fbpx

Министерството за одбрана ги бара парите за комуналии за воените станови

-

Општина Карпош и Градот Скопје да му вратат 10 милиони денари на Министерството за одбрана, за комуналиите за воени станови, бара ресорната министерка Радмила Шекеринска, по чиј налог во 2017 година е стопиран проектот „АРМ мој вистински дом“.

Државниот завод за ревизија смета дека треба да се преиспита оваа одлука поради парите кои веќе се потрошени. Со проектот требаше во скопската касарна „Илинден“ да се градат станови за припадниците на АРМ. Иако почна пред повеќе од шест години, досега е ставен само камен-темелник, во октомври 2016 година.

„Ревизијата смета дека постои потреба од преиспитување на одлуката за ставање во мирување на проектот имајќи ја предвид вредноста на средствата кои се веќе потрошени во периодот 2013-2016 , односно 12.646.000 денари, како и преземените обврски од договорите во износ од 60.647.000 денари за кои се можни судски постапки поради нивно неизвршување“, наведува Државниот завод за ревизија.

Според ревизорите, МО за проектот на 12 јуни 2013 склучило договор за  изработка на проект за изградба на зграда за колективно домување во вредност од 26.451.000 денари, на 13 мај 2015 година договор за ревизија на основен проект за станбена зграда  85 илјади денари, на 7 септември 2016 година склучило договор за вршење градежни работи во вредност од речиси 60 милиони денари, а на 26 септември договор за вршење надзор на градежни работи во вредност од околу 1,4 милион денари. За колуналии на општина Карпош и Град Скопје им биле платени повеќе од 10 милиони денари за комуналии.

Шекеринска во одговорот до ревизорите навела дека можноста за купување стан со субвенции на припадниците на АРМ им била дадена со законски измени во 2010 година, а Владата дури во 2016 година донела Програма за изградба на станови на припадниците на АРМ.

–  После цели 7 години од донесување на измените во Законот за слуѓба во АРМ не беше изграден ниту еден стан, а со анализа на можностите и интересот за наредниот период констатирано е дека врз основа на постоечката регулатива (законска и интерна) продолжувањето на проектот не е можно – наведува министерката.

По преземањето на функцијата во 2017 година, Шекеринска од стручните служби и од Генералштабот побарала оценка на можноста и потребата за реализација на проектот.

– Беше сугерирано, за да се спречи натамошно трошење на буџетски средства со крајна неизвесност за оправданоста на трошењето да се стопира овој проект се до изнаоѓањето на сеопфатно и применливо решение – објаснува Шекеринска.

Министерството за одбрана по нејзин налог побарало општина Карпош и Град Скопје да ги вратат уплатените износи на име на комунални трошоци, во износ од 10.039.000 денари. Постапката, според министерката, е во тек.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Контраспин: Силјановска не ги седна пензионерите во ложата на „Мапет шоу“

Контекстот во кој претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ ја кажа репликата за „Мапет Шоу“, беше сосема поинаков од оној што го претстави СДСМ. Самата реплика воопшто не се однесуваше на...