!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Анима мунди“: Oдговорност за сопственикот на кучето што нападна деца во Аеродром


Скопје, 8 декември, 2017 - 13:55 (META) 

Здружението за заштита на животните, „Анима Мунди“ вели дека шесте лица, меѓу кои и четири деца, во општина Аеродром биле нападнати од расно куче. Од здружениеето бараат одговорност од сопственикот кој го пуштил кучето на слобода.

„Вината за овој настан е во неодговорните сопственици, во тие што го воспитале, односно го научиле кучето да напаѓа, а кои го пуштаат слободно да шета и на тој начин ја изложуваат јавноста на опасност. Во нив е целата одговорност и бараме итно да одговараат“, се вели во соопштението.

Тие велат дека првпат наидуваат на институционална подготвеност да се третира и да се надмине овој проблем, поточно интензивно се работи со Град Скопје за да се дефинираат хумани, применливи и ефикасни мерки што ќе го решаваат проблемот со бездомните кучиња и со стационарот Вардариште.


Избеган затвореник и баран криминалец од Србија, биле убиените од менувачницата


Скопје, 4 декември, 2017 - 15:08 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека во соработка со МВР е идентификуван и вториот разбојник што беше убиен во средата минатата недела, при обид да ограби менувачница во скопската населба Кисела Вода.

Тој е  граѓанин на Србија, по кого поради претходно сторени кривични дела била распишана потерница.

Според првичните сознанија на јавното обвинителство, македонскиот државјанин, кој вршејќи разбојништво настрада во менувачницата, бил осуденик кој од користење слободен викенд во март годинава не се вратил в затвор. Тој летово бил сторител на петнаесетина разбојништва во банки, менувачници и во обложувалници. Разбојништвата претежно ги вршел сам, но последниот пат се здружил со познатиот разбојник од Република Србија.

Во однос на постапката против сопственикот на менувачницата, кој по физичката пресметка со разбојниците пукал во нив и ги убил, обвинителството уште нема донесено дефинитивна одлука.


Заев за случајот „Фероинвест“: Покрај законите, важен е и етичкиот однос


Скопје, 14 септември, 2017 - 16:00 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, денеска не одговори на новинарско прашање дали ќе се повлече од сопствеништвото на неговите компании, во кои се и фирмата „Фероинвест“ која учествува на државен тендер на компанијата ЕЛЕМ и на компанијата ЕДС,, еден од најголемите трговци со струја.

– Стојам тука исправен пред вас и пред јавноста да ги разјаснам политиките на Владата. Фирмите имаат управители и менаџери и јас искрено немам време да комуницирам со нив. Ви порачувам ним да се обратите со сите прашања – одговори Анѓушев на новинарско прашање по прес-конференцијата, на која заедно со премиерот Зоран Заев го презентираше владиниот план за економски пораст.

По одговорот се уфрли премиерот Заев, кој ги повика новинарите внимателно да го следат процесот со тендерот за ЕЛЕМ и нагласи дека покрај законите, важен е и етичкиот однос.

– Важно ми е учеството на Анѓушев во Владата, но важно е тие компании да продолжат да функционираат и вработените да добиваат плати. Тоа е актуелна тема и јас ви порачувам да го следите процесот. Постојат закони кои верувам дека нема да бидат прекршени, но тоа не е доволно. Етичкиот дел е исто така важен. Не можеме да очекуваме дека луѓе кои се избрани како претставници од коморите ќе ги пуштат да пропаднат своите компании. Особено оваа е 90 отсто извозно ориентирана. Но, тоа не дава право да биде било што неетичко. Мора сè да биде транспарентно и отворено докрај – посочи Заев.

Одговарајќи на новинарско прашање за новиот центар за медиуми во Владата, премиерот објасни дека тој е изграден од претходната власт и колку и да изгледа тоа непријатно во време на лоша економска состојба, Владата е решена да користи сè што е платено и направено, оти во некои случаи уривањето би било многу скапо.

