 - 15:38 (META) 

Министерството за финансии во соработка со Меѓународниот републикански институт (ИРИ) подготвуваат портал „Отворени финансии“ кој што треба да биде пуштен во употреба кон крајот на годината.

Овој портал ќе содржи податоци за трошењето на парите на граѓаните, односно за што се трошат парите, колку и кон која институција се вршело плаќање од буџетот и слично.

Во првата фаза ќе бидат достапни податоците за буџетските корисници на централно ниво, а потоа и на единиците на локалната самоуправа.

Податоците ќе бидат објавени во лесно достапни формати кои подоцна ќе бидат лесно обработливи.

Министерството за финансии користи искуство од Албанија и Словенија, а податоците би биле објавувани на секои две недели.

Овој портал е во рамките на Акцискиот план за Стратегијата за управување со јавните финансии, со која Министерството за финансии сака да го подобри управувањето со јавните финансии, но и транспарентноста на трошењето на парите на граѓаните.

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.


Владата го прошири опсегот на функционери што треба да кажат колку трошат


Скопје, 18 април, 2018 - 9:37 (META) 

Вчера Владата донела одлука најдоцна до 20 јуни годинава директорите и замениците на директорите на самостојните органи на државната управа, на органите во состав на министерствата и на инспекцискиот совет, на своите веб – страници да ги објават податоците за нивите службени трошоци за периодот од 01.12.2014 до 31.05.2015 година и за периодот од 01.12.2017 до 31.05.2018 година.

Истото им се укажува да го сторат и директорите и замениците на директорите на јавните претпријатија, правните лица со јавни овластувања и акционерски друштва во државна сопственост.

Со тоа се проширува досегашниот опсег на функционери и именувани раководни органи што треба да покажат отчетност пред јавноста.

„Обврската за објава на службените трошења, на долг рок ќе обезбеди ефикасност во работењето на институциите, како и зголемена одговорност на власта која работи транспарентно и отчетно без злоупотреба на државните ресурси“, соопшти Владата.

Истовремено, биле разгледани и усвоиени Правилници за мерките од Планот за економски пораст на Владата – столб 3. Правилниците се однесуваат на следните 4 мерки: Финансиска поддршка на мали и средни претпријатија со тенденција на брз пораст („Газели“), посебна финансиска поддршка за микро претпријатија, финансиска поддршка на микро, мали и средни претпријатија за подобрување на иновативноста, како и зафинансиска поддршка за стручно усовршување и пракса за нововработени млади лица.

Во исто време, Владата ќе формира работна група за следење на реализацијата на мерките од столб 3 од Планот за економски пораст.

На предлог на премиерот е прифатена иницијативата да се формира Национално координативно тело за изедначување на правата на лицата со попреченост , кое ќе функционира во рамките на Владата. Обврската за формирање ваков орган произлегува од Меѓународната Конвенција на ОН за заштита на правата на лицата со попреченост, која Република Македонија ја има ратификувано во 2011 година.


„Метаморфозис“: Податоците за трошењата ќе бидат покорисни во машински читлив формат


Скопје, 27 март, 2018 - 16:15 (META) 

Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ ѝ препорачува на Владата на Република Македонија да ги објави во машински читлив формат податоците за трошоците на министерствата и другите институции од централната власт.

„Метаморфозис“, која е една од граѓанските организации што цврсто се залагаат за примена на принципите на доброто владеење, отчетност, транспарентност и отвореност, го поздравува потегот на Владата да ја воведе електронската алатка за прикажување на трошоците, но напоменува дека податоците што се презентираат преку неа, заради подобра анализа, треба да ги овозможи и во машински формат.

„Потсетуваме дека за целосно исполнување на принципите на отчетност, транспарентност и отвореност потребно е податоците да се објават на начин и во форма кој ќе овозможи нивна додатна анализа и користење од страна на сите заинтересирани страни, особено од страна на македонските даночни обврзници за чии пари всушност се однесуваат самите податоци“, порачуваат од „Метаморфозис“.


Владата ќе ги објави податоците за трошењата на функционерите во машински читлив формат


Скопје, 23 март, 2018 - 15:43 (META) 

Владата планира да ја објави целата дата-база на трошоците на носителите на јавни функции во машински читлив формат на нејзиниот веб-сајт, најави за „Мета“ портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

– Концептот на „отворени податоци“ и е важен на оваа Влада и ќе работиме да отвораме податочни сетови создадени од институциите, кои би биле корисни за граѓаните – вели Бошњаковски, одговарајќи на прашањето од „Мета“ дали податоците од Алатката за отчетност за трошоците на функционерите ќе бидат објавени и во машински читлив формат.

