Во предизборниот период, најголемиот дел од огласите во медиумите, кои се однесуваат на одредени проектни активности (52 отсто), доаѓаат од Владата, а на второ место се тие од Министерство за труд и социјална политика (26 отсто).
Ова се вели во јануарскиот извештај на „Транспарентност Македонија“ и на Центарот за економски анализи, истражување кое е направено во рамките на проектот „Мониторинг на трошењата од буџетите и политичките партии во предизборниот изборен период“ .
– Од тоа може да се изведат два заклучоци: огромна централизација во планирањето и во спроведувањето на активностите во овој период од Владата, која објавува дел од објавените проекти, во однос на другите буџетски корисници и ад хок решенија кои не се покриени во планирањето на соодветниот буџет – стои во соопштението.
Според истражувањето, мал дел од објавите содржат податоци за изворот на финансирање, а отстуствуваат и податоци врз која програма е заснован предвидениот проект.
– Од набљудувањето на структурата на објавите може да се забележи дека фокусот е на земјоделците и на социјално-ранливите категории, како и на студентите и на пензионерите. Дел од објавите се поврзани со веќе претходно завршени активности, пред шест или повеќе месеци (во случајов исплатата на субвенциите), што понатаму влијае врз јавното мислење во предизборниот период – се вели во истражувањето.