!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Битолски средношколци со неписмени соопштенија се повикуваат на протести


Битола, 20 март, 2017 - 13:56 (META) 

„Бојкотираме за да учиме на македонски јазик, не бојкотираме за партија!“ Вака гласи повикот на социјалните мрежи со кои средношколци од повеќе училишта во Битола ги организираат своите соученици да ја прекинат наставата и да излезат на протести.

Притоа, се повикуваат претседателите на класовите да прават списоци и да бележат кој сè излегол на протестите. Протестот кој беше најавен за денеска во 11.30 часот, ги вознемири дел од родителите на ученици во гимназијата „Јосип Броз Тито“, особено зашто ученици од други училишта дошле да ги повикаат на протест гимназијалците, со зурли и со тапани, скандирајќи „Македонија“ и читајќи соопштение „како треба да се сака татковината“.

– Децата ни јавуваат дека други ученици со зурли и со тапани се во училишниот двор и ги повикуваат на протести. Само оваа гимназија досега не ја има прекинато наставата и не го има поддржано бојкот, освен поединци – вели еден од родителите.

Во техничкото училиште, пак, ученик од втора година читал соопштение по училниците зошто треба да се излезе на протестите. Ученикот пред професорите што не го дозволувале ваквиот чин, се правдал дека за сè знае директорот. Директорот, меѓутоа, не одговара на нашите телефонски повици и пораки.

Ученици од повеќе средни училишта денеска, сепак, излегоа на протест.


СДСМ: ВМРО-ДПМНЕ да престане со притисоците и со злоупотребите на ученици


Скопје, 17 март, 2017 - 10:27 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ да престане со притисоците и со злоупотребите на ученици за учество на протести со националистичка реторика и на кои се шири говор на омраза, порачуваат од СДСМ.

Од партијата ја повикуваат ВМРО-ДПМНЕ да престане да прави притисоци врз наставниците и директорите на училиштата и потсетуваат дека злоупотребата на ученици за политички цели е кривично дело и дека за тие што го прават тоа, ќе има одговорност.

„Наставниците и директорите на училишта да соберат храброст и да се спротивстават на нарачките од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, кое единствено се грижи за сопствен спас од одговорност за сторените милионски криминал и злоупотреби“, стои во соопштението на СДСМ.

Оттаму додаваат дека доаѓа време на суштински промени во образование и дека „новата реформска влада ќе го врати достоинството на образовните институции, кои ќе бидат првото место каде што треба да се градат вредностите на едно заедничко општество“.

„Затоа, неопходно е Ѓорге Иванов веднаш да го даде мандатот на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, зад кого стои мнозинство од 700.000 граѓани преточени преку 67 пратенички потписи“, нагласуваат од СДСМ.


Омбудсманот бара веднаш да престане злоупотребата на деца во протестите


Скопје, 3 март, 2017 - 14:00 (META) 

Народниот правобранител денеска повика веднаш да престане злоупотребата на деца во протестите кои се организираат деновиве. За овие случувања, како што соопштуваат од канцеларијата на Омбудсманот, тие добиле и претставки од родители.

„Народниот правобранител ги предупредува сите инволвирани страни дека секоја злоупотреба на децата подлежи на санкции и укажува дека ќе ги истражи поплаките. Доколку навистина се докаже дека одредени лица, вработени во образовни институции, биле поттикнувачи, за истите ќе бара најстроги казни, затоа што станува збор за деца кои според сите меѓународни и домашни регулативи уживаат посебна заштита“, стои во соопштението на Народниот правобранител.

Од институцијата апелираат до наставниците и до родителите по никоја цена да не дозволуваат инволвирање на учениците во какви било собири и протести и ги повикуваат надлежните институции веднаш да реагираат и да ги спречат ваквите појави.


Грција планира да организира часови и училишта за децата бегалци


Атина, 28 јули, 2016 - 12:46 (META) 

Грчкото министерство за образование ја разгледува идејата од септември илјадници деца бегалци да се вклучат во редовната настава во грчките училишта. Министерот за образование, Никос Филис, за ова разговараше со атинскиот градоначалник Јоргос Каминис за да се воспостави соработка меѓу министерството и локалната самоуправа за вклучување на децата бегалци во грчките училишта.

