!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Василевски останува во „Шутка“, а Димовски во домашен притвор – судот им ги одби жалбите


Скопје, 12 декември, 2017 - 16:18 (META) 

Пратениците во Собранието, Сашо Василевски и Љупчо Димовски остануваат во притвор, односно во куќен притвор откако Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска им ги одби жалбите и ги потврди решенијата на судијата на претходна постапка.

Василевски и Димовски се дел од шестмината пратеници осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, оваа година.

„Постапувајќи по жалби изјавени против решенија на судија на претходна постапка за определување мерка притвор за С.В. и мерка куќен притвор за Љ.Д., опфатени со предлогот на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а поврзано со настаните од 27 април во Собранието на Р.М.,Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1 – Скопје, по одржана седница, донесе решение со кое ги одби жалбите и ги потврди решенијата на судијата на претходна постапка“, стои во соопштението на Кривичниот суд.

Претходно, минатата недела, Кривичниот совет им ги потврди притворите на пратениците, Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов и мерката куќен притвор на Јохан Тарчулоски и на Жаклина Пешевска.

Инаку, во истрагата на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција отвори се осомничени вкупно 36 36 лица, меѓу кои и поранешниот министер за внатрешни работи и директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков, организаторите на протестите на „За заедничка Македонија“, Игор Дурловски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски, актерот Владо Јовановски и шестмината пратеници на ВМРО-ДПМНЕ.

Тие се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата.


Мукоски, Арнаудов, Дамовски и Јовановски остануваат во притвор, одлучија Кривичен и Апелација


Скопје, 7 декември, 2017 - 16:40 (META) 

Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 ги отфрли жалбите и ги потврди притворите на пратенците Крсто Мукоски и Љубен Арнаудов, како и решенијата со кои им беше одредена мерка домашен притвор на нивните колеги Јохан Тарчуловски и Жаклина Пешевска.

Во врска со жалбата на пратеникот Сашо Василевски, судот дополнително ќе информира, откако ќе го донесе решението.

Пратеникот Љупчо Димовски, пак, како што соопштија денеска од судот, воопшто не поднел жалба на одлуката на судијата на претходна постапка, кој му одреди домашен притвор.

Шестемина пратеници се осомничени за насилствата во Собранието од 27 април годинава и се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и на безбедноста на државата.

Инаку, во врска со истиот случај, и Апелацискиот суд Скопје денеска ги одбил жалбите на Борис Дамовски, на актерот Владо Јовановски и на Горан Ѓошевски, поранешниот шеф на обезбедувањето на поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски.

Нивните адвокати, како што потврдија од Апелацискиот суд, денеска на јавна седница побарале до судот на тројцата осомничени да им го укине притворот и да им ореди поблага мерка, односно куќен притвор.


Разгледани 170 амандмани за предлог-буџетот, расправата продолжува утре во 11 часот


Скопје, 6 декември, 2017 - 21:01 (META) 

На второто продолжение на 12. седница на Комисијата за финансирање и буџет, кое продолжи и по 18 часот, беа разгледани околу 170 амандмани на предлог-буџетот, од вкупно 279, кои се предложени од ВМРО-ДПМНЕ и од Беса.

На расправата, на која не учествуваа пратениците од опозицијата, беа прифатени шест амандмани, четири од ВМРО-ДПМНЕ и два од Беса, додека осум беа повлечени од пратениците на Беса, кои учествуваа во расправата.

Според пратеникот на СДСМ, Јован Митревски, прифаќањето на амандманите на опозицијата значи дека власта сака да биде конструктивна и да соработува со опозицијата.

– Предложените амандмани ги делиме на добри и на лоши, а не според тоа од кого се предложени. Потребно е да се разгледат добрите предлози и за нив да се одвојат пари од предлог-буџетот – рече Митревски.

Комисијата ги прифати амандманите што се однесуваат на субвенции за печки на пелети, ТИР-зоната во Куманово, изградба на колекторски систем во Неготино, решавање на проблемот со депонијата во Струга, изградба на детски парк во Нерези, Општина Карпош.

