Регионалниот конкурс за краток расказ наречен „Бибер“ оваа година се оддржува по петти пат и истиот ќе биде отворен за конкурирање до 01.06.2022 година.
Станува збор за конкурс кој опфаќа учесници од регионот, односно автори и авторки кои пишуваат на македонски, црногорски, босански, хрватски, српски или албански јазик, а право на пријавување имаат афирмирани автори како и оние кои досега немаат објавувано.
Главна тема на која треба да бидат пишувани кратките раскази е помирувањето во контекст на наследството на војните и насилството во земјите од поранешна Југославија, но покрај тоа предвид доаѓаат и раскази што можат да придонесат кон подобро разбирање меѓу луѓето, кон намалување на омразата и разградување на предрасудите, антивоени раскази, раскази што се занимаваат со соочување со минатото, со разградување на сликата за непријателите, со сочувство за другите, храбри раскази што се осмелуваат да влезат во „непријателска“ кожа, раскази што ги поместуваат границите и ни отвораат пат да градиме поизвесна, побезбедна и послободна иднина за сите.
Авторите/ките на трите најдобри раскази ќе бидат наградени со парични награди.
Најмалку 20 избрани дела ќе бидат објавени во повеќејазичен зборник.
Оваа година, жирито го сочинуваат Лејла Каламујиќ, Калина Малеска и Оља Савичевиќ – Иванчевиќ, а конкурсот е во организција на тимот на „Бибер“ со поддршка на Центарот за ненасилна акција Сараево – Белград.
Повеќе информации за условите на конкурсот и наградите може да се најдат на страницата на Бибер.