!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Заев – Радев: Македонија и Бугарија делат иста визија за регионот


Софија, 20 јуни, 2017 - 18:28 (META) 

„Република Македонија и Република Бугарија делат иста визија за регионот, интеграција во европските и во евроатлантските структури и среќен сум што постои свесност и одговорност од двете страни за постигнување напредок“, истакнал премиерот на Македонија, Зоран Заев, на средбата со бугарскиот претседател, Румен Радев, во Софија.

Заев, како што соопшти неговиот кабинет, на средбата ја нагласил цврстата определба на Македонија, низ реформски процеси и развивање на добрососедските односи, да го осигури патот на земјата кон стратешките цели – членството во Европската Унија и во НАТО.

„Во таа насока очекувам поддршка од нашиот сосед Бугарија за европските перспективи на Македонија, по преземањето на претседателството со ЕУ во јануари 2018“, рекол Заев.

Претседателот на Бугарија на средбата констатирал дека развојот и напредокот на Македонија се важни за балканскиот регион и за Европската Унија и, како и бугарскиот премиер Бојко Борисов претходно, ја потврдил поддршката на Бугарија за членство на земјава во ЕУ и во НАТО.

Заев и Радев се согласиле дека преку „искрена и реална заемна почит и доверба и зрели политики на меѓусебна отвореност се отвора простор за соработка на политичко ниво, но и во други важни области за граѓаните на двете земји, што дополнително ќе ги зближи и ќе ги развива добрососедските односи“.

Македонскиот премиер на средбата соопштил дека земјава има интерес за отворање нови гранични премини со Бугарија, кои треба да ја олеснат комуникацијата меѓу луѓето од двете држави. Посочени биле и можности за инфраструктурно поврзување, во областа на трговската размена и во културата.

Заев по средбата со Радев го посетил Археолошкиот музеј на Бугарија. Претходно тој и премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, заеднички се поклонија пред споменикот на цар Самоил во Софија.


Дачиќ: Кризата во Македонија ескалира поради проектот „Голема Албанија“


Белград, 30 мај, 2017 - 14:57 (META) 

Шефот на српската дипломатија, Ивица Дачиќ, денеска оцени дека бебедносно-политичката ситуација во светот, но и во регионот е влошена. Тој наведе дека во многу земји од регионот се зајакнал национализмот, а политичката сцена се радикализирала.

– Тоа особено беше видливо во Хрватска и во БИХ во текот на 2016 година. На почетокот од 2017 година дојде до ескалација на кризата во Македонија, во чија основа е сè помалку скриениот и сè поагресивно актуализираниот проект „Голема Албанија“, што имплицира измена на постојните граници во регионот, односно присоединување кон Албанија на поголеми или помали делови од териториите на соседните земји – рече Дачиќ.

Денеска за состојбата во регионот говореше и српскиот премиер во заминување, Александар Вучиќ, кој на својата последна прес-конференција како претседател на српската влада рече дека постојат тензии во регионот, но дека сега проблемите не се „туркаат под тепих“.

Тој вети дека како претседател на Србија ќе работи на унапредувањето на односите со соседите.


Хојт Ји и Вучиќ: Мирот и стабилноста на регионот се најважна политичка цел


Белград, 24 мај, 2017 - 17:08 (META) 

Премиерот на Србија, Александар Вучиќ и заменик помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Брајан Хојт Ји денеска во Белград се согласија дека најважната политичка цел во регионот на Западен Балкан е зајакнување на мирот и стабилноста затоа што без тоа нема ни економски напредок.

Ји изјави дека американската политика спрема Западен Балкан не е значајно променета со изборот на претседателот Доналд Трамп и дека САД ќе продолжат да и помагаат на Србија во европската интеграција, соработката во регионот и дијалогот со Приштина.

Тој додаде дека САД очекуваат регионалните лидери да покажат политичка волја и да продолжат со реформите дури и кога во нивните земји постои замор.

Ји рече дека со Вучиќ разговарал за начинот на кој САД можат да му помогнат на регионот да се движи напред, да стане поуспешен, посигурен, стабилен, интегриран во ЕУ и во евроатланските институции како и во борбата против криминалот, трговијата со наркотици и корупцијата.

Посебно ја истакна важноста од соработка на земјите од регионот, процесот на помирување и нормализација на односите помеѓу Белград и Приштина.

Одговарајќи на прашање за влијанието на Русија на Балканот, американскиот претставник наведе дека САД сакаат да соработуваат со Москва каде што е тоа можно и изрази надеж дека Русија ќе игра конструктивна улога во регионот.
-Но таму каде што американските и руските интереси, цели и вредности не се компатибилни, или се спротивставуваат, САД силно ќе ги бранат и чуваат своите интереси и интересите на нивните сојузници и партнери – додаде Ји.