„Министерството е подготвено од почетокот на новата учебна година да се интегрираат во училиштата илјадници деца бегалци“, истакна Филис.

Планот е децата од бегалските кампови низ Грција без никаква училишна настава на почетокот да бидат распоредени низ голем број училишта низ Атина и низ земјата, а потоа да се префрлат во специјализирани училишта.

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вчера најави дека од септември ќе се почне со обид за вклучување на децата во јавниот образовен систем. Ципрас истакна дека за оваа цел ќе се вработат околу 800 наставници-заменици. Идејата е овие наставници да говорат арапски и фарси за да може да им предаваат на децата на мајчин јазик. За помалите деца се предвидува отворање на градинки во бегалските центри.

Образованието на децата бегалци е еден од главните проблеми со кои се соочува Грција, бидејќи илјадници деца со месеци се заглавени во камповите без никакво образование. Проблематично е наоѓањето професори кои ги знаат мајчините јазици на децата, но и фактот дека голем број од родителите може да стравуваат да ги пуштат децата сами да одат на часови во училишта подалеку од бегалскиот центар.

Привремените решенија во некои од камповите се повремени часови од самите бегалци кои пред да заминат од родните држави работеле во образовни институции. Сепак, ако се земе предвид дека бегалската криза ќе трае и дека бегалците ќе останат во Грција уште неколку години, државата мора да најде начин да организира часови за нив. Властите размислуваа и за организирање мобилни училишта со професори кои би доаѓале и би држеле часови секој ден во камповите во посебно организиран простор.


Турција вработува 3.000 нови судии и обвинители и 20.000 професори


Истанбул, 25 јули, 2016 - 10:20 (META) 

Турскиот министер за правда, Бекир Боздаг, соопшти дека 3.000 нови судии и обвинители ќе бидат именувани во Турција на местата на илјадниците државни службеници што беа отпуштени по обидот за воен пуч, извршен на 15 јули.

Боздаг потврди дека владата организирала 1.500 тестирања во ноември за идни судии и обвинители и додаде дека бројот двојно ќе се зголеми поради „неодамнешните случувања“.

Претходно, турскиот министер за образование, Исмет Јилмаз, соопшти дека се планира вработување на повеќе од 20.000 професори, кои ќе дојдат на местата на оние кои добија отказ поради поврзаност со исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен.


Турција: 21.000 наставници прогласени за работонеспособни


Анкара, 19 јули, 2016 - 18:23 (META) 

Министерство за образование на Турција денеска прогласи за работонеспособни 21.000 наставници, вработени во приватни институции.

Одлуката на министерството е дел од акциите што турската влада ги презема по неуспешниот обид за државен удар на 15 јули.

Претходно, Советот за високо образование побарал оставки на 1.577 декани и професори од сите универзитети во земјата, a министерството за образование соопшти дека отпушти од работа 15.200 вработени.

Весникот „Хуриет“ јавува дека повеќе од 49.000 луѓе во Турција добија отказ од работа во различни министерства и државни институции, поради сомневања дека се вмешани во обидот за воен удар.


Директор на основно училиште во Боговиње обвинува дека е бесправно разрешен


Тетово, 14 јуни, 2016 - 15:57 (META) 

Емран Имери, кој неодамна беше сменет од функцијата директор на Основното училиште „Абдил Фрашери“ од Боговиње, денеска на прес-конференција обвини дека градоначалникот на Општинаta, Хазби Идризи, го разрешил бесправно.

– За моето разрешување нема никаква основа. Јас подолго време со градоначалникот на Боговиње комуницирав само службено. Се скаравме поради вработувања на мои и на негови блиски роднини. Потоа ни се расипаа нашите односи. Сметам дека градоначалникот затоа ме разреши – вели Имери.

Градоначалникот Идризи ги отфрли обвинувањата.

– Не е точно тоа што зборува поранешниот директор на основното училиште. Тој е разрешен од функцијата затоа што за него имаше многу поплаки од наставниците. Им се мешаше многу во работата. Затоа против  него се поведе дисциплинска постапка и следуваше негово разрешување – вели Идризи.