Тоа ќе овозможи различни анализи со помош на софтвер, што податоците објавени на Алатката сега не го овозможуваат.

Овој дел од веб-страницата на Владата ги презентира трошоците преку визуализации, кои се подредени по еден урнек, и овозможуваат да се избере прегледување по категории трошоци, по функционер и по институција.


Поповски презентираше алатка за отчетност: Потрошивме двојно помалку од претходниците


Скопје, 21 март, 2018 - 13:15 (META) 

Помалку од двојно државни пари потрошиле функционерите на оваа влада во првите шест месеци од стапувањето на функцијата, во однос на функционерите на претходната влада по преземањето на функциите во 2014 година, информираше денеска министерот за комуникации, транспарентност и отчетност Роберт Поповски.

Анализата на софтверот (vlada.mk/otchetnost-troshoci), кој претставува Алатка отчетност за трошоците, покажува дека 60 функционери во Владата предводени од Зоран Заев за шест месеци (1 јуни -1 декември 2017), вкупно потрошиле 21.890.462 денари (355.942 евра), а владата на Никола Груевски за период од (1 јуни-1 декември 2014) година потрошила 44.909.835 денари (730.242 евра)

– Поединечно, Никола Груевски како тогашен премиер потрошил 5.183.102 денари (84.278 евра) во период кога од дома ги креираше и ги диктираше политиките. Премиерот Зоран Заев во првите шест месеци од владеењето со динамична меѓународна агенда потрошил 2.918. 932 денари (47.462 евра). Тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески потрошил 1.753.132 денари, додека сегашниот министер Горан Сугарески ,77.972 денари. Тогашниот министер за финансии, Зоран Ставрески во тој период потрошил 2.619.357 денари, а сегашниот Драган Тевдовски 583.170 денари – изјави Поповски.

Поповски апелираше сите функционери кои користат државни пари во работењето, односно од локална самоуправа, пратеници, обвинителство да го следат овој пример и да објавуваат како ги трошат парите на граѓаните.

– Посебно сакам да апелирам на користење на наративниот дел од софтверот, во кој треба текстуално да се опише за што биле потрошени парите. Претставуваше сериозна тешкотија да се убедат луѓето од администрацијата да ги дадат податоците, посебно за периодот од 2014 година. Овие бројки веруваме дека се прецизни, можеби се случиле отстапки затоа што некои информации недостасуваат – објасни Поповски.

Тој додаде дека за сите овие функционери, следниот извештај ќе биде објавен на 31 мај годинава, кога ќе истечат вторите шест месеци од работењето. Очекува дека во иднина, податоците ќе се апдејтираат на месечно ниво.


Тантуровски: Нема да поднесам оставка затоа што не чувствувам одговорност


Скопје, 2 март, 2018 - 14:21 (META) 

Јас не чувствувам одговорност, не бев посочен како одговорен ниту во извештајот и од тие причини немам намера да поднесам оставка, изјави за „А1 он“, претседателот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Игор Тантуровски, по обелоденувањето на скандалот за трошењето во Комисијата.

– Извештајот беше направен за интерна употреба, но целта на неговото објавување во јавноста беше единствено да се дискредитира Комисијата и нејзините членови. Тоа што беше објавено е парафразирано и е далеку од вистината. Целта на извештајот беше да се дадат препораки за тоа како да се постапува за одредени недоследности – рече Тантуровски.

Тој тврди дека случувањата во последните денови се политички притисок врз него и работата на Комисијата. Тој гарантира дека нема корупција во Антикорупциската комисија. Тантуровски рече дека извештајот не може да биде официјално споделен со јавноста.

Ревизорскиот извештај на УЈП за работата на Комисијата, што беше објавен во медиумите, покажа дека некои од членовите користеле неверодостојни патни налози за кои им биле исплаќани патни трошоци.

Дополнително, како ненаменско трошење буџетски пари се посочуваат и трошоците за ручеци и вечери во ресторани, што членови на Комисијата ги правеле при патување во странство, како и трошоци за изнајмување стан.