Васко Ковачевски, кој претседава со Комисијата за финансирање и буџет, денеска за „Мета“ изјави дека амандманската расправа може да заврши и утре, односно побргу од предвидениот рок од 10 дена, бидејќи законот го дозволува тоа.

Ковачевски го закажа продолжението на седницата за утре во 11 часот.


ДИК ги отфрли приговорите на Беса, Алијанса за Албанците и на НДМ


Скопје, 2 ноември, 2017 - 21:16 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) на денешната седница, која заврши вечерва, ги разгледа и ги отфрли сите приговори поднесени од партиите Беса, Алијанса за Албанците и НДМ за гласање, сумирање и за утврдување на резултатите од вториот круг на локалните избори, што се одржа на 29 октомври.

Од вкупно 89 приговори поднесени од Беса, ДИК отфрли 88, а еден приговор бил повлечен од партијата. На барање на Беса, 84 приговори биле разгледани како еден бидејќи сите се однесувале на гласањето во општина Чаир и имале исти наводи.

Членовите на ДИК ги отфрлија и сите 13 приговори поднесени од Алијанса за Албанците за гласањето во Струга, како и еден приговор поднесен од НДМ.

Приговорите на Беса и на Алијансата за Албанците, Комисијата ги отфрли како неосновани, додека приговорот на НДМ е отфрлен како неуреден.

Против одлуките на ДИК, партиите можат да поднесат тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решенијата. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 48 часа по приемот на тужбите. Одлуките на Управниот суд се конечни.


ДИК на маратонската седница ги одби сите приговори за изборите


Скопје, 20 октомври, 2017 - 10:09 (META) 

Државната изборна комисија (ДИК) ги одби сите приговори поднесени за гласањето и сумирањето на резултатите од првиот круг на локланите избори кои што се одржаа во неделата, на 15 октомври.

Портпаролката на ДИК, Љупка Гугучевска за „Мета“ изјави дека маратонската седница, која почна вчера околу 10 часот претпладне, завршила утрово и дека сите приговори се одбиени.

ДИК одлучуваше по вкупно 43 приговори, од кои 40 беа поднесени од ВМРО-ДПМНЕ, и по еден од ТМРО, Алијанса за Албанците и Левица.

Против одлуките на ДИК, партиите во рок од 24 од приемот на решенијата можат да поднесат жалба до Управниот суд, кој, пак, е должен по приемот на жалбата да донесе одлука во рок од 48 часа.

Вториот круг на локалните избори ќе се одржи на 29 октомври.

Инаку, седницата на ДИК за разгледување на приговорите до најголем дел помина во жестоки расправии меѓу членовите на Комисијата од СДСМ и од ВМРО-ДПМНЕ.

Комисијата за дел од приговорите на ВМРО-ДПМНЕ констатираше дека се полни со технички грешки, кои се повторуваат, односно наместо имињата на општините во кои се наоѓаат избирачките места за кои се однесува приговорот, беше наведено името на друга општина. Претставниците на подносителот ВМРО-ДПМНЕ, беа согласни дека има грешки во приговорите, но, бараат ДИК и покрај тоа да одлучува по нив по службена должност бидејќи имало неправилности.


Пешевски и Латас остануваат без пасоши, Апелација досега ги одби сите жалби на СЈО


Скопје, 17 јули, 2017 - 12:00 (META) 

Поранешниот вицепремиер за економски прашања, Владимир Пешевски, кој е обвинет во случајот „Траекторија“ на Специјалното јавно обвинителство, останува без пасош и со обврска еднаш неделно да се јавува во суд. Вака одлучил Апелацскиот суд Скопје по разгледувањето на жалбите на СЈО и на одбраната на Пешевски минатата недела.

