Грција ќе бара од ООН дополнителен анекс на Преспанскиот договор за македонскиот јазик


Атина, 6 декември, 2018 - 12:00 (META) 

По големата бура што во Грција ја предизвикаа изјавите во Собранието на премиерот Зоран Заев за учењето на македонскиот јазик во Грција, за неговата употреба, за „Егејска Македонија“, според грчките медиуми, Атина ќе ја префрли битката на меѓународно тло.

Како што пишува атинска „Ифимерида“  сега кога веќе владата во Атина станала свесна дека терминот „македонски јазик“ останува во употреба кај северниот сосед, се обидува да најде начин како да одговори и да ги „минимизира штетите“, наводно со дополнителен протокол кој би се усвоил во ООН.

Како што објаснува весникот „Естиа“, грчкиот премиер Алексис Ципрас ќе побара ООН да одобри дополнителен протокол кој ќе го допрецизира Преспанскиот договор во смисла дека ќе дава многу ограничен простор за наведувањата на јазикот и нацијата.

Според весникот, протоколот ќе биде амандман на Договорот од Преспа, односно ќе стане негов интегрален дел.

Според пишувањата на грчките весници, за подготовката на овој амандман бил ангажиран Евангелос Калпадакис, советник на грчкиот премиер.

Грчкиот претседател Прокопис Павлопулос веќе побара од Генералниот секретар на НАТО да се спротивстави на интерпретациите на Преспанскиот договор во Македонија за да се оневозможи признавање „македонски народ“ и да се потенцира дека јазикот во грчката северна сосетка е словенски.

Според медиумите, Грција ги информирала и САД дека Преспанскиот договор нема да биде ратификуван во грчкиот парламент без такви гаранции.


Грчкиот претседател Павлопулос бара Македонија да го промени Уставот


Атина, 8 февруари, 2018 - 12:04 (META) 

Името може да се реши само кога нема да зрачи иредентизам, бидејќи иредентизмот е спротивен на меѓународното право и на европското законодавство, изјави грчкиот претседател Прокопис Павлопулос и уште еднаш го повтори неговиот став дека потребни се уставни промени во Македонија, за, како што вели, отстранување на иредентистичките позиции, а потоа решение на проблемот и евро-атлантска интеграција.

– За да постои решение на прашањето за името, оваа земја, која за жал во нејзиниот Устав има поставено прашања поврзани со името и други иредентистички прашања, треба да ги донесе сите промени во правниот поредок, особено во Уставот, за да може да се најде решение на името, без иредентизам и да оди кон процесот за интеграција во НАТО и ЕУ. Ги чекаме овие промени, кои, го потенцирам тоа, се предуслов за да постои каква било перспектива за интеграција во НАТО и Европската Унија – рече Павлополулос на почетокот на средбата со претседателот на Грузија, Гиорги Маргвелашвили.

Грчкиот претседател, во воведниот дијалог на средбата со неговиот грузиски колега, говореше за т.н. национални прашања и упати пораки до Македонија, Турција, и Албанија.


Павлопулос: Името на соседната земја зрачи иредентизам


Атина, 5 февруари, 2018 - 15:03 (META) 

Предуслов за влез во НАТО и ЕУ е името да се реши на начин кој ќе исклучи секаков вид на иредентизам, порача грчкиот претседател Прокопис Павлопулос од Лариса, говорејќи пред припадници на грчкото воздухопловство.

Павлопулос смета дека „денешното име признато и од други земји, јасно зрачи иредентизам“.

– Истите барања на меѓународната заедница, на НАТО и на Европската Унија покажуваат дека името зрачи иредентизам. И тоа е реалност. Оваа земја, која ние ја сакаме за сојузник, за пријател и во НАТО и Европската Унија, треба да избере. Сака перспектива? Ако сака ќе треба да ги направи неопходните промени во целиот правен поредок, почнувајќи од нејзиниот устав, каде ќе постои промена на нејзиното име и секако оваа промена ќе биде проследена и со гаранции што го исклучуваат иредентизмот и во однос на границите и во однос на националноста и во однос на јазикот – рече грчкиот претседател.


Павлопулос: Македонија била, е и ќе остане грчка


Солун, 27 октомври, 2017 - 13:08 (META) 

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, во говор во Офицерскиот клуб во Солун, повторно ја обвини Македонија за фалсификување на историјата, за користење име кое, наводно, не ѝ припаѓа и за изразување иредентистички тензии, и притоа не пропушти да спомене дека Македонија била, е и ќе остане грчка.

