Европска банка за обнова и развој ја зголеми прогнозата за економски раст на С. Македонија за оваа година на четири проценти, што е за еден отсто повеќе од проценката во септември 2020.

Во Извештајот се вели дека закрепнување на економијата кое се очекува во 2021 година, е како резултат на закрепнувањето на извозот и приватната потрошувачка, како и одржливата потрошувачка на Владата.

„Интензитетот на растот се очекува да продолжи во 2022 година со четири проценти како резултат на продолжувањето на приватните инвестиции. Сепак, предвидувањата се неизвесни. Ризиците има пред се во брзината на враќање на надворешната побарувачка и во способноста на Владата да ја реализира својата амбициозна агенда за инфраструктурата,“ се наведува во Извештајот.

Во него исто така е нотирано дека во првите четири месеци од 2021 година, индустријата пораснала помалку од четири проценти на годишно ниво, но продажбата на мало и извозот се зголемија над 20 и 40 отсто на годишно ниво.

Во извештајот на ЕБОР се наведуваат и владините мерки економска помош кои беа  фокусирани на поддршка на ликвидноста на погодените бизниси, заштита на работните места и поддршка на најранливите групи на население преку субвенции, одложувања на данок на доход, обезбедување заеми по поволни услови и гаранции и секторска специфична поддршка.