Jанева: Во ВМРО-ДПМНЕ комотно разговарале телефонски кога се прислушувало


Скопје, 29 август, 2018 - 14:59 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ најкомотно ги воделе телефонските разговори во периодот од 2008 до 2015 година додека траело незаконското прислушување во Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК). Ова на денешното презентирање на првиот преоден извештај на Мисијата на ОБСЕ го нагласи специјалната обвинителка Катица Јанева, извести МКД.

Обвинителката Јанева додаде дека од нејзините слушања на разговорите кои се дел од доказите во предметите на СЈО утврдила дека тогашната владејачка партија ги водела телефонските разговори на сите теми, додека тогашните опозиционери имале сомневање дека ги прислушуваат и биле претпазливи. Јанева додаде дека за нив нема индиции дека сториле кривични дела и дека треба кривично да се гонат.

Во врска со застареноста на кривичните дела, Јанева нагласи дека нејзиниот тим направил анализа и утврдил дека во тој дел сите предмети се добро покриени и дека нема опасност делата да застарат.

Извештајот е резултат на следењето на случаите на СЈО од страна на Мисијата, со фокус пред сè на 20 случаи во кои СЈО поднесе обвиненија до крајот на законскиот рок,30 јуни 2017 година.

За време на презентацијата на извештајот, в.д. шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Џеф Голдстајн, рече дека следењето на судењата на важните случаи се покажа како ефективна алатка за промовирање на спроведувањето на домашните и меѓународните стандарди за правично судење и поддршка за реформите во судството.

– „Присуството на набљудувачи во судницата често води кон подобро придржување кон меѓународните стандарди за човекови права. Ние исто така веруваме дека препораките на набљудувачите би можеле да придонесат за подобрување на правниот систем – вели Голдстајн.


Во Кривичен суд продолжува слушањето бомби за „Титаник“


Скопје, 20 август, 2018 - 9:38 (META) 

Во Основен суд Скопје 1, односно Кривичниот суд денеска продолжува слушањето на „бомбите” во предметот „Титаник” на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Преслушувањето почна во четвртокот, а продолжи во петокот со 106 од вкупно 1.063 „бомби“.

Досега на снимките се слушнаа разговори меѓу поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, поранешниот министер за транспорт Миле Јанакиески, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески, шефот на Кабинетот на поранешниот премиер Мартин Протуѓер и други лица околу изборната кампања за изборите во 2013 година.

Одбраната реагираше дека снимките немаат никаква доказна вредност, на што судијата Осман Шабани рече дека доказите се прифатени и ќе бидат изведени, а потоа судот ќе цени дали тие се однесуваат на кривичното дело или не.

За „Титаник“, СЈО има поднесено 5.910 материјални докази и предложено 191 сведок.

Обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните функционери Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска – Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска.


Во Кривичeн суд Скопје денеска судења за „Монструм“ и „Траекторија“.


Скопје, 23 мај, 2018 - 10:04 (META) 

Во Кривичниот суд во Скопје ќе се одржат рочишта за случаите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), „Монструм“ и „Траекторија“.

На рочиштето за „Монструм“ исказ  треба да дадатт двајца обвинети за петкратното убиство кај Смилковското езеро на 12 април 2012 година. На претходното рочиште повеќе од пет часа исказ даваа обвинетите Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири, кои се изјаснија дека не се виновни за монструозното убиство.

Овој случај е на повторно судење, кое почна на 16 мај, откако првичните пресуди против обвинетите беа укинати во декември минатата година од Врховниот суд, а сега обвинението го застапува СЈО.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

Во Судот денеска ќе се одржи рочиште и за случајот „Траекторија“, кој се обвинети се поранешниот премиер Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, екс-министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски. Тие се осомничени дека во втората половина на 2012 година и во текот на 2013 година презеле повеќе дејствија со кои во постапката за избор на компанија за изградба на автопатските делници Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања. Тие според СЈО, нанеле штета на државниот буџет од најмалку 155.117.172 евра и за истиот износ на компанијата изведувач и овозможиле да се стекне со имотна корист.

Груевски денеска во истиот суд треба да ја чуе пресудата во случајот „Тенк“, за набавката на луксузниот блиндиран „мерцедес“ вреден речиси 600.000 евра.


Денеска пресуда во „Триста“ за Ѓоко Поповски


Скопје, 22 мај, 2018 - 10:08 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска треба да биде прочитана пресудата за предметот „Триста“ на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во кој обвинет е поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски. Тој се товари за злоупотреба на службена должност во врска со јавната набавка на 300 возила за МВР.

Поповски пред Судот на минатото рочиште кажа дека не е виновен и оти постапката што се води против него сериозно влијаела на неговото здравје. Рече и дека во изминатиот период се соочил со многу закани, уцени и притисоци, а се пожали и дека добил отказ од МВР во сомнителна дисциплинска постапка.