– Ѝ велиме на БЈРМ – подаваме рака на пријателство, но нема шанси да толерираме. Тоа е јасно и ние отворено сме го посочиле тоа. Не е во прашање само фалсификувањето на историјата, затоа што Македонија беше, е и ќе остане грчка. Тоа го знаеме сите. Не само што не прифаќаме фалсификување на историјата, не прифаќаме иредентистички тензии кои повторно би го направиле Балканот буре барут во Европа – порача Павлопулос.

Грчкиот претседател рече дека Грција ја поддржува европската перспектива на сите земји од Балканот, но, конкретно за Македонија, порача дека мора да го почитува европското право.

– Кога имаш една држава која не само што ја фалсификува историјата, туку се појавува и со име кое не ѝ припаѓа, таа изразува иредентистички тензии. Во суштина, таа го оспорува статусот кво на границите на Балканот, односно границите со Грција. Запомнете дека европското право исклучува секаков вид на оспорување на границите и смета дека државата која дури и на индиректен начин, преку изразување иредентизам, ги оспорува границите, го прекршува европското законодавство, а со тоа самата си ја поткопува европската перспектива – рече Павлопулос.


Грчкиот претседател ѝ се закани на Албанија со блокада на евроинтеграциските напори


Атина, 15 октомври, 2017 - 17:53 (META) 

Грчкиот претседател Прокопис Павлопоулос денеска ѝ се закани на Албанија дека ќе бидат блокирани евроинтеграциските напори на оваа земја поради забелешките на грчкото малцинство во однос на власта во приморското гратче Химара.

Тој на собирот одржан на островот Крф, на меморијален настан во чест на грчкиот политичар Јоанис Каподистриас, порачал дека „брутално кршење на човековите права“ нема да се толерира.

Тој особено се осврнал на односите на Тирана и на Приштина.

– Тоа треба да го имаат предвид Грците, но и тие што се стремат да се приклучат во ЕУ. Ова го велам за нашиот сосед Албанија, земја со која сакаме секогаш да имаме добри односи. Но, аванурстичкото однесување, како она што го гледаме меѓу Тирана и Приштина, е брутално однесување со кое се кршат човековите права во случајот на малцинствата и правото на имот. Ние нема да стоиме индиферентни наспроти ваквото однесување – посочил Павлопоулос.


Павлопулос: Грција мора да го брани Кипар


Атина, 24 август, 2017 - 20:53 (META) 

Грција мора да го брани Кипар и неговиот суверенитет, изјави грчкиот претседател Прокопис Павлопуос.

-Се што правиме за Кипар, не го правиме само за земјата туку затоа што таа е членка на Европска Унија – рече Павлопулос на вечера во манастирот Агион Дионисиос на островот Закинтос на која присуствувал и кипарскиот архиепископ.

Намалувањето на кипарскиот суверенитет според Павлопулос ќе значи и смалување на суверенитетот на ЕУ и дека тоа на никој начин не е прифатливо.

Грчкиот претседател додаде дека солидарноста е основата на која што почива ЕУ и дека без тоа „Европа не може да оди напред“.


Бугарија и Грција до Македонија: Ако сакате во ЕУ и во НАТО, почитувајте ја историјата


Атина, 24 јуни, 2017 - 15:17 (META) 

Земјите од Балканот мора да ја почитуваат историјата и да развиваат добрососедство, доколку сакаат да влезат во Европската Унија и во НАТО, заклучија бугарскиот претседател Румен Радев и неговиот грчки колега, Прокопис Павлопулос, на нивната вчерашна средба во Атина.

Посетата на Радев на Атина доаѓа во време кога се зголемува фокусот за проширување на ЕУ кон Западен Балкан. Официјална Софија претходно соопшти дека една од главните точки на нејзиното претседавање со Советот на Европа во 2018 година ќе биде токму проширувањето на Унијата.

Павлопулос, како што пренесува бугарската веб-страница „Вести“, истакнал дека е потребно да се работи на создавање силна и обединета Европа и дека Грција го поддржува влезот на земјите од регионот во ЕУ и во НАТО. Сепак, тој истакнал дека има и услови што треба да бидат исполнети и дека соседните земји треба да ги почитуваат меѓународното право и европските достигнувања. Тој, исто така, ја обвинил и Турција за непочитување на културните и историските вредности.

– Немањето почит токму кон историјата, цивилизацијата и кон културата веќе ни праќа лоши сигнали. Не може да не се почитува статусот на светско културно наследство на црквата „Света Софија“ – рече грчкиот претседател, алудирајќи на минатонеделното читање на Куранот во овој храм во Истанбул.

