Грчкиот претседател, Прокопис Павлопулос, во говор во Офицерскиот клуб во Солун, повторно ја обвини Македонија за фалсификување на историјата, за користење име кое, наводно, не ѝ припаѓа и за изразување иредентистички тензии, и притоа не пропушти да спомене дека Македонија била, е и ќе остане грчка.

– Ѝ велиме на БЈРМ – подаваме рака на пријателство, но нема шанси да толерираме. Тоа е јасно и ние отворено сме го посочиле тоа. Не е во прашање само фалсификувањето на историјата, затоа што Македонија беше, е и ќе остане грчка. Тоа го знаеме сите. Не само што не прифаќаме фалсификување на историјата, не прифаќаме иредентистички тензии кои повторно би го направиле Балканот буре барут во Европа – порача Павлопулос.

Грчкиот претседател рече дека Грција ја поддржува европската перспектива на сите земји од Балканот, но, конкретно за Македонија, порача дека мора да го почитува европското право.

– Кога имаш една држава која не само што ја фалсификува историјата, туку се појавува и со име кое не ѝ припаѓа, таа изразува иредентистички тензии. Во суштина, таа го оспорува статусот кво на границите на Балканот, односно границите со Грција. Запомнете дека европското право исклучува секаков вид на оспорување на границите и смета дека државата која дури и на индиректен начин, преку изразување иредентизам, ги оспорува границите, го прекршува европското законодавство, а со тоа самата си ја поткопува европската перспектива – рече Павлопулос.