!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Партиите имале 1,4 милиони евра, а потрошиле 3,1 милиони евра за кампањата


Скопје, 12 декември, 2016 - 12:11 (META) 

За време на изборната кампања, политичките партии потрошиле двапати повеќе пари од што имале приходи. Вкупните приходи на сите политички партии изнесувале 88.314.902 денари (1.436.015 евра), а расходите биле 195.501.767 денари (3.178.890 евра).

Ова денеска го соопшти „Транспарентност Македонија“ при презентирање на резултатите добиени од надзорот на трошењата на политичките партии во периодот од 1 до 9 декември и од анализата на вторите финансиски извештаи што политичките партии ги доставија до надлежните институции.

Најголем дел од трошоците политичките партии ги имале за телевизиски рекламни кампањи, митинзи, средби со граѓани и за печатење пропаганден материјал.

Она што останува непознато е сумата потрошена за рекламирање на интернет, кое политичарите го плаќале лично наместо од изборната сметка.

– Голема сума пари останува во сивата зона на рекламирањето на интернет. Не знаеме колку пари се потрошени за кампањи на интернет. Политичарите овие трошоци ги покриваат од лични сметки, а не од изборната сметка. Интересно е што во албанските печатени медиуми, рекламирањето е платено од поединци, односно од министри, а не од партија. ДУИ, а и други албански политички партии, имаат прикажано нула трошоци за реклами во печатени медиуми – изјави првиот човек на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.

Според неа,  личното спонзорство од страна на политичар кој не настапува како самостоен кандидат, туку е дел од политичка партија и коалиција, е прекршок.

Според финансиските извештаи за периодот од 1 до 9 декември, кои партиите ги доставиле до надлежните институции, а во поглед на бројот на објави на националните телевизии, ВМРО-ДПМНЕ се огласувала најмногу, а СДСМ иако помалку се рекламирал, тоа повеќе го чинело. Тасева вели дека овој феномен треба посебно да се истражува.

Голема е разликата помеѓу вкупните приходи (294.825 евра) и расходи (1.905.898 евра) на ВМРО-ДПМНЕ и на Коалицијата за живот во Македонија и според претседателката на „Транспарентност Македонија“, треба да се види како таа дупка ќе се пополни.

Финансиски извештај до надлежните институции не доставила ПДП.

Проекцијата на „Транспарентност Македонија“ е дека политичките партии повеќе потрошиле од што прикажале, а тоа ќе се утврди по затворањето на изборната сметка, 30 дена по изборите, и по доставувањетo на финалните финансиски извештаи.


Партиите не прикажале расходи за комунални, комуникациски и транспортни услуги


Скопје, 5 декември, 2016 - 14:14 (META) 

Голем дел од политичките партии немаат прикажано расходи за комунални и за комуникациски услуги, како и расходи за превоз и транспортни услуги, покажува извештајот на „Транспарентност Македонија“, која врши надзор на трошењата од буџетите и на политичките партии во предизборниот и изборниот процес.

– Осум политички партии немаат прикажани расходи за комунални услуги и за греење, а исто толку партии (коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ, коалиција ВМРО за Македонија, коалиција Алијанса за Албанците, ПДП, ЛП, ДПА) немаат прикажано расходи за комуникациски услуги, кои реално се трошоци. Исто така, голем дел од партиите немаат прикажано расходи за превоз и транспортни услуги, како и за престој во хотелите додека се одржуваат митинзи во другите градови –вели претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева.

Она што паѓа в очи од финансиските извештаи што партиите ги доставиле до надлежните институции  е што расходите на СДСМ до денар се совпаѓаат со донациите што ги имаат од членовите, а за ВМРО-ДПМНЕ треба да се види од каде ќе се покрие дупката, односно тоа што расходите им се шестпати поголеми од приходите.