СЈО до Апелацискиот суд се жалеше на одлуката на Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1, кој одби на Пешевски да му биде одреден притвор и наместо тоа, одлучи да му одреди мерки на претпазливост. Од СЈО бараа второстепениот суд да му одреди притвор на Пешевски, а одбраната на поранешниот вицепремиер поднесе жалба со која бараше укинување на мерките за претпазливост.

Според решението, Кривичниот совет на Апелацискиот суд, составен од судиите Љиљана Ивановска-Шопова (претседател на Советот), Африм Фидани и Јани Нича, ги одбил како неосновани жалбите на СЈО и на одбраната и ја потврдил одлуката на Кривичниот суд.

Обвинителите на СЈО, во жалбата, меѓу другото, навеле дека обвинетиот Пешевски „поседува 24 активни банкарски сметки, на кои има постојан прилив и одлив на поголем износ на парични средства, па токму паричните средства што ги поседува и неговиот развиен бизнис надвор од границите на Македонија упатуваат дека може да се даде во бегство и да ја напушти државата“.

Од СЈО навеле и дека со обвинението се предложени и други сведоци кои сè уште не се испитани, што „упатува на оправдан страв дека обвинетиот, доколку се брани од слобода, ќе ја попречува кривичната постапка со влијание на сведоците, кои се предложени на листата на докази“.

Кривичниот совет на Апелацискиот суд ги одбил ваквите наводи како неосновани и оценил дека Основниот суд Скопје 1 донел правилна одлука дека „во оваа фаза на постапката, примената на мерката притвор не е оправдана и дека со примена на поблаги мерки, како што се определените мерки на претпазливост – обврска за јавување во судот и привремено одземање на патната исправа, успешно ќе се елиминира опасноста од бегство“.

Второстепениот суд ја одбил жалбата на одбраната на поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, кому му остануваат мерките за претпазливост, односно да му биде одземен пасошот и да се јавува во судот еднаш неделно.

На сила остануваат истите мерки и за новинарот Драган Павловиќ-Латас, обвинет во случајот „Тотал“, откако Апелацискиот суд го одбил барањето на СЈО да му биде одреден притвор, како и жалбата на обвинетиот против одлуката на Кривичниот суд да му биде одземен пасошот и еднаш неделно да се јавува во суд.

Апелацискиот суд досега ги одби сите жалби што ги поднесоа Специјалното јавно обвинителство и обвинетите против одлуките на првостепениот суд.

Инаку, денеска во Апелацискиот суд треба да се одржат нови пет јавни седници, на кои ќе бидат разгледувани жалбите на СЈО и на обвинети во случаите што ги отвори ова обвиниелство и за кои кон крајот на минатиот месец поднесе обвиненија.

СЈО бараше притвори за вкупно 18 обвинети, меѓу кои и за лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, но кривичните совети на Основниот суд Скопје 1 ги одбија сите предлози и наместо притвор им одредија мерки на претпазливост.


За да одлучи за претресите на СЈО, наместо 12 часа, на судот му биле потребни 5 до 10 дена!


Скопје, 8 февруари, 2017 - 13:04 (META) 

Кривичниот суд во Скопје одлуките по барањата за претреси на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), во зависност од случај до случај, ги носел во рок од 5 до 10 дена, наместо за 12 часа, односно за 24 часа, како што налага Законот за кривична постапка, потврдуваат за „Мета“ од СЈО.

„По барањето за издавање наредба за претрес, судијата на претходната постапка одлучува веднаш, а најдоцна во рок од 12 часа од приемот на барањето“, стои во членот 188 од Законот за кривична постапка.

Доколку судијата на претходна постапка го одбие барањето, тогаш Кривичниот совет на судот треба да донесе одлука во рок од 24 часа.

СЈО минатитот месец до судот поднел четири барања за претреси. Три од барањата биле за претреси кај поранешни и кај актуелни функционери, но од страна на судот биле одбиени сите. Единственото барање што судот го прифатил, односно издал наредба за претрес, се однесувало на лице кое не е функционер, а е осомничено во случајот „Титаник“.

