Државната изборна комисија одби седум, а дополнително ќе одлучува по осмиот приговор од Движењето Беса за текот на гласањето и за постапката на утврдување и на сумирање на гласовите од предвремените парламентарни избори кои се одржаа на 11 декември, по што членовите на комисијата заминаа на пауза за ручек од еден час.

Во последниот приговор, Беса тврди дека во општина Гостивар на местото на Фатиме Сулејмани претходно има гласано друг гласач, а забележале и случај каде што една жена сакала да гласа по вторпат, а гласачкиот одбор не ѝ дозволил да гласа затоа што го имала искористено правото на глас.

Претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, предложи да се побараат дополнителни докази за овој случај, што беше едногласно прифатено од сите членови на ДИК.

– Потребно е дополнително да изведеме доказ и предлагам ДИК да ги повика претседателот и членовите на избирачкиот одбор и претседателот на општинската изборна комисија и да ги сослуша денеска на јавна седница за да се расветли случајот. Исто така, предлагам да се донесе кутијата од избирачкото место – рече Чичаковски.

Со два гласа „за“ и со седум гласа „против“ беше одбиен третиот приговор за село Грашинце во Арачиново, каде што од Беса тврдат дека имало вршење притисок од неовластени лица и агитирање внатре и надвор, групно и фамилијарно гласање и дека намерно не бил ставен печат на ливчињата за да бидат прогласени за неважечки.

Игор Милев, членот на ДИК од СДСМ, побара да се донесе избирачката кутија и во ДИК да се пребројат ливчињата и да се утврди дека навистина на неколку гласачки ливчиња намерно не е ставен печат од гласачкото место за да бидат прогласени за неважечки.

Атанас Урумов, пак, сметаше дека приговорот е субјективен, зашто во ова место имало, како што кажа, „само три неважечки ливчиња“.

– Еве, и да се најдат три ливчиња без печати, како ќе се докаже намерата? – праша Урумов.

Бедредин Ибраими од ДПА рече дека тој како правник смета дека приговорите на Беса се безвредни.

Другите приговори на Беса беа одбиени од сите членови на ДИК, а за некои од нив членовите не сакаа ни да расправаат.

Претходно во тензична атмосфера и со постојани препирки меѓу членовите, ДИК одби два од осумте приговори поднесени од Движењето Беса.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ рече дека приговорите биле поднесени само за да се направи промена во добиените мандати.

– Очигледно дека приговорите не се дадени за вистински нерегуларности туку за да се изнуди промена на мандатите. Бадијала губиме време за приговори кои се правно неосновани и се дадени само затоа што некој сака да направи промена во мандатите – рече Бонева.