– Она што не може со сигурност да се утврди е колку пари се потрошени за рекламирање на интернет, бидејќи тоа не се плаќа од изборната сметка, туку од картичка. Притоа се прикажува дека некои од партиите имаат прикажано само 10.000 денари за рекламирање на веб-страниците, што не се совпаѓа со ценовниците на тие медиуми кои веќе ги имаат доставено до ДИК и таа сума, според реалната фактичка состојба, е мала – додава Тасева.

Извештајот на „Транспарентност Македонија“ покажува дека во првите единаесет дена од изборната кампања, СДСМ и Коалицијата за живот во Македонија потрошиле 58.817.400 денари (956.380 евра), а ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подобра Македонија – 55.558.600 денари (903.391 евра).

Овие два партии најголем дел од средствата ги потрошиле за пропагандни материјали и за реклами на телевизија. СДСМ и коалицијата, за печатење пропагандни материјали, потрошиле 21.560.000 денари (350.569 евра), за реклами на телевизија 16.262.400 денари (264.429 евра). ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, за пропаганден материјал потрошиле 22.792.000 денари (370.601 евра), за рекалми на телевизија 13.050.000 денари (212.195 евра).

– ДУИ најмногу средства потрошиле за рекламирање 8.544.000 денари (138.296 евра) и за митинзи 1.250.000 денари (20.325 евра), додека за пропаганден материјал средствата се нула. Коалицијата ВМРО за Македонија, вкупно потрошила 13.544 евра за рекламирање на телевизија, а 2.536 евра за митинзи – изјави Тасева.

Според финансиските извештаи на партиите доставени до наделжните институиции, Тасева вели дека ДУИ најголем дел од донациите ги има од компаниите, а ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ од физички лица и финансирањето засега е во дозволените законски рамки.

Според неа, финансирањето на партиите треба да биде одвоено од финансирањето на кампањата бидејќи станува збор за коалиции, а многу често има прелевање на средства од партиите за финансирање на кампањата.

Во случајот со ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за подбра Македонија, пари на изборната сметка се влеваат само од ВМРО-ДПМНЕ.


Партиите кријат од каде ги финансираат кампањите, кои чинат околу 1 милион евра


Скопје, 15 ноември, 2016 - 13:02 (META) 

Американскиот претседател Доналд Трамп во изборната кампања потроши 600 милиони долари, додека неговата противкандидатка Хилари Клинтон трката ја чинеше повеќе од 1 милијарда долари. Во Македонија, пак, за изборните кампањи на кандидатите на најголемите политички партии за претседателските избори во 2014 година беа потрошени околу еден милион евра.

За изборната кампања за Ѓорге Иванов, ВМРО-ДПМНЕ потрошиле 878.781 евра, покажува нивниот финансискиот извештај.  СДСМ, пак, изборната кампања за претседател го чинела речиси четирипати помалку или само 282.193 евра.

Претседателски избори 2014 година 

ВМРО – ДПМНЕ        878.781 евра

СДСМ                          282.193 евра

Финансиските извештаи за кампањите за предвремените парламентарни избори во 2014 година покажуваат дека владејачката партија потрошила околу 1,5 милиони евра, а СДСМ близу 200.000 евра.

Парламентарни избори 2014 година (вкупно)

ВМРО – ДПМНЕ       1,5 милиони евра

СДСМ                         200.000 евра

Претседателката на „Транспарентност Македонија“, Слаѓана Тасева, за „Мета“ вели дека главен проблем во однос на финансирањето на изборните кампањи од страна на партиите е тоа што извештаите не ја прикажуваат состојбата реално, односно не се прецизирани детално влезот и излезот на парите.

„Трошат многу повеќе пари од што реално прикажуваат, а не се знае како ги покриваат минусите на сметките. Државните институции не утврдуваат докрај дали кредитите што ги зеле партиите се вратени, дали фактурите што им се издадени се платени, бидејќи имаше и такви случаи. Институциите не постапија докрај и не се утврди како е покриен минусот. Исто така, потребно е да се утврди и легалноста на трошењето на парите на партиите кои се наменети за нивно работење, а не само за покривање на минусот“, вели Тасева.

