Се формира мрежа за иновативен туризам


Скопје, 14 мај, 2018 - 17:12 (META) 

Во рамките на проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) денеска се одржа првата конститутивна седница на мрежата за проширување и унапредување на стратешкиот и координиран пристап до нови и стратешки пазари за извоз на туризам за туристички бизниси и за подобрена комуникација и соработка.

Учесници беа претставници мали и средни претпријатија, владини агенции на централно и на локално ниво, стопански комори, стартери и граѓани, како и невладини организации и медиуми.

На првиот состанок беа разгледани активностите кои ќе доведат до постигнување на резултатите од проектот.

Сите учесници се подготвени да бидат активен дел од мрежата. На средбата беа презентирани и позитивните искуства на некои нови компании и бизниси кои ќе бидат поттик за сите други потенцијални членови.

Утре ќе се одржи првата конститутивна седница во регионот на Елбасан.

Проектот за зајакнување на иновативен туризам (СТЕП) партнерски го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, Центарот за регионален развој на Полог и Советот на округот Елбасан.


Албанија и Бугарија ќе се залагаат Македонија поскоро да влезе во НАТО


Охрид, 1 декември, 2017 - 19:27 (META) 

Албанскиот заменик-министер за одбрана, Петро Кочи, порача дека Албанија и Бугарија ќе бидат силни поборници Македонија што е можно поскоро да стане членка на НАТО и дека тоа не е важно само за народот на земјата, туку и за регионот во целина. Кочи беше на трилатерална средба во Охрид со македонската министерка за одбрана, Радмила Шекеринска, и со министерот за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов.

– Денеска ја изразивме нашата политичка волја да ја зајакнеме соработката во поглед на одбраната на ова трилатерално ниво и нашите тимови веднаш ќе почнат да подготвуваат планови за 2018 година. Кога се разговара, се наоѓаат и решенија и убедени сме дека и оваа трилатерала ќе ги помогне иницијативите што ги прават нашите влади – рече министерката Шекеринска по средбата.

Бугарскиот министер за одбрана, Каракачанов, рече дека потесната соработка меѓу Бугарија, Македонија и Албанија не ја опфаќа само економската соработка во однос на коридорот 8, туку може да се прошири и во областа на одбраната.

– Соработката во областа на безбедноста и на одбраната меѓу Бугарија и Албанија, кои се членки на НАТО, и Македонија, која сè уште не е, би докажала пред другите земји членки на НАТО дека Македонија е подготвена за членство во Алијансата и дека тоа треба да се оствари без одложување односно Македонија да стане 30. земја членка. Оваа соработка е и од економски интерес, а исто така би придонела и за поголема сигурност и безбедност на Балканот – рече Каракачанов.


Хан нè пофали: Вие сте најдобар пример за регионална соработка


Скопје, 20 ноември, 2017 - 16:21 (META) 

Еврокомесарот Јоханес Хан денеска ја поздрави иницијативата на Владата за затоплување на добрососедските односи, како и иницијативата за поголема регионална соработка.

„Дојдов во Скопје за да го видам направениот прогрес и да ги поддржам понатамошните реформи што ќе ни овозможат да дадеме јасна препорака за почеток на преговори. Ѝ честитам на Владата за нејзината иницијатива за регионална соработка. Тоа е најдобар пример во регионот“, напиша Хан на „Твитер“.

Тој за време на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев рече дека забележани се големи промени во земјата, кои се поттикнати од политичките промени и истакна дека е постигнат значителен развој, како и дека земјата е пример за регионална соработка.

– ЕУ се залага за европската перспектива на вашата земја и не се сомневам дека таквата перспектива може да се постигне. Сите земји во регионот имаат европска перспектива, а тоа создаде нова динамика – рече Хан.


Џафери и Пацоли се заложиле за развивање на парламентарната соработка


Скопје, 25 октомври, 2017 - 16:13 (META) 

Македонија и Косово придонесуваат соседските односи во регионот да се издигнат на највисоко можно ниво, истакнал претседателот на Собранието, Талат Џафери, на средбата со министерот за надворешни работи на Косово, Беџет Пацоли, кој е во официјална посета на земјава.

„Претседателот Џафери, во име на Собранието, изрази целосна подготвеност за споделување на исуствата во процесот на евроинтеграциите со колегите од косовскиот парламент и изрази надеж дека и во косовскиот парламент ќе биде формирана пратеничка група за соработка со Собранието на Република Македонија“, стои во соопштението за средбата и се додава дека Џафери го информирал својот соговорник за актуелната политичка состојба во земјата и за настаните кои следеа по предвремените парламентарни избори во декември минатата година.

Шефот на косовската дипломатија, како што се наведува во соопштението, изразил задоволство што границата ја поминал само со лична карта, „особено поради фактот дека тоа била негова лична заложба во краткиот период додека ја извршувал функцијата претседател на Косово“.