Со сличен став е и бугарскиот претседател, кој истакнал дека без заемно почитување на историјата не може да се почнат преговори со ЕУ.

– И Грција и Бугарија ги поддржуваат овие земји и ќе продолжат да ги поддржуваат, но треба да ги исполнат условите за членство. Многу важни услови за Балканот се добрососедските односи и меѓусебното почитување на историјата. Тие треба да бидат задолжителен услов за почнување преговори за членство – рече Радев.


Димитров во дводневна посета на Грција


Скопје, 14 јуни, 2017 - 10:18 (META) 

Шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, од денеска е во дводневна официјална посета на Грција.

Како што соопштија од македонското МНР, Димитров ќе има средби со министерот за надворешни работи, Никос Коѕијас, грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, а предвидена е и средба со Јоргос Кумуцакос, висок претставник на најголемата грчка опозициска партија, Нова демоктратија.

Спорот за името нема да биде дел од темите на разговорите на Димитров со грчките претставници. Главниот фокус ќе биде билатералната, регионалната и меѓународната соработка меѓу двете земји, а се очекува да се разговара и за можностите и за модалитетите за понатамошно унапредување на односите, вклучително и во рамки на процесот на мерките за градење доверба.


Павлопулос бара почитување на грчката историја и на европските принципи


Атина, 11 мај, 2017 - 12:44 (META) 

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, одново побара Македонија да ја почитува грчката историја ако сака да стане дел од Европската Унија. Во говор на 11. Балканска конференција на началници на Генералштабови од државите од Балканот, Павлопулос забележа дека Грција ја поддржува европската перспектива на државите од Балканот и смета дека нивното место е во ЕУ, но за да станат дел од Унијата, тие мора да почитуваат одредени услови.

-Државите што не се членки на ЕУ, треба да напредуваат по нивниот европски пат, тоа е нивната насока. Грција ја посакува европската перспектива на балканските држави. Но, за да се заврши оваа европска перспектива со интеграција во Европската Унија, има одредени услови, кои не ги поставува еднострано Грција, туку ЕУ и европското право. Услов е почитување на историјата и на историската вистина. Оваа почит е услов за мирен соживот. Услов е и искреното почитување на меѓународното право во целост и на основните принципи на европското право – изјави Павлопулос.

Грчкиот претседател нагласи дека е потребна соработка на сите присутни држави за да се обезбеди мирот и стабилноста на регионот и тој да се заштити од различни предизвици и закани. Грција, како што посочи, пружа пријателска рака и добрососедство кон сите балкански држави.

На конференцијата која се одржа вчера во Атина, се разговараше за одржување на мирот и на стабилноста во регионот на Југоисточна Европа и за стратегии за подобрување на воената соработка.


Нема членство во ЕУ за Македонија сè додека се однесува иредентистички, порача Павлопулос


Атина, 25 март, 2017 - 12:17 (META) 

Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, им порача на македонските политичари дека сè додека се покажуваат иредентистички тенденции, Македонија нема да има европска иднина. Павлопулос ова го нагласи во неговата порака до народот на денешното одбележување на денот на независноста на Грција, без директно да го спомене името на Македонија.

Според грчкиот претседател, иредентистичките тенденции и инсистирањето на името Македонија се директно фалсификување на грчката историја и се косат со европските вредности кои се очекуваат од идна членка на ЕУ.

– На соседните држави од Балканот, кои имаат амбиција да бидат примени во Европската Унија, им нагласуваме дека со присвојувањето имиња кои грубо ја фалсификуваат историјата и шират иредентизам, но и со покажување варварство врз бегалците, немаат европска иднина бидејќи со тоа ги прекршуваат директно европските принципи и вредности – вели Павлопулос во обраќањето до народот за грчкиот државен празник.

Павлопулос истакна дека и од соседите на Балканот, но и од Европската Унија, очекуваат да ги замолчат екстремистичките гласови, нехуманото и недемократското однесување и синдроми.

Грчкиот претседател ја спомена и бегалската криза, посочувајќи дека проблемот останува жив и актуелен, барајќи ЕУ да се потсети на своите вредности и да се однесува во согласност со политичките, културните и со хуманите принципи кон ова клучно прашање.

Павлопулос отворено ѝ порача на ЕУ дека Грција е одлучена да остане важен и клучен член на Унијата и во еврозоната, нагласувајќи сепак дека и Европската Унија не би била тоа што е без присуството на Грција.