На прашањето дали тој минус се покрива и со исплати од страна на државата врз основа на освоени гласови, таа смета дека тоа не е доволно, бидејќи тој минус на сметките е голем.

Исто така, во финансискиот извештај на владејачката партија за парламентарните избори во 2014 година, наведени се само приходите од членарина. Во ставката расходи, стои дека најмногу пари (1,2 милиони евра) се потрошени за реклами и за пропаганда.

Опозицијата, пак, за ова намена потрошила само 121.045 евра.

Парламентарни избори 2014 година (за реклами)

ВМРО – ДПМНЕ       1,2 милиони евра

СДСМ                         121.045 евра

Според анализата на Центарот за истражувачко новинарство „Скуп“, симптоматичен е и начинот на кој партиите се рекламираат во медиумите. Државниот завод за ревизија утврдил прекршување на изборниот законик за политичко рекламирање во медиумите, бидејќи цената на услугата искажана во фактурата за политичко рекламирање доставена од еден радиодифузер е за 50 проценти пониска од цената утврдена во ценовникот за политичко рекламирање.

Иако со закон е предвидено, нема регистар на донации за да се види кои се луѓето што донираат, колку донираат.

Аналитичарите, исто така, сметаат дека Државната комисија за спречување на корупција по изборите има право да испита дали некој од донаторите на победничката партија имал привилегија за бизнисот поради тоа што донирал и дали некој од донаторите на опозицијата трпи штета поради тоа што донирал.

Изборниот закон сега дозволува рок до три месеци за партиите да ги поднесат финалните финансиски извештаи, што, исто така, остава доволно простор за „штимање“, за разлика од порано кога тој период изнесуваше еден месец.


Потребни се измени во Законот за јавни набавки за да се спречи фаворизирање на фирми


Скопје, 7 април, 2016 - 12:25 (META) 

„Транспарентност Македонија“ предлага да се измени Законот за јавни набавки и да се предвидат механизми за контрола врз целиот процес на јавни набавки, од објавување на огласот до изборот на понудувачот и целосната реализација на набавката, за да се спречи фаворизирање на одредени фирми. Со тоа, според нив, би се отежнала можната корупцијата во оваа област.

Тие, во последниот извештај за март ја посочуваат фирмата „Тетрагон МК“ дека склучила повеќе договори за јавни набавки со Општина Карпош и со Општина Центар.

– Склучувањето на повеќе последователни договори со една фирма за одредена јавна набавка може да создаде сериозно сомневање дека се работи за нејзино фаворизирање, што е спротивно на принципот на фер конкуренција и еднаков третман на сите понудувачи – се вели во извештајот на ТМ.

Во него, исто така, пишува дека „фирмата „Трансмет“, чиј сопственик, Сеад Кочан, се смета за близок до власта, има склучено повеќе договори за јавна набавка со Владата, министерства, агенции и со општини чии градоначалници се од редовите на власта, за милионски суми: за изградба на деловни објекти, автопатишта, за изнајмување машини за чистење реки, а оваа фирма беше вклучена и во проектот „Скопје 2014“.

– Друштвото за услуги „Секјурити груп сервисис“ (СГС) има склучено бројни договори за набавка на услуга обезбедување на имот и на лица, со јавни претпријатија, установи, агенции, банки, акционерски друштва за големи суми. Таа фирма најчесто се јавува како единствен понудувач што ги исполнува техничките спецификации дефинирани по „мерка“ на ова друштво, со што се обесхабруват и се елиминират другите фирми од оваа област да учествуват на така распишаните тендери – се вели во извештајот.


ТМ: Владата не се откажува од непродуктивното трошење на буџетот


Скопје, 4 март, 2016 - 13:21 (META) 

„На почетокот на 2016 година, предизборните трошења се сè поголеми. Владата и Министерството за финансии, иако се соочуваат со очигледни проблеми во обезбедувањето на финансиската стабилност на буџетот, не се откажуваат од непродуктивните трошења од државната каса. И транспарентноста за трошењето е на доста ниско ниво“ се вели во најновиот билтен на „Транспарентност Македонија“ за состојбите со корупцијата во февруари.