Kриминални групи ја загрозуваат регионалната безбедност, истакна Спасовски


Трст, 24 октомври, 2017 - 19:34 (META) 

Дејствувањето на криминалните групи не предизвикува само економски последици, туку тие сериозно ги загрозуваат и националната и регионалната безбедност, изјави денеска во италијанскиот град Трст, министерот за надворешни работи Оливер Спасовски, додавајќи дека неопходно е соработката да биде приоритет на земјите од Западен Балкан.

Спасовски во своето обраќање на завршната министерска конференција за проектот „Борба против организираниот криминал: Меѓународна соработка во кривичното право“, рече дека проектот треба да придонесе за подобрување на меѓународната стратешка и оперативна соработка, како и за унапредување на размената на информации и на разузнавачки сознанија во италијанскиот град Трст.

– Треба да се поттикне употребата на современата технологија за комуницирање и механизмите за заштита на податоците, усогласени според стандардите на ЕУ – рече министерот Спасовски.

Проектот се реализираше како регионален проект ИПА 2014, а како негов носител од страна на ЕК беше назначено италијанското министерство за внатрешни работи и е наменет за полициите на Македонија, Албанија, Србија, Црна Гора, Косово и на Босна и Херцеговина.


Иванов по средбата со Коѕиас: Очекувам комуникацијата со Грција да продолжи на сите нивоа


Скопје, 25 август, 2016 - 17:16 (META) 

Претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, на средбата со министерот за надворешни работи на Грција, Никос Коѕиас, разменил мислења за севкупните билатерални односи помеѓу Македонија и Грција.

– Изминатиот период имав можност повеќепати да разговарам со премиерот Алексис Ципрас за прашања и за предизвици од исклучителна важност за двете земји. Очекувам таа позитивна динамика на контакти и на комуникација на сите нивоа да продолжи и да се продлабочи во наредниот период, како билатерално, така и во рамките на регионалната соработка – истакнал Иванов.

Претседателот Иванов ја посочи важноста на почнатиот дијалог меѓу двете земји во однос на мерките за градење доверба и го истакнал интересот на Република Македонија за интензивирање на соработката во таа насока, за да се создаде позитивна клима во односите меѓу двете земји, која ќе придонесе за надминување на билатералната разлика околу името.

На средбата претседателот Иванов ја истакнал посветеноста на Република Македонија за унапредување на добрососедските односи со Република Грција, во духот на европските вредности и стандарди.

Претседателот Иванов и министерот Коѕиас изразиле задоволство од континуираниот позитивен развој на односите и од подобрувањето на севкупната атмосфера меѓу двете земји.

– Имаме интензивна комуникација. Имаме големи заеднички интереси и за нас од особено значење е стабилноста и просперитетот на нашиот сосед – рече министерот Коѕиас.


„Балкански барометар 2016“: Песимизам и зачмаеност во Македонија


Сараево, 21 јуни, 2016 - 14:44 (META) 

Речиси 80 отсто од граѓаните на Македонија се или незадоволни или неутрални од тоа како се движат работите во општеството, покажа последното истражување на „Балкански барометар 2016“, кое денеска беше претставено во Сараево.

Дури 75 отсто од граѓаните на Македонија мислат дека во следните 12 месеци ситуацијата ќе остане иста или ќе се влоши, додека позитивни очекувања имаат 23 отсто од граѓаните.

Невработеноста, економската состојба и корупцијата се главните проблеми во државата, одговориле испитаниците, а иста е состојбата и со другите држави од Југоисточна Европа. Но, за разлика од нив, во Македонија е многу поголема загриженоста од иселувањето на високообразовани кадри, политичките расправии, безбедносните прашања и тероризмот, мигрантската криза и малцинските прашања.

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка, Горан Свилановиќ, на презентацијата изјави дека иако „Балкански барометар 2016“ покажал први знаци на економско закрепнување на регионот, и понатаму крупни прашања остануваат нерешени.

– Она што за мене е најистакнато во годинешното истражување, се податоците дека голем број од испитаниците се подготвени да заминат во потрага по подобра иднина. Секој втор испитаник размислува за напуштање на своето општество и за барање работа во странство – изјави Свилановиќ.

„Балкански барометар“ првпат е објавен во 2015 година. Во истражувањето учествуваат 7.000 граѓани и 1.400 компании од Албанија, БИХ, Хрватска, Косово, Црна Гора, Србија и Македонија, а се објавува во два дела – јавно мислење и мислење на стопанствениците.

Барометарот го подготвува Советот за регионална соработка (RCC), што е меѓувладино оперативно тело на земјите членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (SEECP), чија полноправна членка е и Република Македонија.