Турски авион излета од писта и за малку ќе завршеше в море


Трабзон, 14 јануари, 2018 - 17:20 (META) 

Авион на турската компанија „Пегазус“ избегнал катастрофа вчера откако излизгал од пистата на аеродромот во турскиот црноморски град Трабзон и за малку не завршил во морето. Неговиот труп сопрел на стрмната падина од пистата до морето.

Никој од 162 патници и членови на екипажот во „боингот 737-800“ не бил повреден и сите биле релативно бргу евакуирани.

Властите сѐ уште испитуваат што е причината за излетувањето на авионот при слетувањето. Авионот полетал од Анкара вчера во вечерните часови и при слетувањето имал проблеми со намалувањето на брзината.


На аеродромот „Хитроу“ ќе се гради трета писта


Лондон, 3 октомври, 2017 - 10:52 (META) 

Британскиот министер за сообраќај, Крис Грејлинг, најави дека во првата половина од следната година, Велика Британија официјално ќе одобри изградба на третата писта на аеродромот „Хитроу“.

Според него, заминувањето на авиокомпанијата „Монарк ерлајнс“ во стечај не е сигнал за поголеми проблеми во британскиот авиосектор.

Заминувањето во стечај на авиокомпанијата предизвика откажување на голем број резервации.

Британската премиерка Тереза Меј лани одобрила 22 милијарди долари за проширување на аеродромот.


Авион во Индија излетал од пистата, повредени 15 лица


Њу Делхи, 27 декември, 2016 - 10:11 (META) 

Авион на индиската авиокомпанија  „Џет ервејз“ се излизга од пистата на аеродромот во Гоа, на западот на Индија, а во инцидентот потешко се повредени 15 лица, соопштија индиските власти.

Сите патници биле евакуирани, јавуваат индиските медиуми.

Причината за несреќата сè уште не е позната, а во авионот кој во моментот на инцидентот се подготвувал да полета за Мумбај, се наоѓале 161 патник и членови на екипажот.

Авионот подоцна успешно полетал.

Гоа е позната по големите песочни плажи и секоја година за време на божиќните празници ја посетуваат неколку илјади туристи.


Авион на „Туркиш ерлајнс“ ја промашил пистата во Приштина, нема повредени


Приштина, 3 мај, 2016 - 10:45 (META) 

Аеродормот во Приштина привремено е затворен, откако синоќа авион на турската компанија „Туркиш ерлајнс“ ја промашил пистата при слетувањето на дождливото време. Во несреќата нема повредени патници и членови на екипажот.

Портпаролката на приштинскиот аеродром, Валентина Гара, изјавила дека во авионот, кој полетал од Истанбул, се наоѓале 143 патници и осум членови на екипажот.

Според Гара, авионот имал „мала несреќа“, во која никој не бил повреден.

Портпаролката додала дека аеродромот ќе биде затворен сè додека не биде спроведена прелиминарна техничка истрага, која треба да ги утврди причините за несреќата.

Според информациите, откажани се три лета од приштинскиот аеродром.