Многу држави мобилизираат огромни суми во своите кризни фондови со цел справување со кризата, а на јавноста, граѓанското општество и медиумите мора да им биде обезбедена слобода во набљудувањето и евалуацијата на тоа како се трошат јавните ресурси. Како што соопшти „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, UNCAC Коалицијата ги повикува владите да обезбедат висок степен на транспарентност во нивното справување со здравствената и економската криза предизвикана од Ковид-19 пандемијата, со цел нивните заложби да бидат поефикасни и да ги намалат последиците предизвикани од корупција и измами.

– Во ова време на криза, кога граѓанските слободи се ограничени, и системот на спреги и кочници е ослабнат, повеќе од било кога е неопходно да се обезбедат транспарентност и анти-корупциски принципи на Конвенцијата на ОН против корупција и нивно спроведување – изјави Матијас Хутер, директор на UNCAC Коалицијата.

„Транспаренси Интернешнл – Македонија“ потсетува дека во справување со Ковид-19 пандемијата, голем број влади преземаа мерки да се ограничи транспарентноста и јавниот пристап кон информации.

– За време на корона кризата, пристапот до информации е поважен од било кога, поради тоа што јавноста мора точно да знае што нивната влада прави за справување со кризата, и да се осигура одговорност во нивните одлуки. Пред сè, владите не смеат да ја користат пандемијата како можност да ја покријат нивната неспособност, корупција или поширока злоупотреба на човековите права – вели Дејвид Банисар, претседател на UNCAC Коалицијата и претседател на Транспарентност.

Деновиве и Центарот за граѓански комуникации предупреди дека поради вонредната состојба со корона вирусот и наметната потреба од итни набавки на стоки, услуги и работи поврзани со заштита и превенција на ширењето на заразата, овие набавки, во согласност со Законот за јавни набавки, се спроведуваат со директно преговарање со фирмите, односно преку постапка со преговарање, без објавување оглас и на институциите не им е потребно претходно мислење од Бирото за јавни набавки.