Рокот за аплицирање за земјоделски субвенции истекува на 12 јуни


Скопје, 8 јуни, 2018 - 11:46 (META) 

На 12 јуни годинава завршува рокот за поднесување барања за субвенции за растително и сточарско производство, соопшти денеска директорот на Платежната агенција, Николче Бабовски.

Тој додаде дека досега аплицирале 64.448 земјоделци, но се очекува бројката да биде зголемена до 8.000. Тој ги повика земјоделците да аплицираат навреме за побрзо да се обработат барањата и средствата да се исплатат.

Апликациите за субвенции може да се поднесуваат електронски, а ако на земјоделците им е потребна помош во пополнувањето на документацијата, може да се обратат во Платежната агенција.

– За годинава се предвидени преку шест милијарди денари поддршка, средства кои со ребалансот би сакале да се зголемат. Искористеноста на субвенциите за 2017-та е 97 отсто или се исплатени 5,902 милијарди денари – истакна Бабовски.

Платежната агенција годишно обработува околу 160.000 барања за субвенции, а апликации поднесуваат повеќе од 70.000 фармери.


Николовски: Деновиве ќе биде исплатена дополнителната субвенција за лозарството


Скопје, 16 април, 2018 - 16:27 (META) 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на денешниот состанок со винарските визби, на кој учествуваше и директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Николче Бабовски, порача дека лани се исплатени сите обврски и субвенции за лозарите и винарските визби, а наскоро треба да стартува и исплатата на дополнителната субвенција од по два денари.

– Лани се исплатија сите заостанати обврски и кон лозарите и кон винарските визби. Оваа година сме насочени кон навремена исплата кон лозарите и кон визбите, тогаш кога им се потребни. Овие денови ќе биде исплатена и дополнителната поддршка од 2 денари од минатата година, и тоа се уште 140 милиони денари плус субвенции за лозарите – рече министерот Николовски.

Тој нагласи дека пред почетокот на новата производствена реколта, се исплатени над 600 милиони денари субвенции за одржување на лозови насади за лозарите и за винарниците кои имаат сопствени насади.

Во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на лозови насади за оние кои имаат од 1 до 10 хектари , односно наместо 40.000 ќе добијат 48.000 денари по хектар, а дополнителна субвенција од 12.000 денари по хектар ќе добијат оние кои ќе извршат реконструкција на лозовите насади, за промена на асортиментот, што е важно за следење на светските трендови и за зголемување на конкурентноста. Дополнително, 30 отсто повисока субвенција ќе добијат оние земјоделци ќе преминат во попрофитабилна гранка, на пример од полјоделство во лозарство, овоштарство и градинарство.


Барања за земјоделски субвенции може да се поднесуваат до 15 мај


Скопје, 23 март, 2018 - 13:40 (META) 

Земјоделските стопанства ќе можат да поднесуваат барања за субвенции за 2018 година до 15 мај, соопшти Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.

Во програмата се предвидени 6 милијарди и 210 милиони денари кои се наменети за директни плаќања.

Барањата се поднесуваат по електронски пат, а доколку барателите имаат потреба од помош или не се во можност самите да го креираат барањето, за помош може да се обратат во подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Агенцијата на својата веб-страница www.ipardpa.gov.mk ги објави упатствата за корисниците, телефонските броеви и електронската адреса каде ќе може да поставуваат прашања за поднесување на барањата.