Петмина мртви откако воз удри автобус кај Ниш


Ниш, 21 декември, 2018 - 14:21 (META) 

Во голема несреќа што се случи утрово, кога воз удри автобус на „Ниш Експрес“ близу српскиот град Ниш, животите ги загубија пет лица, а се стравува дека бројката на жртви може да расте, бидејќи во Клиничкиот центар во Ниш во критична состојба се уште двајца 16-годишници.

Како што јавуваат српските медиуми, на обележан премин, но без рампи, на пругата кај Доње Меѓурово воз што сообраќал на линијата Ниш – Прокупље околу 7.30 часот удрил во автобусот во кој, покрај возрасните, имало и многу средношколци што оделе на училиште. Автобусот бил преполовен, а задниот дел од возот излегол од шините.

Во несреќата загинале двајца возрасни и едно 15-годишно момче, а подоцна во текот на операциите во Клинички центар Ниш починале 42-годишна жена и 15-годишна средношколка.

Глетката била ужасна, а според српските медиуми, полицајците, медицинскиот персонал и пожарникарите на местото на несреќата плачеле додека ги извлекувале повредените.

Повредени биле 27 лица, сите од автобусот, а во тешка состојба се десетмина.


Возачот на автобусот кој се преврте кај Лесковац возел со околу 100 километри на час


Лесковац, 17 декември, 2018 - 11:02 (META) 

Неприлагодена брзина за условите на патот, односно веројатно околу 100 километри на час е причината за тешката несреќа на македонскиот автобус кој ноќта во неделата се преврте близу Лесковац, Србија при што загинаа три лица, а 32 се повредени, јавуваат српски медиуми, повикувајќи се на извори во истрагата.

Автобусот, според преживеаните патници, почнал неконтролирано да се движи, по што се превртел кај Брестовац, речиси пред Лесковац.

Потешко повредените во болниците во Ниш и во Лесковац синоќа ги посети македонскиот министер за здравство, Венко Филипче.

Српските медиуми јавуваат дека возачот, кој се сомничи дека е одговорен за трагедијата, е уапсен.

–  Според досегашните информации, постои сомневање дека возачот возел со брзина од околу 100 километри на час иако патот бил завеан со снег и лизгав, што довело до несреќата – вели извор од истрагата за српските медиуми.

Како што синоќа изјави министерот Филипче, во Лесковац се сместени осум пациенти, кои се полесно повредени, а за денеска или утре би биле испратени во Македонија. Во Ниш се сместени пациенти се посериозни повреди, кои се под постојан надзор, а двајца од нив можеби ќе треба да се оперираат. Како што рече Филипче, во договор со колегите од Клиничкиот центар Ниш, ќе се реши дали ќе бидат оперирани таму или ќе бидат транспортирани во Скопје.

– Спиев и ме разбуди викање. Погледнав и видов дека автобусот оди лево-десно. Се фатив за седиштето и одеднаш автобусот се преврте. Раката ми остана под седиштето – вели Ремзи Демиров (55) од Штип, кој со автобусот на „Еуро Бус“ патувал за Виена. Хоспитализиран е во Ниш.

Голем број екипи на Итна помош и пожарникари од Лесковац и Ниш многу бргу пристигнале на местото на несреќата.

– Глетката беше страшна. Автобусот беше свртен на страна, патниците лелекаа и бараа помош, додека скршени стакла беа разлетани на сите страни. Четири лица беа заробени во автобусот. Докторите веднаш истрчаа да помогнат, за жал, за тројца беше доцна – вели соговорник за „Србија данас“.


Студентите во Белград ги формулираа барањата на протестите против Вучиќ


Белград, 5 април, 2017 - 20:21 (META) 

Студентите во Белград, кои веќе два дена учествуваат во „протестите против диктатурата“ кои се одвиваат во најголемите градови на Србија, денеска ги поддржаа барањата на колегите од Нови Сад и додадоа уште едно – барање за ревизија на избирачкиот список и овозможување електронско гласање.

Студентите, кои своите барања ги објавија на „Фејсбук“, бараат протестите да траат до смената на членовите на Републичката изборна комисија (РИК), поради непочитување на одлуките на Уставниот суд. Бараат и разрешување на претседателката на српскиот парламент, Маја Гојковиќ, поради блокадата на работата на Народното собрание, а бараат и смена на директорот и уредникот на информативната програма на Радио-телевизија на Србија (РТС), поради „режимско известување и нерамномерна застапеност на кандидатите“.

Студентите побараа и смена на членовите на регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ) поради „нереагирање на повеќе стотиции прекршоци и пријави“. Дополнително, студентите од Нови Сад наведоа дека ако не им се исполнат барањата, ќе бараат вонредни парламентарни избори и дека ќе се протестира додека не бидат исполнети сите барања.

Илјадници луѓе, главно млади, незадоволни од победата на Александар Вучиќ на претседателските избори, протестираа во понеделникот и вчера во Белград, Нови Сад, Ниш, а од вчера протестите, кои се организираат преку социјалните мрежи, се проширија во уште десетина градови во Србија.


Поради снегот и студот, прогласена вонредна состојба во 10 општини во Србија


Белград, 9 јануари, 2017 - 12:59 (META) 

Поради снегот и екстремно ниската температура, во Србија и понатаму на сила е црвениот метеоаларм, а во десет општини, во централниот и во јужниот дел на земјата, прогласена е вонредна состојба.

Според податоците од Автомото-сојузот на Србија, големите снежни наноси и силниот ветер го отежнуваат сообраќајот, но и покрај ваквата состојба, сите патишта се проодни.

Изминатата ноќ најкритично беше на југот на Србија каде беа евакуирани околу 120 лица и 70 возила. Во Врање едно лице почина од премрзнување, додека на подрачјето на Ниш и понатаму се трага по едно машко лице, кое се води како исчезнато. На подрачјето на Блаце, снежните наноси се високи и до три метри.

Реката Голема Морава е замрзната, а поради мразот прекината е пловидбата на Дунав и на Сава.

Од утрово снег врне во цела Србија, а врнежите се очекува да престанат денеска попладне. Температурата, според прогнозите на метеоролозите, ќе биде под нулата сè до четврток.