Според анализите на оваа институција, Владата, министерствата и агенциите што располагaат со најголем дел од буџетот, обезбедуваат и најмалку информации во огласите и во објавите. Нешто повеќе од 70 проценти од јавните објави не содржат податоци за финансиските импликации. Оттука, сето ова резултира со голем дефицит во буџетот за 2016 година.

– До февруари, буџетскиот дефицит изнесува нешто повеќе од 30 отсто од проектираниот буџетски дефицит од 308 милиони евра (3,2 отсто од домашниот бруто-производ). Ваквата динамика на реализација на буџетот за 2016 година го отвора прашањето дали Владата ќе ја почитува фискалната стратегија што самата ја предложи, во која стои намалување на буџетскиот дефицит почнувајќи од оваа година – се вели во извештајот.

Според ТМ, Владата и нејзиниот поранешен премиер и претседател на владејачката ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, во овој период не престануваат да водат популистичка политика во пресрет на предвремените парламентарни избори.

– Во овој контекст, треба да се подвлече дека претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, иако во моментов не е владин функционер, на граѓаните им ветува проекти кои воошто не се содржани во буџетот  за 2016 година. Дека средствата од буџетот, а со тоа и новите задолжувања, може да се употребат во предизборни цели, покажува и фактот што годинава Владата планира зголемување на платите во јавната администрација, зголемување на пензиите за 5 проценти и зголемување на социјалната помош за 5 проценти – се вели во извештајот.

Според ТМ, со зголемувањето на пензиите, се наметнува прашањето за одржливоста во финансирањето на Фондот за ПИОМ.

– ТМ, во јануари, ги нотираше финансиските тешкотии во кои се наоѓа овој фонд, но деновиве Светска банка излезе со релевантен извештај за состојбата во која се наоѓа фондот, директно поврзан со буџетот на државата, бидејќи дефицитот во фондот се алиментира од државната каса. Според Светска банка, нашиот пензиски систем е неодржлив на среден рок – се велат од ТМ и ги прашуваат министерот за финансии, Зоран Ставревски, и премиерот Емил Димитриев, кој ќе носи одговорност од ваквото лошо менаџирање со буџетот на РМ?


Владата, најголем огласувач во предизборниот период


Скопје, 23 февруари, 2016 - 14:56 (META) 

Во предизборниот период, најголемиот дел од огласите во медиумите, кои се однесуваат на одредени проектни активности (52 отсто), доаѓаат од Владата, а на второ место се тие од Министерство за труд и социјална политика (26 отсто).

Ова се вели во јануарскиот извештај на „Транспарентност Македонија“ и на Центарот за економски анализи, истражување кое е направено во рамките на проектот „Мониторинг на трошењата од буџетите и политичките партии во предизборниот изборен период“ .

– Од тоа може да се изведат два заклучоци: огромна централизација во планирањето и во спроведувањето на активностите во овој период од Владата, која објавува дел од објавените проекти, во однос на другите буџетски корисници и ад хок решенија кои не се покриени во планирањето на соодветниот буџет – стои во соопштението. 

Според истражувањето, мал дел од објавите содржат податоци за изворот на финансирање, а отстуствуваат и податоци врз која програма е заснован предвидениот проект.

– Од набљудувањето на структурата на објавите може да се забележи дека фокусот е на земјоделците и на социјално-ранливите категории, како и на студентите и на пензионерите. Дел од објавите се поврзани со веќе претходно завршени активности, пред шест или повеќе месеци (во случајов исплатата на субвенциите), што понатаму влијае врз јавното мислење во предизборниот период – се вели во истражувањето.