– Ако ова го урнеме, тоа можеби би чинело и 50 отсто од вредноста што е дадена за да се направи – рече Заев.


Со германски, грчки и со француски капитал ќе се приватизира солунското пристаниште


Солун, 25 април, 2017 - 14:44 (META) 

Нов сопственик на солунското пристаниште ќе биде конзорциум од германска, грчка и од француска компанија, во кој е вклучен и рускиот бизнисмен со грчко потекло, Иван Савидис.

Грчкиот фонд за приватизација ја избра понудата на конзорциумот составен од германската „Дојче инвест еквити партнерс“, „Белтера инвестментс“ на Савидис и од француската „Терминал линк САС“, кој понуди 231,9 милиони евра за преземање на контролата на 67 отсто од акциите на пристаништето и за негова приватизација.

Проценките на фондот за приватизација на Грција се дека финалната цена и инвестициите на пристаништето се многу повисоки и ќе достигнат околу 1,1 милијарди евра. Избраниот конзорциум треба да инвестира, покрај платената сума, и околу 180 милиони евра во следните седум години за унапредување на пристаништето, да ја плати сумата за преземање на акциите која ќе биде околу 170 милиони евра.

Одобрувањето на приватизацијата треба да добие зелено светло и од грчкиот парламент и ако успее да помине без проблеми, конзорциумот најрано би го презел солунското пристаниште кон крајот на летото.

Од „Белтера инвестментс“, компанијата на Савидис, во соопштението за преземање на пристаништето велат дека се надеваат оти тоа ќе биде клучен играч на Балканот, Европа и во светот, со своите услуги.

Савидис е еден од најактивните руско-грчки бизнисмени во државата. Сопственик е на клубот ПАОК, а успеа да добие и една од четирите телевизиски концесии во државата според новиот закон за медиуми, кој потоа падна на Уставен суд, а под негова капа е и луксузниот хотел „Македонија Палас“ на солунската ривиера.


Утврден идентитетот на сопственикот на сомнителното возило пред Амбасадата на САД


Скопје, 6 декември, 2016 - 9:52 (META) 

Министерството за внатрешни работи го утврдило идентитетот на сопственикот на возилото, марка „застава“, што вчера ги мобилизираше тимовите за антитероризам на МВР откако од Амбасадата на САД во Скопје било пријавено дека е можно во возилото, кое било паркирано пред амбасадата, да има експлозив.

„Утврден е идентитетот на сопственикот, но во врска со тоа нема да излегуваме со понатамошни детали бидејќи станува збор за лични податоци“, изјавија за „Мета“ од МВР.

Оттаму утрово потврдија дека нивните тимови утврдиле дека во возилото нема траги од експлозив, како што биле првичните сомненија, а по проверката тоа било однесено на понатамошни испитувања.

Од Амбасадата на САД утрово го потврдија инцидентот.

„Во изолиран инцидентот, амбасадата може да потврди дека постоело сомневање за возило, кое синоќа било паркирано на улицата пред амбасадата. Побаравме помош од МВР и единиците на МВР одговорија соодветно. Возилото беше отстрането без инциденти. За понатамошни детали за тековната истрага, контактирајте со МВР и ова нема никаква поврзаност со проблемите што ги имаме со нашите телефонски линии“, стои во соопштението од Амбасадата на САД во Скопје.

Вчера, околу 18 часот, од Амбасадата на САД во МВР пријавиле дека има сомнително возило пикап, марка „застава“, оставено пред влезот на амбасадата.

Безбедносните служби на амбасадата со посебна опрема го провериле возилото, при што утврдиле дека истото е позитивно на траги од експлозив.

Припадници на единицата за антитероризам при МВР веднаш излегле на терен и направиле проверка на возилото, но во него не е пронајден експлозив.

Инцидентот се случува пет ден пред одржувањето на предвремените парламентарни избори, закажани за 11 декември, и неполни два и пол месеци откако ненајавена вежба на припадници на полициската единица „Алфи“, на 15 септември, го активираше безбедносниот систем на амбасадата на САД.


