Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) денеска на јавна седница ги одби како неосновани сите приговори на СДСМ што се однесуваа на незаконски вработувања во неколку државни институции во предизборниот период.

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија преку својот претставник Стевица Јосифовски до ДКСК поднесе четири приговори за вработувања во Министерството за правда, односно за избор на шест нотари, во „Македонска пошта“, Театарот за деца и младинци и против ВМРО-ДПМНЕ за поставување камен-темелник за изградба на детска градинка во селото Зрновци во изборниот период.

Според Антикорупциската комисија, приговорите се одбиваат бидејќи од Министерството за правда добиле известување дека сè уште немаат донесено решение за избор на шест нотари, а од „Македонска пошта“ известиле дека не вработиле шалтерски работник бидејќи постапката била прекината. Од Театарот за деца и младинци, пак, ДКСК добила известување дека двајцата актери што требало да се вработат, не се примени на работа иако за нив биле обезбедни финансии за тековната година.

Од овие институции навеле дека вработувања биле итни поради заминување во пензија, смрт или престанување на работен однос по барање на работникот.

Во врска со поставувањето камен-темелник на градинката во Зрновци, ДКСК го одби приговорот, бидејќи од Општината биле известени дека градежни активности биле почнати, но не бил поставен камен-темелник.

До Антикорупциската комисија приговор во врска со вработувања во Агенцијата за вработување поднесе и Наталија Белчевска од Валандово. ДКСК го одби и овој приговор затоа што од Агенцијата за вработување добиле образложение дека тие се предвидени со буџетот за 2016 година.