 


„Танспарентност“: Тендерите за обезбедувачи се кројат по мерка на СГС


Скопје, 10 февруари, 2016 - 14:47 (META) 

Агенцијата за обезбедување „Секјурити груп сервисис“ (СГС) ги има добиено речиси сите поголеми и поважни тендери распишани од државни и од јавни институции, бидејќи тендерите се распишуваат со услов што може да го исполни само оваа агенција, посочуваат од невладината организација „Транспарентност Македонија“ во својот билтен за минатиот месец.

Како најсвеж пример за ова, од „Транспарентност Македонија“ го посочуваат тендерот распишан од Јавното претпријатие „Нискоградба“ од Битола за ангажирање двајца чувари.

„Во објавениот оглас на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, еден од клучните критериуми е фирмата да достави доказ дека има минимум 250 вработени со легитимации за обезбедување“, стои во билтенот на „Транспарентност Македонија“.

Оттаму потсетуваат и на тендерот што во 2014 година го распишало Јавното претпријатие за државни патишта за обезбедување на наплатните станици на автопатиштата низ земјава, чии услови можела да ги исполни само СГС.

„Во тендерската документација биле предвидени услови кои можела да ги исполни само СГС и тоа: во редовен работен однос да имаат најмалку 500 извршители со валидни лиценци за обезбедување, потоа најмалку 300 службени легитимации издадени од Комора за обезбедување на имот и лица на Република Македонија, да поседува и да користи најмалку 30 патролни возила, 80 парчиња огнострелно оружје, 200 преносни комуникациски уреди и во последните три години да оствариле обрт од 100 милиони денари или околу 1,6 милиони евра. Вредноста на договорот изнесува 12 милиони денари без ДДВ или околу 200.000 евра“, велат од „Транспарентност Македонија“.

СГС е агенција за обезбедување за која во јавноста се претпоставува дека е во блиски врски со поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, што, како што велат од „Транспарентност Македонија“, од „бомбите“ што ги објави опозицијата се „потврдило дека не е шпекулација“.

„За само пет години од основањето, СГС стана доминантна во бизнисот со обезбедување, потиснувајќи ги зад себе сите други фирми“, велат од ТМ.


АЕК префрлала пари за аква-паркот, панорамското тркало, мајмуните и за „Сокол“


Скопје, 8 февруари, 2016 - 16:25 (META) 

Презентација на студии на случаи со ризици од корупција се одржа денеска во хотелот „Холидеј ин“. Агенцијата за меѓународен развој на САД (УСАИД) со поддршка од „Македонски центар за меѓународна соработка“ и од „Транспарентност Македонија“, презентираше четири студии чија цел е да се подобрат политиките за антикорупција преку анализи на состојбите и укажување на конкретни случаи.

Александар Колекевски заедно со Ана Чупевска се автори на студијата „АЕК – (не)зависно владино тело“. Оваа студија прави анализа на Законот за електронски комуникации кој, според авторите, е хиперрегулирачки и има тенденција да воведе авторитарна процедуралност, која е алатка за легализирање нелегитимни, па дури и илегални активности.

Во студијата се забележува дека АЕК го префрла вишокот пари во области кои се надвор од нејзините надлежности.

На пример, Агенцијата за електронски комуникаци (АЕК) иако непрофитно и независно регулаторно тело, префрлало пари за изградба на аква-паркот кај спортската сала „Борис Трајковски“ и за панорамското тркало. Исто така, дала донации за Агенцијата за катастар и за кошаркарскиот клуб „Сокол“, но и за финансирање на живеалиште за мајмуни во Зоолошката градина, за кое авторите на студијата велат дека Градот Скопје го промовира како свој проект.

„Премногу норми има во законот кои подоцна можат да се искорисат за да се прескокнат или заобиколат некои работи. Потенцијална можснот за перење пари“, сметаат авторите на студијата.

Другите учесници ги промовираа студиите „Откривање и санкционирање на случаите на судир на интереси и неспојливост на функцијата заради превенција од ризиците на корупција“, „Анализа на работењето на Државната комисија за спречување на корупција“ и „Бегалската криза помеѓу економските придобивки и ризикот од појва на мито, корупција и организиран криминал“.