Српската „Адриа медиа груп“ го купи „Слободен печат“


Скопје, 26 октомври, 2016 - 20:21 (META) 

Компанијата „Адриа медиа груп“ (Adria Media Group) го откупила контролниот удел во весникот „Слободен печат“ и со тоа стана доминантен сопственик во новата издавачка компанија „Адриа медиа Балкан“, која од денеска го издава дневниот весник „Слободен печат“, соопшти Бранко Героски, главен и одговорен уредник на весникот.

„Разговорите и преговорите со сопствениците на издавачкото претпријатие „Слободен печат ДОО“, кои се водеа во насока на преземање на контролниот удел заради понатамошен развој на издаваштвото и на производот, завршија успешно. Понатамошните активности на издавачот на дневниот весник „Слободен печат“ ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на изданието и кон понатамошно зголемување на неговата популарност. Поздравувајќи ги овие промени, редакцијата на „Слободен печат“ ќе вложи максимални напори да ги поддржи намерите на сопствениците за експлозивен развој на новата издавачка компанија, со уверување дека тие промени ќе придонесат и за сеопшт развој на медиумските слободи и на професионалните стандарди на новинарството во Македонија“, пишува во соопштението.

Kомпанијата е издавач на српскиот дневен весник „Курир“, на истоимениот портал (kurir.rs) и на повеќе други популарни печатени изданија, веб-портали и мобилни апликации.


Скопски бизнисмен осомничен за даночно затајување на околу 715.000 евра


Скопје, 29 декември, 2015 - 15:29 (META) 

Основното јавно обвинителство Скопје, по добиено известување од Управата за финансиска полиција, оформило предмет и издало наредба за спроведување истражна постапка против скопјанецот Ф.С., сопственик и управител на фирмата „Фарком инженеринг“, осомничен дека затаил данок од околу 44 милиони денари или околу 715.000 евра, соопшти Јавното обвинителство.

„Според добиеното известување, во периодот од 2010 до 2015 година лицето Ф.С. од Скопје, како сопственик и управител на Друштво за градежништво и трговија на големо и мало „Фарком инжењеринг“ ДООЕЛ Скопје, подигнал лично за себе парични средства во износ од 80 милиони денари без притоа да пресмета и да плати персонален данок од доход“, стои во соопштението на обвинителството.

Финансовото вештачење на финансиската и на сметководствената документација на фирмата, подготвено од Бирото за судски вештачења по наредба на надлежниот јавен обвинител, покажало дека осомничениот не пресметал и одбегнал да плати данок на додадена вредност, персонален данок од доход и данок од добивка.

„Според искажаните податоци во деловните книги, лицето во својство на сопственик, управител со неограничени овластувања, овластен потписник и одговорен за севкупното работење, давал лажни податоци за своите остварени приходи и за приходите на правното лице, не водел уредна сметководствена евиденција, не пресметал и одбегнал да плати данок на додадена вредност, персонален данок од доход и данок од добивка во согласност со законските прописи, со што нанел штета на буџетот на Република Македонија од околу 44 милиони денари“, стои во соопштението.

Од обвинителството додаваат дека на предлог на надлежниот обвинител, судија на претходна постапка на осомничениот му одредил мерка притвор од 30 дена.


Сопственикот на „Велково меанче“ и на „Кул“ тврди дека не добивал закани


Скопје, 2 јануари, 2015 - 16:20 (META) 

Сопственикот на кафеаната „Велково меанче“ и на кафулето „Кул“ , кои изгореа во пожар, во разговор со полицијата рекол дека не добивал закани или дека некој се обидувал да изнуди пари од него, пренесува телевизија „Телма“, повикувајќи се на информации од МВР.

Од МВР велат дека бил извршен увид и засега е рано да се кажат причините и да се претпоставува евентуална поврзаност на двата пожари.

Вчера попладне во пожар изгоре дел од потпокривот на „Велково меанче“, а утрово, околу 3 часот, целосно изгоре кафулето „Кул“ во ТЦ „Бисер“, во населбата Аеродром.