Ревизијата се однесува на составот на Комисијата на чело со претседателот Игор Тантуровски и членовите Фарие Алиу, Горан Миленков, Жаклина Дамческа, Најдо Спасевски, Сузана Таскова-Аџикотарева и Сејди Халили, кои на оваа функција во ДКСК се од април 2015.


ОЈО ќе го истражува трошењето пари во Антикорупциска


Скопје, 1 март, 2018 - 13:45 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека, по допрен глас, оформило предмет за трошењето на буџетски средства од страна на членовите на Државната комисија за спречување на корупција.

„По објавите во медиумите, обвинителството презема дејствија за утврдување на фактите во предметот, за прибирање на податоци и на потребната документација од Управата за јавни приходи и други релевантни институции“, велат од ОЈО.


Институциите не ги спроведуваат препораките од ревизорите за финансиското работење


Скопје, 24 јануари, 2018 - 13:33 (META) 

Државните институции имплементирале многу малку препораки од Државниот завод за ревизија по контролите на нивното финансиско работење, информираше портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски.

Затоа, на владина седница било заклучено дека ќе бидат преземени поригорозни мерки за да се подобри ефикасноста на контролата на трошење на јавните финансии.

– Многу малку препораки се имплементирани по завршувањето на ревизиите. Се носат заклучоци, но институциите покажуваат слабост во имплементацијата на препораките – рече Бошњаковски.

Тој додаде дека Владата го задолжила Министерството за финансии да подготви стратешки документ насловен „Политика за јавна внатрешна финансиска контрола за период 2018 – 2020 година“ преку кој треба да се утврди слабоста во работењето на институциите и да се зголеми отчетноста за трошењето на парите.


Горгиева: Новата Влада ќе гради, нема да краде и ќе враќа стари долгови


Скопје, 5 август, 2017 - 13:36 (META) 

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Цуклев, на расправата за ребалансот на буџетот во Собранието кажа дека целта е да се задоволат две основни популистички ветувања од страна на СДСМ, а тоа се укинување на радиодифузната такса и обезбедување на средства за минимална плата.

За задолжителната минимална плата од 12.000 денари тој рече дека ќе направи дискриминација помеѓу стопанските субјекти и вработените.

Цуклев, исто така, ја обвини власта дека земјоделците се соочиле со скапување на родот по нивите, имало неоткупена пченица, а ги спомна и пожарите за кои кажа дека во Поречието изгореле 70 проценти од боровата шума.

– Се крати на капитални инвестиции за да не се признаат успешните економски политики на претходната влада и дека проектите се добри за граѓаните и за општеството – изјави Цуклев.

Пратеничката на СДСМ, Милева Горгиева, на ова одговори дека опозицијата „ја болат успесите на новата реформска влада“.

– Ја замајувате јавноста со депонијата во Струга за која веќе се издвоени средства за решавање на проблемот. Пожарите постоеле и ќе постојат, надлежните го решаваат проблемот и ситуацијата е под контрола. Зарем заборавате на тоа што Дирекцијата за заштита и спасување изминатите години потрошила 13 милиони евра – изјави Горгиева.

За задолжувањето, таа рече дека новата влада мора да ги враќа долговите на претходната, за што постојат големи камати.

За изградбата на автопатиштата, Горгиева кажа дека се проневерени 140 милиони евра и во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ изградени се само седум километри автопат.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, најави продолжение на седницата во 15.30 часот.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати на припадниците на АРМ


Скопје, 25 јули, 2017 - 11:57 (META) 

Расипничкото владеење на ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати во АРМ, но Владата обезбеди сигурни плати и ја намалува стапката на задолженост, се вели во реакцијата на СДСМ на соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во неа се додадва дека ниту едно „празно соопштение“ на ВМРО-ДПМНЕ не може да го сокрие нивното 11-годишно „тајно и расипничко задолжување за луксузирање и за криминално богатење на Никола Груевски и неговите соработници на сметка на осиромашените граѓани.“

„Расипничкиот однос кон парите на граѓаните од страна на ВМРО-ДПМНЕ ја загрози и исплатата на плати на припадниците на АРМ, како и одржувањето на мировните мисии во странство. Поради неодговорниот однос на претходната влада, во Министерството за одбрана недостигаа околу 100 милиони денари за плати, осигурувања и за дополнителен ангажман. Преку ребалансот на буџетот и со рационализацијата на трошоците, обезбедени се парите за целосна и навремена исплата на обврвските кон припадниците на АРМ“, се вели во соопштението на СДСМ.