Брза пруга од Белград до македонско-српската граница кај Табановце е капиталниот инфраструктурен проект за кој Европската унија е подготвена да ја поддржи Србија со финансиска инвестиција помеѓу 35 и 50 отсто од неопходните средства, или од 600 до 700 милиони евра, јавува белградскиот весник „Политика“. Ова е епилогот на средбата меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен.
Претседателката на Европската комисија во својата објава на Твитер потенцираше дека со претседателот Вучиќ разговарале за ковид-19 пандемијата, дијалогот меѓу Белград и Приштина, за потребата од позитивен исчекор кон владеење на правото во Србија, економското опоравување и пругата од Белград до границата со Северна Македонија која ЕУ е подготвена да ја поддржи.
Glad to meet @predsednikrs. We discussed:
• Fight against #COVID19
• Economic recovery
• Accession process where we need to continue to see positive developments in Rule of Law
• Belgrade-Pristina dialogue
• Belgrade-North Macedonia railway which we are ready to support pic.twitter.com/Hi4i6Mol9V— Ursula von der Leyen (@vonderleyen) April 26, 2021
И покрај триумфалната најава во српските медиуми за развојот на железничкиот Коридор 10 низ територијата на Србија, „Јуроњуз“ од Брисел сепак јавува и за притисокот на Брисел кон српскиот претседател Вучиќ за да ги продолжи преговорите со Приштина, при што фон дер Лајен јасно му нагласила дека мора да има позитивен исчекор напред во дијалогот за забрзување на членството на Србија во ЕУ.
Српските медиуми пак по средбата на Вучиќ и фон дер Лајен го цитираат првенствено ветувањето на официјален Брисел дека ќе инвестираат во железничкиот проект, кој ќе овозможи меѓу Белград и српско-македонската граница да се патува со возови кои ќе достигнуваат брзина од 200 километри на час. Весникот „Данас“ пренесува дека Вучиќ рекол оти целиот проект ќе ја чини Србија 1,2 милијарди евра. Времето на патување на патничките и товарните возови со овој проект би се намалило за четири до седум пати.
Српскиот претседател Вучиќ спомена дека неговата земја ќе инсистира овој проект да биде завршен до крајот на 2025 или почетокот на 2026 година. Тој укажа и дека брзата пруга од Ниш до македонско-српската граница ќе биде потешка за изградба, но и дека преговорите за нејзина реализација ќе започнат штом бидат изработени проектите.