fbpx

Генералниот секретаријат и да сака, не може да троши 700 милиони евра

-

Тврдењето на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека Генералниот секретаријат на Владата имал дискреционо право да троши 700 милиони евра годинава, искажано во смисла дека Владата не сакала да се откаже од своите намери да троши и во услови на криза, е невистина. Генералниот секретаријат како стручна служба на Владата нема свој буџет, туку се потпира на буџетот на Владата, а тој е далеку помал од она што го тврди Николоски, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски на една од националните телевизии зборуваше за економските политики на власта и предлозите на опозицијата, при што изрече констатација која е невистинита:

ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи мерките кои што се во корист на граѓаните, кога ќе дојдат во Собрание ние ќе гледаме една по една мерка и ќе се изјасниме за да не се случуваат манипулации.  На пример задолжувањата се манипулативни, не кратат од дискреционите овластувања, продаваат евтина пропаганда за намалување на плати во одредени сектори на администрација, ама не сакаат да намалат од скоро 700 милиони евра кои ги има Генералниот секретаријат кои ги има како дискреционо право на трошење оваа година. Двајца поранешни генерални секретари на оваа влада на СДСМ и ДУИ се пред суд заради криминал и продолжуваат да им оставаат по 700 милиони евра годишно. Оттаму да скратат цела криза ќе се реши, изјави Николоски.

[Извор: ВМРО-ДПМНЕ Извадок од интервју на А.Николоски; датум: 16.10.2022]

 

Образложение:

Александар Николоски во констатацијата што ја анализираме тврди дека Владата и владејачкото мнозинство манипулираат со антикризните мерки, дека не штеди согласно прокламираното, дека во пропагандни цели најавува мерки за штедење на администрацијата, но дека во исто време оставила Генералниот секретаријат при Владата да троши речиси 700 милиони евра во текот на 2022 година.

Не сакаат да намалат од скоро 700 милиони евра кои ги има Генералниот секретаријат како дискреционо право на трошење оваа година. Двајца поранешни генерални секретари на оваа влада на СДСМ и ДУИ се пред суд заради криминал и продолжуваат да им оставаат по 700 милиони евра годишно, вели Николовски во интервјуто за Сител ТВ во рамките на вестите.

Ваквото тврдење на Николовски е невистина, затоа што ниту една официјална бројка, пред сè од Буџетот на РСМ, не одговара ни приближно на кажаното, а и ГС нема такви надлежности да управува со толкави пари.

Николоски не појаснува за јавноста дека ГС нема сопствен буџет, туку тие спаѓаат под буџетот на Владата, затоа што така се институционално и поставени. ГС е стручно тело на Владата и така е дефинирано и на самата веб-страница на Владата, а формиран е согласно Законот за Влада:

Генералниот секретаријат е стручна служба на Владата која обезбедува логистичка и стручна поддршка на: Владата во целина, на Претседателот на Владата, неговите заменици и министрите, а со цел за законито, ефикасно и транспарентно работење на Владата. Основан е во 2000 година со Законот за Владата.

Во член 40-а од Законот за Влада прецизно се дефинираат надлежностите на Генералниот секретаријат како стручно тело кое ѝ помага на Владата логистички и е задолжено за комуникацијата со другите органи на државна управа при спроведувањето на политиките од програмите на Владата. Во став два од овој член се наведува:

2) Генералниот секретаријат обезбедува координација и стручна поддршка за потребите на Владата, претседателот на Владата, неговите заменици, како и на членовите на Владата во остварувањето на нивните надлежности; остварува соработка и координација со министерствата и другите органи на државната управа и за прашањата за стратешките приоритети на Владата и посебно за спроведувањето на Рамковниот договор, го координира предлагањето, донесувањето и следењето на извршувањето на Годишната програма за работа на Владата; ги обезбедува неопходните информации и стручни совети и мислења во врска со креирањето и анализа на политиките на Владата; оперативно ја следи и известува Владата за остварувањето на заклучоците на Владата; обезбедува ефикасна подготовка и одржување на седниците на Владата и на нејзините работни тела, обезбедува информации за јавноста; ги координира активностите во врска со спроведување на реформата на јавната администрација остварува соработка со Стручната служба на Собранието на Република Македонија, на Претседателот на Република Македонија и со стручните служби на други органи на државната власт, како и невладините организации и други правни лица; остварува управување со процесот на работењето, врши други стручни и логистички работи утврдени со Деловникот, како и други работи кои ќе ги определи претседателот на Владата и Владата.

Како што може да се види, никаде не се наведува дека ГС располага со буџет или со пари кои може да ги доделува со дискрециски овластувања, надвор од оние кои се предвидени за спроведување на некои од Програмите на Владата што се прави со парите од Буџетот на РСМ, во делот за буџетот со кој располага Владата.

А при преглед на Буџетот на РСМ, поточно на Ребалансот на Буџетот, на стр. 207, под разделот 04001, Влада на РСМ, може да се констатира следната состојба:

  • Проекцијата за трошоците на Владата на РСМ во првичниот Буџет за 2022 година изнесувале 8.723.479 милијарди денари, а со ребалансот се зголемени на 13.893.173 милијарди денари плус дополнителна милијарда од донации, па вкупните расходи на Влада се проектирани на 14.657.682 милијарди денари или претворено во евра по средниот курс на Нардона банка од 61,5 денари за евро, вкупната сума е нешто над 238,3 милиони евра.

Со други зборови, овие 238,3 милиони евра се севкупната сума која теоретски може да ја троши Владата и таа е трипати помала од износот (700 милиони евра) за којшто Николоски тврди дека Генералниот секретаријат го има како дискреционо право на трошење оваа година. Да напоменеме и дека од овие пари на Владата (238,3 милиони евра) се финансираат разни потпрограми, од поддршка за информатичко општество преку поддршка за печатени медиуми, финансирање на Комитет за истрага на авионски и други несреќи, па сè до најголемата сума за расход, а таа е Мерки за справување со ковид-19 и други антикризни мерки која го зема лавовскиот колач од над 9 милијарди денари или околу 151,6 милиони евра.

Според погоре посочените аргументи може да се оцени дека тврдењето на Николоски дека Генералниот секретаријат располага со близу 700 милиони евра за трошење според дискрециони овластувања е невистина. И ова не е прв пат Николоски да го тврди ова. Истото тврдење, но попрецизно, дека ГС располага со 660 милиони евра, тој го кажа и во интервју за Радио Слободна Европа на 5-ти јуни 2022 година, што може да се види на агрегаторот на вести Тајм.мк.

 

Извори:

 

Оцени: Теофил Блажевски

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нови 46 нови случаи на пертусис, од нив 9 се хоспитализирани

Во периодот од 12 до 18 април, пријавени се 46 нови случаи на голема кашлица, со зголемување од 4,5 отсто споредено со претходниот седмодневен период, информира одделот за епидемиологија...