СКМ: Производството во земјоделството се намалува, причина се лошите политики


Скопје, 22 мај, 2017 - 13:25 (META) 

Во првиот квартал од годината, извозот на земјоделски и прехранбени производи изнесуваше 57,5 милиони евра, што претставува намалување за 13,5 проценти во однос на истиот период лани, информираа од Стопанска комора на Македонија (СКМ).

Во истиот период, за 14 отсто намален е и откупот на домашните производи. Во првите три месеци од годината, увозот на земјоделски и прехранбени производи е зголемен за 8,5 проценти во однос на лани и изнесува 130 милиони евра.

-Причини за ваквата состојба во земјоделството се што нема напредок во квалитетот и конкуренцијата, лошите земјоделски политики, неправилниот распоред на субвенциите, скапите репроматеријали. Исто така хиперпродукцијата на земјоделски и прехранбени производи од земјите на Југоисточна Европа и од регионот на ЦЕФТА се прелева и во Македонија, па така имаме случаи, увезениот производ да е поскап од произведениот – изјави Васко Ристовски од Стопанска комора на Македонија.

Друг проблем што придонесува за влошување на состојбите во земјоделието, а што тој го истакна е и одливот на младата работна сила во странство, како и тоа што младите не сакаат да работат во оваа гранка.

Овие состојби во земјоделството се прелеваат и на органското производство, кое од 2011 година до сега е намалено за 50 проценти како во однос на бројот на производители, така и во однос на засадена површина.

„Најголем проблем кај органското производство е организираниот откуп и извоз. Ако државата не помага во откупот, тогаш производителите се приморани да го продаваат по конвенционален начин. А се работи за производи кои се брзо расипливи,“ изјави Ристовски.


Скот: САД се против промените на границите на Балканот


Белград, 10 мај, 2017 - 23:20 (META) 

Американскиот амбасадор во Србија, Кајл Скот, изјавил дека Соединетите Американски Држави се против промените на границите на Балканот, јавува дописничката на „Мета“ од Белград.

Прашан за ставовите на поранешниот шеф на верификационата комисија на ОБСЕ на Косово, Вилијам Вокер, дека има проект за обединување на Албанците на Косово, на Албанија и во дијаспората, Скот изјавил дека Вокер приватно може да има свое мислење, но дека тоа не е став на САД.

„Ставот на САД е дека се противат на промената на границите на Балканот, се противат на создавање голема Албанија, голема Србија и слично“, изјавил Скот.

Тој нагласил дека американската влада се залага за стабилност и за помирување помеѓу народите во регионот.


МНР го повика албанскиот амбасадор: Изјавите на Рама и на Бушати се сериозна провокација


Скопје, 4 април, 2017 - 10:18 (META) 

Амбасадорот на Албанија во Македонија, Фатос Река вчера бил повикан на разговор во Министерството за надворешни работи на земјава, по повод зачестените навредливи изјави и коментари на официјални лица на Република Албанија, насочени кон Република Македонија, соопшти денеска МНР.

„На средбата беше потенцирано дека изјавите на претседателот на владата (Еди Рама н.з.) и Министерот за надворешни работи на Република Албанија (Дитмир Бушати н.з.) за двонационалност и менување на уставното уредување на Република Македонија се отворено мешање во внатрешните работи на Република Македонија. Eтикетирањето на Македонците како „Славомакедонци“ е навредливо и дискриминаторски кон Македонците и сите граѓани на Република Македонија“, стои во соопштението на МНР.

На разговорот со албанскиот амбасадор било истакнато дека „ваквите пораки се сериозна провокација за добрососедството кое сакаме да го негуваме“ и дека прават „долгорочна штета на односите во регионот и потткнуваат екстремистичка реторика“.

„Она што ни треба во регионот, е обединување околу интеграцијата во Европската Унија, мир и економски напредок. Затоа, апелиравме да се прекине со провокациите, да се почитува сувереноста и да се работи на планот на добрососедството, за доброто на сите во регионот“, порачуваат од МНР.


Хоџа: Не постои тиранска платформа, средбите со лидерите на албанските партии се рутина


Тирана, 29 март, 2017 - 21:07 (META) 

Генералниот директор за политички прашања при Министерството за надворешни работи на Албанија, Ферит Хоџа, прашан за наводната интервенција на Тирана во платформата на албанските партии во Македонија, изјавил дека „не постои тиранска платформа“, јавува дописничката на „Мета“ од Тирана.

Тој додал дека средбите со албанските политички лидери од регионите каде што живеат Албанци, било во Македонија, Прешево или Црна Гора, се рутина.

Во однос на македонските политичари, тој рекол дека „секој модел што ги исклучува Албанците и нивните легитимни уставни права, нема да резултира како успешен план во Македонија“.

За влијанието на Русија врз Македонија одговорил дека тоа нема да помогне во решавањето на проблемите овде.