Тој е е обвинет дека со јавната набавка на 300 возила за МВР го оштетил буџетот за 453.570 евра. Според СЈО, Поповски незаконски доделил договори за купопродажба и одржување возила на Порше Македонија ДООЕЛ Скопје, Ка-Дис ДОО Скопје, Бохемија Автомобили Роус ДООЕЛ Скопје, Колевски ДОО Скопје и Авто Куќа ДОО Скопје избрани како економски најповолни понуди.

Нови судски рочишта во Кривичниот суд денеска треба да се одржат за уште три други предмети на „Тарифа“, „Титаник 2“ и „Труст“.

Во „Титаник 2“, им се суди на на претседателот на ДПА, Мендух Тачи и на поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков. Се товарат за договарање на одлуки по приговорите до  во Државната изборна комисија (ДИК), во 2013 година, за заедно со нив се обвинети поранешните членови на ДИК Бедредин Ибраими, Анета Стефановска, Влатко Сајковски и Сашо Срцев.

Во „Тарифа“, за злоупотреба на службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“ за ЕЛЕМ и нанесување штета на компанијата од четири милиони евра, обвинети се Дејан Бошковски, поранешен генерален директор на АД ЕЛЕМ, Методи Стојменовски и Ненад Ѓорѓевски.

Во предметот на СЈО наречен „Труст”, обвинети се бизнисменот Сеад Кочан и уште две физички и три правни лица за договарање учество на тендер на ЕЛЕМ. Според обвинителите на СЈО, обвинетите Сеад Кочан, Василије Авировиќ и Сафет Ватиќ, како и фирмите „Трансмет”, „Силекс неметали” и „Вато” злоупотребиле приближно 1,06 милијарди енари, односно 17 милиони евра, пари на граѓаните.


На 22 мај пресуда за набавката на полициските возила


Скопје, 16 мај, 2018 - 12:31 (META) 

Специјалното јавно обвинителство денеска побара осудителна пресуда и затвор за помошникот-министер во МВР за јавни набавки, Ѓоко Поповски во судењето за случајот „Триста“. Откако финишираа завршните зборови на обвинителството и на одбраната, судијката Добрила Кацарска го закажа соопштувањето на пресудата на 22 мај, јави Алсат-М.

Според СЈО, на Поповски му се заканува казна затвор од 4 до 15 години за злоупотреби при набавката на 300 нови возила за полицијата.

Одбраната пак, побара Поповски да биде ослободен од обвинението, а тој самиот посочи дека целата постапка која се води приотив него сериозно влијаела на неговото здравје


Судот ги одби приговорите на Латас, откако претходно му даде транскрипти од „бомбите“


Скопје, 14 мај, 2018 - 14:59 (META) 

По неколку одложувања, денеска во Кривичниот суд почна судењето за предметот „Тотал“ на СЈО во кој обвинет е новинарот Драган Павловиќ – Латас.

На денешното рочиште беше прифатено како доказ вештачењето на Павле Гацов по наредба на СЈО, а во рамките на судскиот процес ќе биде сослушан и вештакот.

Претходно Судот не го прифати предлогот на адвокатите на Латас да не се изведуваат како докази на СЈО 40 „бомби“. Според судот, бомбите се влезени во правниот поредок и за тоа има решение на Апелациониот суд.

За разлика од тоа, барањето на адвокатите на обвинетиот да ги добие транскриптите од 14 прислушувани разговори, кои СЈО ги предлага како доказ во постапката, и покрај противењето на обвинителката Елизабета Јосифовска, која рече дека со тоа се одолговлекува постапката, беше прифатено и Латас ги доби транскриптите од разговорите.

Следното рочиште ќе се одржи на 30 мај.

Во предметот „Тотал“ обвинет е Драган Павловиќ – Латас, заедно со три фирми: „Тотал маркетинг“ ДООЕЛ, „Тотал медиа центар“ и „Медиамакс“, чиј што сопственик и управител е тој.

Според обвинението, Латас во периодот од 2008 до 2015 година одбегнувал плаќање данок, при што тој не пријавил лични приходи, набавката на опрема за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен. Дополнително, износите за набавките, не ги внесувал во годишните даночни пријави.


ВМРО-ДПМНЕ: Заев го „приватизира“ правосудството


Скопје, 9 мај, 2018 - 10:33 (META) 

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека власта ја продолжува партизацијата на судството, што, како што вели, го признал и премиерот Зоран Заев.

