fbpx

Анализа: Земјите на Балканот немаат конзистентна стратегија за тестирањето за ковид-19

-

Ниту една земја во светот не ја знае точната вкупна бројка на лица кои се заразени со сарс-ков-2, вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19. Сè што е познато е она што може да се дознае од официјалната евиденција која здравствените власти ја водат врз основа на добиените резултати од направени тестови. Сите инфекции кои се лабораториски потврдени, се сметаат за потврдени случаи.

Ова значи дека бројот на потврдени случаи зависи од тоа колку секоја земја тестира и како се прави изборот кој ќе биде тестиран. Без тестирање, нема податоци. За количината на направени тестови, за резултатите што ги дава еден или друг модел на тестирање, секоја земја има слични, но сепак дијаметрално различни мислења и пристап. Притоа, прашање е дали бројките на заболени и починати како последица на ковид-19 од различни земји може воопшто да се споредуваат, односно дали  таквите споредби даваат веродостојни резултати.

Земјите од Балканот немаат конзистентна стратегија кога станува збор за тестирањето за ковид-19. Така, скоро сите велат дека ги следат препораките на СЗО, но изгледа дека овие препораки во различни земји различно се толкуваат. На пример, во најголем дел од земјите од регионот не се прават постмортем тестови, односно лицата што починале од други причини, не се тестираат дали биле заболени и од ковид-19. Ова го потврди и македонскиот министер за здравство Венко Филипче, како и претседателот на македонската Комисија за заразни болести д-р Жарко Караџоски. Но, во Северна Македонија, ваквите постмортем тестови се прават уште од почетокот на епидемијата, за, како што велат, да се има увид и поголема контрола на ситуацијата. Исто така, за разлика од останатите земји од Балканот, во Северна Македонија, за да се смета дека едно лице оздравело или го победило вирусот треба да има два негативни теста.

Д-р Александар Стојанов, долгогодишен епидемиолог и од скоро в.д директор на Центарот за јавно здравје, како и член на македонската Комисија за заразни болести, вели дека кога станува збор за бројот на направени тестови во Македонија, треба да се има предвид фактот дека здравствената политика е таква што ги евидентира како ковид-смрт и оние кои загинале во сообраќајка, а потоа се докажало дека се позитивни на инфекцијата.

– Неодамна имавме обесен човек, кој постмортем се докажа дека бил позитивен. Реално тој починал зашто се обесил, а не затоа што имал ковид-19, а ние сепак сме евидентирале дека починал како последица од ковид-19. Има сообраќајќи во кои гинат луѓе, се докажува посмортем дека се позитивни, ние ги евидентираме дека починале од корона, вели д-р Стојанов. Тој смета дека е неопходно ваквата евиденција да се прочисти за да се добие реалната бројка на смртни случаи.

– Многу земји во Европа, одат по принцип – сите оние кои починале надвор од болница, да не го сметаат за ковид-смрт – додава тој.

Д-р Стојанов објаснува дека кога станува збор за тестирањето, државите ги следат општите препораки кои ги дава Светската здравствена организација.

– Идеално би било кога сите граѓани во државава би се тестирале. Но, тоа реално, ниеден здравствен систем не може да го издржи. Нашите лаборатории не би можеле да постигнат со работа. Кина тестирала шест милиони жители, а таму живеат вкупно 1,5 милијарда жители. Масовно тестирање е супер опција, но немаме можност тоа да го реализираме – појаснува Стојанов.

Во соседна Србија, бројот на позитивни случаи е во пораст. Изминатата недела таму се направени повеќе од 50.000 теста. Во истиот период во Црна Гора направени се околу 2.500 тестови, во Албанија околу 2.800, Словенија – 6.300, а во Северна Македонија во период од една недела направени се 8.266 тестови. Всушност, според извештаите на српските власти, само во текот на изминатата недела во Србија се напрвени два и пол пати повеќе тестови споредено со сите овие земји заедно. Но, тоа е и очекувано имајќи предвид дека Србија има најголем број на жители, но и најголем број на регистрирани случаи на ковид-19 во регионот.

Во Србија право на бесплатно тестирање имаат сите граѓани кои имаат симптоми на корона вирус и кои биле во близок контакт со заразено лице. Тестирањето е задолжително и за пациентите кои одат на операција и одредени интервенции, како на пример, бронхоскопија.

Од крајот на мај, можно е и тестирање на лично барање, а брисеви се земаат во институтите и заводите за јавно здравје, како и во здравствените домови. Тестот на лично барање чини 50 евра и процедурата е таква што граѓаните прво ги уплаќаат парите на жиро-сметка, а потоа закажуваат тестирање во некој институт, завод или здравствен дом.

