Разговорите за иднината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) почнуваат денеска, со средба на работните групи на власта и опозицијата, кои беа формирани токму за оваа цел во согласност со договореното на претседателите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.

Иако ќе седнат на иста маса за да разговараат за предлог законот за јавно обвинителство и идниот статус на СЈО, власта и опозицијата имаат спротивставените ставови особено во однос на иднината на сегашниот прв човек на СЈО, Катица Јанева.

Мицкоски многупати напоменуваше дека Јанева за нив е неприфатлива и не може да остане на функцијата, додека Заев изјави дека специјалната јавна обвинителка и нејзиниот тим ја имаат неговата целосна поддршка.

Според најавите, работните групи на власта ќе ги предводат министерката за правда Рената Дескоска и нејзиниот заменик Оливер Ристовски, а на опозицијата адвокатот Тони Менкиновски.

Покрај тоа, се очекува да се разговара и за законите за Агенцијата за национална безбедност и за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во Република Северна Македонија. За овие два закона денеска ќе се одржи јавна расправа во собраниската Комисија за одбрана и безбедност.