Наредбата за претрес била издадена на 25 јануари, по што СЈО извршило претрес на една локација во Скопје, на кој присуствувал и адвокатот Петар Василевски, од адвокатската канцеларија на Никола Додевски, кој е бранител на најголем дел од лицата осомничени во случаите што ги отвори СЈО.

– Одлуки по повод нашите барања беа донесени по истекот на законските рокови, со што постапката се одолжува и се оневозможува итност во постапувањето – беше наведено во соопштенето на СЈО од 31 јануари годинава.

Кривичниот суд минатата недела ги отфрли обвинувањата на СЈО дека продолжува со опструкциите на нивната работа и одбива да издаде наредби за претрес што се однесуваат на сегашни и на поранешни високи функционери.

Оттаму наведоа дека обвинителите на СЈО не ги испочитувале процедурите на судот и наместо преку приемното одделение, барањата за претреси ги поднеле директно кај дежурниот судија на претходна постапка.


Антикорупциска ги одби сите приговори на СДСМ за предизборни вработувања


Скопје, 4 јануари, 2017 - 13:43 (META) 

Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска на јавна седница ги одби како неосновани сите приговори на СДСМ што се однесуваа на незаконски вработувања во неколку државни институции во предизборниот период.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку својот претставник Стевица Јосифовски до ДКСК поднесе четири приговори за вработувања во Министерството за правда, односно за избор на шест нотари, во „Македонска пошта“, Театарот за деца и младинци и против ВМРО-ДПМНЕ за поставување камен-темелник за изградба на детска градинка во селото Зрновци во изборниот период.

Според Антикорупциската комисија, приговорите се одбиваат бидејќи од Министерството за правда добиле известување дека сè уште немаат донесено решение за избор на шест нотари, а од „Македонска пошта“ известиле дека не вработиле шалтерски работник бидејќи постапката била прекината. Од Театарот за деца и младинци, пак, ДКСК добила известување дека двајцата актери што требало да се вработат, не се примени на работа иако за нив биле обезбедни финансии за тековната година.

Од овие институции навеле дека вработувања биле итни поради заминување во пензија, смрт или престанување на работен однос по барање на работникот.

Во врска со поставувањето камен-темелник на градинката во Зрновци, ДКСК го одби приговорот, бидејќи од Општината биле известени дека градежни активности биле почнати, но не бил поставен камен-темелник.

До Антикорупциската комисија приговор во врска со вработувања во Агенцијата за вработување поднесе и Наталија Белчевска од Валандово. ДКСК го одби и овој приговор затоа што од Агенцијата за вработување добиле образложение дека тие се предвидени со буџетот за 2016 година.


Управниот суд ја уважи тужбата на СДСМ и го поништи гласањето во Теарце


Скопје, 20 декември, 2016 - 17:40 (META) 

Советот на Управниот суд ја прифати како основана тужбата на СДСМ и го поништи гласањето на гласачкото место број 2.011 во општина Теарце, во шестата изборна единица.

Приговорот и тужбата на СДСМ за ова гласачко место се однесуваат на тоа дека на почетокот на гласањето било констатирано дека недостига гласачко ливче, кое на крајот при пребројувањето на гласовите било најдено во избирачката кутија сосе кочанот и серискиот број, како и тоа дека недостигал образецот број 15 во доверливиот гласачки материјал.

„Тужбата на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на коалицијата предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија – СДСМ, – Стевица Јосифовски, се уважува. Решението на Државната изборна комисија УП1.бр.10-488 од 18 декември 2016 година, се преиначува и се одлучува: Приговорот УП1.бр.10-488 од 13 декември 2016 година, на овластениот претставник на листа на кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија на Коалицијата предводена од Социјалдемократски сојуз на Македонија се уважува. Гласањето на гласачкото место бр.2011 во Општина Теарце за изборна единица број 6, се поништува“, стои во пресудата на Управниот суд донесена од судиите Лулзим Салиу (претседател на советот), Нада Иванова, Едита Насковска, Снежана Трповска и Исмета Амет (членови на советот).

