Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 денеска ја одби жалбата на Специјалното јавно обвинителство и го потврди решението на судијата на претходна постапка да не му биде одреден притвор на еден од осомничените во случајот „Трезор“.

„Кривичниот совет при Основниот суд Скопје 1, постапувајќи по жалба на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) против решение на судија на претходна постапка при овој суд, денеска во присуство на странките, по барање на СЈО, одржа седница на која донесе решение со кое жалбата на СЈО се одбива како неоснована, а се потврдува решението на судија на претходна постапка, со кое не беше прифатен предлогот на СЈО за определување мерка притвор против едно лице опфатено со предметот на наведеното обвинителство во јавноста познат како „Трезор“, бидејќи не се основани наводите во предлогот на обвинителството“, стои во соопштението на судот.

До Кривичниот суд, информираат оттаму, денеска стигнало и решение со кое Апелацискиот суд ја одбил жалбата на СЈО на одлуката на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, да не го прифати барањето на Специјалното јавно обвинителство за изземање на судијката Лидија Петровска. Петровска треба да постапува по обвинението што СЈО го поднесе против седум лица кои се товарат за фалсификување служебна исправа, односно за уништување на документацијата поврзана со опремата од нелегалното прислушување.

„Апелацискиот суд ги ценел наводите во жалбата на СЈО, но ги одбил како неосновани и утврдил дека претседателот на првостепениот суд правилно постапил кога согласно одредбите од член 33, став 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП), со образложено решение, го одбил барањето за изземање на судијата бидејќи не постојат околностите што предизвикуваат сомневање за непристрасност на судијата за кој се бара изземање“, велат од Кривичниот суд.