Свилановиќ: Потребно е регионално економско здружување на Балканот


Сараево, 15 март, 2017 - 17:15 (META) 

Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС), Горан Свилановиќ, смета дека политиката „еден регион – една економија“ е добра за Западен Балкан, ако е проследена со честа интеракција помеѓу ресорните министри од регионот и нивните колеги и институции од Европска Унија.

– Очекувам дека премиерите на состанокот во Сараево ќе потпишат план за целосна економска интеграција на регионот. Овој процес на регионализација не ги исклучува тие земји од европскиот пат и нивно членство во ЕУ – изјави Свилановиќ за „Гласот на Америка“, непосредно пред Самитот на лидерите на Западен Балкан, кој ќе се одржи утре (16 март) во Сараево.

Застојот во реформите, според Свилановиќ, може да се надмине со единствен пазар на трудот на Западен Балкан, кој би подразбирал слободно движење на работната сила, како и единствен инвестициски простор и либерализација на трговските услуги, во согласност со целосно либерализираната регионална трговија.

Од овој проект се очекува дека ќе ја зајакне конкурентноста на националните економии во регионот, ќе ги олесни транзитот и трговијата низ поврзување на сите гранични служби и ќе ја зголеми конкурентноста на националните економии.

Според Свилановиќ, поддршка за овој проект има од три држави, меѓу кои и Македонија.

-Имаме поддршка од премиерот на Србија, како и од Македонија и од Босна и Херцеговина, а истото го очекуваме и од другите –  изјави Свилановиќ.

Советот заедно со Европската комисија ќе предложи повеќегодишен акционен план, кој подразбира рокови до кои би требало договорите да се применат и како да се дефинира процесот на примената.


Азески: Од ЕУ ни треба помош за владеење на правото, корупцијата и за инфраструктурата


Белград, 10 март, 2017 - 10:02 (META) 

„Инфраструктурата останува најголем приоритет, бидејќи таа е основа на сите приказни околу регионалниот развој и пораст, а ние на тој план многу малку имаме направено. Најмногу имаме направено на планот на автопатиштата, најмалку за инфраструктурата на железницата, а и гасификацијата мора да остане голем приоритет,“ изјави претседателот на Стопанска комора на Македонија, Бранко Азески, на бизнис-форумот на Копаоник.

Според него, друга работа е прашањето на владеењето на правото во регионот и неговата хармонизација, бидејќи на тој план се наоѓаме во правен хаос.

„Трета работа која логично произлегува од првите две се парите. Ние немаме повеќе можности да се задолжуваме бидејќи го достигнавме максимумот, а се сомневам и во волјата на инвеститорите во вакви околности да инвестираат. Поради тоа неопходно е да побараме помош од Европската Унија, особоено на прашањата за инфраструктурата, владеењето на право, прашања околу корупцијата, како повторно би биле атрактивни за инвестирање“, додаде Азески.

На традиционалниот бизнис-форум на Копаоник, кој годинава се одржа од 7 до 9 март, учествуваа повеќе од 1.000 учесници, високи државни функционери и влијателни бизнис-лидери, кои ја разгледуваа програмата за реформи, не само во Србија, туку и во регионот.


Свилановиќ: Крајно време е Балканот да ги препознае пораките од ЕУ


Белград, 7 март, 2017 - 16:41 (META) 

„Крајно време е Западен Балкан да ги препознае пораките од ЕУ и да тргне напред преку регионалната соработка“, изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на Советот за регионална соработка (РСС), меѓувладино тело на земјите од Процесот за соработка во Југоисточна Европа, од кој дел е и Македонија.

Тој ја модерираше панел-дискусијата што се одржа првиот ден од познатиот бизнис-форум „Копаоник 2017“, на кој, како што соопшти РСС, доминантен став на учесниците бил дека „реформите што водат кон економска интеграција на регионот, се неопходен дел дел од побрзото приклучување кон ЕУ“.

„Европската Унија повеќепати го нагласуваше значењето на регионалната соработка и на добрососедските односи и го потврди освежениот пристап кој подразбира посилно партнерство помеѓу претставниците од земјите од Западен Балкан и од ЕУ. Сега е последен момент регионот да тргне напред, водејќи ги своите економии кон просперитетна иднина“, изјави Свилановиќ.

Тој додаде дека мора да се има предвид дека ниту еден инвеститор нема да ги ризикува своите пари доколку не може да се потпре и на правосудството во одредена земја.

„Тоа е тоа што покажува дека процесот на реформи мора да биде сеопфатен, што сепак не може да се направи преку ноќ“, истакна Свилановиќ.

Форумот кој почна денеска, ќе трае до 9 март и на него учествуваат околу илјада учесници, од деловната и од академската заедница, како и претсавници на влади и членови на дипломатскиот кор.

Од Македонија на форумот учествува претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.