„Судот е заробен, а Специјалното јавно обвинителство работи по политичка нарачка на Зоран Заев. Цената на послушноста ја откри самиот Заев. Шефот за човечки ресурси во Основен суд Скопје 1, кој е и десна рака на претседателот на судот Иван Џолев, Горан Стаменковски е назначен за советник на Заев. Ќе зема пари кабинетот на премиерот за да биде линк помеѓу Заев и Џолев. Изгледа не беше доволно тоа што претседателот на судот стоеше во став мирно пред Заев кој е обвинет за тежок криминал и му се суди во Кривичниот суд“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата обвинува и дека Специјалното јавно обвинителство е под контрола на власта, како и дека институциите се користат за враќање на долговите на Зоран Заев кон поединци и групи.

„Заев ја држи државата во грч. Непотизмот и вработувањето по партиски клуч се начинот на кој функционира картелот. Веднаш по доаѓањето на власт видовме како градоначалниците на Битола, Неготино и Берово си ги вработија своите сопружници. АД ЕЛЕМ го претворија во место за згрижување на децата на функционерите, на државна плата во ова претпријатие картелот ги вдоми децата на Мирослав Грчев и Талат Џафери, како и сопругот на Магдалена Несторовска. Функција доби и синот на Љубомир Фрчкоски, кој беше именуван за раководител во АД за Стопанисување со станбен и деловен простор. Зарем ова е професионализацијата која ја ветуваше СДСМ? Ова не е професионализација ова е непотизам и партизација“, порачува ВМРО-ДПМНЕ.


Судењето за „Титаник 3“ никако да почне


Скопје, 8 мај, 2018 - 16:58 (META) 

И третиот обид да почне судењето за случајот на СЈО „Титаник 3“ заврши полу успешно.

Денешното рочиште на процесот за изборни нерегуларности во Чаир беше прекинато откако судијката Оља Ристова соопшти дека втората судијка Гордана Спировска добила итен повик од болница дека на нејзиниот сопруг, адвокатот Ефто Спировски од Скопје, му откажале сите витални органи, јави СДК.

Претходните две рочишта – на 27 април и 16 март се одложија поради неприсуството на адвокатот Еленко Миланов и на обвинетиот Ејуп Алими.

– Состојбата на сопругот на судијката Спировска е критична и таа мораше итно да замине од судот. Судењето продолжува во петок и од здравствената состојба на сопругот на судијката ќе зависи дали таа ќе продолжи понатаму во овој совет – рече претседателката на советот Ристова.

Во „Титаник 3“ обвинет се координаторот на пратеничката група на ДУИ Ејуп Алими и сопартиецот Исмет Гури за уништување избирачки материјал на локалните избори 2013 година.


Адвокатите во „Тенк“ побараа изземање на обвинителите, Јанева ги одби


Скопје, 8 мај, 2018 - 16:14 (META) 

Обвинителот од Специјалното јавно обвинителство (СЈО) Стевчо Донев на попладневното продолжение на рочиштето за предметот „Тенк“ до Кривичниот суд достави известување од специјалната обвинителка Катица Јанева дека нема законска основа за барањето на одбраната за изземање за него и за обвинителката Ленче Ристоска.

Обвинителот ваквото барање го оквалификува како чекор на адвокатите да се одложува јавната расправа и предложи судењето да продолжи. Судијката по неговото излагање сепак даде пауза, за да може одбраната да ги разгледа поднесоците од СЈО.

Одбраната го побара изземањето на Донев и на Ристоска во претпладневното продолжение на судењето, откако адвокатката Сања Алексиќ, која го брани Никола Груевски, ги прочита писмените докази на одбраната. Веднаш по барањето за нивно изземање, обвинителите Ристоска и Донев побараа пауза, а одбраната реагираше дека обвинителите немаат право да бараат пауза до донесување на одлуката за инивно изземање.

Судијката Добрила Кацарска сепак даде пауза до 14 часот, со што заврши претпладневниот дел од денешното рочиште.

На судењето присуствуваат обвинетите Никола Груевски и поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски. Во „Тенк“ е обвинета и поранешната министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, но постапката за неа е издвоена поради „ризична бременост“.

Тројцата се обвинети за набавката на луксузниот мерцедес од речиси 600.000 евра.


Одложено судењето за „Титаник“


Скопје, 2 мај, 2018 - 12:18 (META) 

Во Основен суд Скопје 1 денеска повторно се одложи рочиштето за предметот „Титаник“ и следното рочиште е закажано за 9 мај. Судијата Осман Шабани пред сите обвинети соопшти дека денешното рочиште се одлага затоа што Врховниот и Апелацискиот суд се уште не ги доставиле одговорите на барањето за изземање на в.д. претседателот на Апелацискиот суд и неговиот заменик, како и на претседателот на Кривичниот суд и и неговиот заменик.

Во случајот на СЈО „Титаник“ се обвинети поранешниот премиер Никола Груевски и поранешните владини функционери или функционери на ВМРО-ДПМНЕ Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска – Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски.

Осомничени се за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања во 2012 година.