Воедно, во образложението на пресудата се наведува дека Државната изборна комисија решението со кое го одбила приговорот го донела во постапка спротивна на законот, бидејќи за оспорувањето на приговорот гласале осум членови на ДИК, четири „за“, четири „против“, а еден член, односно Субхи Јакупи, самиот се иззел од гласањето, што е, како што утврдил советот на Управниот суд, спротивно на Изборниот законик и на правилникот за начинот и за постапката за решавање по приговори.

Управниот суд попладнево ги соопшти и одлуките по уште две тужби на СДСМ, кои по разгледувањето, од страна на судот се одбиени како неосновани и се потврдени претходните одлуки на Државната изборна комисија, со кои беа одбиени двата приговори. Станува збор за приговорите на СДСМ за гласачките места 2.025 во Општина Теарце и 1.978 во Општина Тетово, и двете во шестата изборна единица.

Одлуките на Управниот суд се конечни и по нив не е дозволена жалба.

Управниот суд треба да ја соопшти одлуката по уште една тужба на СДСМ, како и одлуката по тужбата на ВМРО-ДПМНЕ поради прифатениот приговор на Беса од страна на ДИК која го поништи гласањето на едно избирачко место во општина Гостивар, каде што друго лице се потпишало на местото на гостиварката Фатиме Сулејмани, која поради ова не гласала.


ДИК одби седум приговори на Беса, за осмиот ќе одлучува дополнително


Скопје, 15 декември, 2016 - 16:10 (META) 

Државната изборна комисија одби седум, а дополнително ќе одлучува по осмиот приговор од Движењето Беса за текот на гласањето и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември, по што членовите на комисијата заминаа на пауза за ручек од еден час.

Во последниот приговор, Беса тврди дека во општина Гостивар на местото на Фатиме Сулејмани претходно има гласано друг гласач, а забележале и случај каде што една жена сакала да гласа по вторпат, а гласачкиот одбор не ѝ дозволил да гласа затоа што го имала искористено правото на глас.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, предложи да се побараат дополнителни докази за овој случај, што беше едногласно прифатено од сите членови на ДИК.

– Потребно е дополнително да изведеме доказ и предлагам ДИК да ги повика претседателот и членовите на избирачкиот одбор и претседателот на општинската изборна комисија и да ги сослуша денеска на јавна седница за да се расветли случајот. Исто така, предлагам да се донесе кутијата од избирачкото место – рече Чичаковски.

Со два гласа „за“ и со седум гласа „против“ беше одбиен третиот приговор за село Грашинце во Арачиново, каде што од Беса тврдат дека имало вршење притисок од неовластени лица и агитирање внатре и надвор, групно и фамилијарно гласање и дека намерно не бил ставен печат на ливчињата за да бидат прогласени за неважечки.

Игор Милев, членот на ДИК од СДСМ, побара да се донесе избирачката кутија и во ДИК да се пребројат ливчињата и да се утврди дека навистина на неколку гласачки ливчиња намерно не е ставен печат од гласачкото место за да бидат прогласени за неважечки.

Атанас Урумов, пак, сметаше дека приговорот е субјективен, зашто во ова место имало, како што кажа, „само три неважечки ливчиња“.

– Еве, и да се најдат три ливчиња без печати, како ќе се докаже намерата? – праша Урумов.

Бедредин Ибраими од ДПА рече дека тој како правник смета дека приговорите на Беса се безвредни.

Другите приговори на Беса беа одбиени од сите членови на ДИК, а за некои од нив членовите не сакаа ни да расправаат.

Претходно во тензична атмосфера и со постојани препирки меѓу членовите, ДИК одби два од осумте приговори поднесени од Движењето Беса.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека приговорите биле поднесени само за да се направи промена во добиените мандати.

– Очигледно дека приговорите не се дадени за вистински нерегуларности туку за да се изнуди промена на мандатите. Бадијала губиме време за приговори кои се правно неосновани и се дадени само затоа што некој сака да направи промена во мандатите – рече Бонева.