Усвоен ребалансот на буџетот, Бесими вели ќе има повеќе пари за здравство, пензии и плати

-

Собранието на Република Северна Македонија денеска го усвои ребалансот на буџетот за 2021 година, што, според министерот за финансии Фатмир Бесими значи повеќе приходи во буџетот, повеќе средства за капитални расходи, за мерки за поддршка на стопанството и граѓаните поради ковид-кризата, за здравството, земјоделството, за редовна исплата на плати и пензии и социјални права.

Вкупните приходи со измените и дополнувањата на Буџетот на РС Македонија за 2021 година се планирани на ниво од 222,5 милијарди денари и истите се за околу 10 милијарди денари или за 4,7 отсто повисоки во однос на иницијалните проекции на Буџетот. Вкупните расходи се планирани на ниво од 268,8 милијарди денари или повисоки за 8,6 отсто, односно за околу 21,2 милијарди денари во однос на планот. Планираните приходи и расходи, претпоставуваат дефицит во износ од 46,2 милијарди денари, односно 6,5 отсто од БДП.

„Ребалансот за 2021 е одраз на економските состојби, грижа во поглед на користење на јавните средства и нивно насочување кон реализација на поставените таргети, како и посветеност во справувањето со пандемијата“, рече министерот за финансии Фатмир Бесими во образложението на ребалансот на Буџетот.

Дополнителни три милијарди денари се обезбедени за земјоделскиот сектор, 685 милиони денари за заштита на животната средина преку новата Програма за зелен развој, дополнителни 416 милиони денари за социјалниот сектор за исплата на надоместоци за детска заштита и социјални права, 200 милиони денари за средства за студентски оброк, како и за поврат на ДДВ 880 милиони денари.

Капиталните расходи се планирани на ниво од околу 30 милијарди денари или за 5,7 милијарди денари повисоки во однос на планот за 2021 година. Со измените и дополнувањата на Буџетот за 2021 година извршено е редизајнирање на расходите со поголемо учество на капиталните расходи во вкупните расходи при што порастот од 24 отсто на капиталните расходи е резултат на обезбедување на потребните средства за реализација на дел од мерките на Владата, како што се 615 милиони денари за бескаматни кредити преку Развојната банка за најпогодените сектори, 300 милиони денари за кредитна гарантна шема преку Развојната банка, 610 милиони денари за формирање Фонд за поддршка на извозни компании преку Развојната банка, 500 милиони денари капитални расходи за ИПАРД рурален развој, 90 милиони денари за инвестиции во спортски објекти, 60 милиони денари за социјална населба во Струмица и 120 милиони денари за клучката Словенечка, 55 милиони денари за детски градинки и социјални центри, 123 милиони денари за реконструкција на јавните здравствени установи, посочуваат од Министерството за финансии

„Буџетот е ликвиден. Има одлична реализација на приходите, што беше еден од основите на ребалансот, а расходите се реализираат редовно и навремено во рамки на предвидувањата и очекувањата. Приходите од почетокот на годината имаат раст од 15,6 отсто во однос на истиот период лани“, вели Бесими.

Над 1000 деца од Тетово уживаа во изведба на бајката „Петар и волкот“ на два јазика

Над 1000 деца од Тетово уживаа во двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“ на македонски и албански јазик. Националната установа „Музички Ансамбл” Тетово го реализираше вториот проект...