Тамошните граѓани се жалат дека освен што долго ги чекаат резултатите, во ковид болниците некогаш одбиваат да ги тестираат, иако тврдат дека имаат симптоми. Граѓани се жалат на големи метежи и редици пред ковид центрите каде што се вршат тестирањата.

Откако последните неколку дена во Србија се регистрираат по околу 300 нови случаи дневно, сè погласни се тврдењата дека постои разлика меѓу починати од коронавирусот и починати со коронавирусот.

Слуачјот со сега починатиот поранешен селектор на српската фудбалска репрезентација Илија Петковиќ е еден од карактеристичните. Петковиќ бил неодамна примен во болница со перфориран чир на дванаесетпалачното црево, но откако бил тестиран се открило дека е позитивен и на коронавирусот. Тој почина неколку дена подоцна, а еден од членовите на српската Комисија за заразни болести, Д-р Бранимир Несторовиќ изјави за медиумите дека Петковиќ всушност не починал од коронавирусот туку од крварење поради перфорираниот чир.

Овој случај, според она што го објасни Д-р Стојанов, во Северна Македонија би влегол во статистиката како заболен и починат од коронавирус.

Во Албанија уште од почетокот на епидемијата тестирањето е ограничено само на оние лица кои имале контакт со заразено лице. Можат да се тестираат и хронично болните, како и лицата над 65-годишна возраст, кои важат за најранлива категорија.

Албанските власти тврдат дека го спроведуваат протоколот на Светската здравствена организација (СЗО), тестирајќи само лица со симптоми и контакт со заразени лица. Тамошниот технички комитет на експерти, по бројните обвинувања и критики во јавноста во врска со стратегијата за тестирање, кажа дека тестовите за ковид-19 се засноваат на експертиза и модел избран според препораките на СЗО, со цел да се откриваат случаите, да се следат и да се прекине ланецот на инфекција.

Во државите како Албанија, каде што има голема локална трансмисија, СЗО препорача да се функционира по моделот тестирање-наоѓање-третман. Таму се тестираат лицата со симптоми, се тежнее да се открие секој контакт на заразено лице, по што потврдените позитивни пациенти се изолираат и се третираат.

Во соседна Бугарија, исто така, се тестираат само лица со симптоми. Во одредени населени места или населби каде се појавуваат кластери со поголем број заболени се прават и тестови по случаен избор. На тестирање упатува лекар или здравствен инспектор.

На Косово, исто како и во другите земји од регионот се тестираат оние со симптоми и што биле во контакт со заразено лице.

За земји кои се соочуваат со кластери на случаи (каков што е примерот со земјите од регионот) Светската здравствена организација препорачува сите сомнителни („суспектни“) случаи да се тестираат.

„Кога кластерите ќе станат големи, круцијално е тестирањето на суспектните случаи да продолжи за да може тие да бидат изолирани, нивните контакти да бидат ставени во карантин, сите можности за трансмисија да бидат прекинати“, се вели во препораката на СЗО.

Според Светската здравствена организација, „суспектен“ или сомнителен пациент носител на коронавирус може да биде во три случаи:

1. Пациент со акутна респираторна болест (треска или најмалку еден симптом на респираторна болест, на пример кашлица, недостаток на воздух) кој во претходните 14 дена патувал или престојувал на локации каде има локална трансмисија на болеста ковид-19.

2. Пациент со акутна респираторна болест кој бил во контакт со регистриран или сомнителен (суспектен) случај на заболен со ковид-19 во последните 14 дена.

3. Пациент со тешка акутна респираторна болест (треска или најмалку еден симптом на респираторна болест, недостаток на воздух; кому му е потребна хоспитализација) кој што нема алтернативна дијагноза која целосно ја објаснува клиничката слика.

Насоките на Светската здравствена организација  се дека во услови на ограничени ресурси во области каде што има трансмисија на болеста во заедницата, приоритет за тестирање им се дава на:

Лица кои се во ризик од развивање тешка форма на болеста, како и ранливи категории на граѓани, на кои ќе им треба хоспитализација и напредна нега поради ковид-19.

Здравствени работници (вклучувајќи ги вработените во итната медицинска помош и не-медицинскиот персонал) без разлика дали биле во контакт со потврден случај.

Првиот симптоматски случај во затворен сетинг (на пример училишта, затвори, болници) за брзо да се откријат нови случаи и да се спречи ширење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Уапсени тројца германски државјани за наводно шпионирање за Кина

Полицијата во Дизелдорф и Бад Хомбург уапси тројца германски државјани за шпионирање за кинеската тајна служба. Двајца мажи и една жена се во притвор, објави во понеделникот федералното обвинителство,...