Поранешниот директор на училиштето рече дека за неговото разрешување ќе поднесе жалба до повеќе институции.


Екстерно тестирање: Многу стрес, дискутабилна објективност


Скопје, 9 јуни, 2016 - 11:02 (META) 

Утре (10 јуни) завршува екстерното тестирање за учебната 2015-2016 година, кое почна на 7 јуни.

Државниот испитен центар соопшти дека во оваа сесија ќе бидат опфатени 178.648 ученици од основните и од средните училишта, кои ќе бидат тестирани по 1.972 предмети.

Учениците се тестираат по два предмета, а за кои предмети ќе бидат тестирани дознаваат три дена пред полагањето.

Поради уписите во средните училишта (28 и 29 јуни), резултатите од екстерното тестирање најпрво ќе бидат објавени за деветтоодделенците (на 13 јуни), а за сите други ученици резултатите ќе бидат познати на 17 јуни.

Од Министерството за образование и наука тврдат дека екстерното тестирање во сите училишта се одвива во најдобар ред.

Овој проект веќе петта година предизвикува контроверзии во јавноста. Наместо алатка за проверка на објективноста на оценувањето на наставниците, екстерното тестирање за само пет години прерасна во стрес за учениците и за родителите. Ова не би била Македонија, ако во целава игра не се најдат решенија да се изигра понудената реформа. Така, училишните совети на наставниците се закажуваат по 17 јуни, датум кога треба да бидат познати и резултатите и оценките од екстерното тестирање. Потоа многу лесно крајните оценки се заведуваат во дневник, со што и наставниците ја избегнуваат казната. На крајот, оштетени можат да останат само учениците.

Родителите се вознемирени и речиси никој не го поддржува тестирањето.

– Целосно непотребна работа. Учениците низ цела година имаат по десетици тестови за проверка на знаењето. Ова само дополнителни ги растревожува. Порано насмеани ја завршувавме учебната година, а сега со плачење и со нервози – вели родител на ученик во училиштето „11 Октомври“ од Скопје.

Несогласување има и од наставниците, иако тоа го искажуваат полутајно и без поголема помпа, поради страв од реперкусии.

– Ќе објаснам просто: некој ученик цела година не знае ништо, не се потрудил да учи и добива слаби оценки. За екстерно тестирање ќе ги научи напамет дадените прашања, ќе добие петка и нас ќе нè казнат. Каде е овде објективноста? – вели наставник од скопското основно училиште „Блаже Конески“.

Екстерното тестирање беше воведено во учебната 2012-2013 година за да се провери објективноста на наставниците при вреднувањето на успехот на учениците.


Омбудсман: Изборите не смеат да ги поместат матурата и екстерното тестирање


Скопје, 19 април, 2016 - 14:01 (META) 

„Груба повреда на правата на учениците претставува промената на рокот за полагање на државната матура од 4 јуни на 28 мај, во услови кога редовната настава за матурантите завршува на 20 мај. Со тоа на учениците им се скратува времето за подготовка за полагање на овој испит, со што уште еднаш се потврдува дека воопшто не се води сметка дали промената негативно ќе влијае на понатамошното образование на ученикот, ако се има предвид дека оценките од државната матура битно влијаат на успехот на ученикот, а со тоа и добивањето бодови за запишување во високообразовните институции“, се вели во реакцијата од канцеларијата на Народниот правобранител.

Оттаму го повикуваат министерот за образование и наука веднаш да ја повлече оваа одлука, затоа што не е во согласност со Законот за средното образование, ниту со подзконските акти кои поблиску ја уредуваат оваа материја, а е спротивна и со Конвенцијата за правата на детето, според која, секогаш на прво место е најдобриот интерес на детето.

Мета“ неодамна пишуваше дека и екстерното тестирање на учениците годинава се поместува за неколку дена подоцна, поради изборите.

Kако што нè информираа наставниците, во новиот план стои дека екстерното тестирање ќе почне на 9 јуни, а ќе заврши на 14 јуни, што е поместување од речиси цела недела. Само за споредба, минатата година екстерното тестирање се одржа од 2 до 10 јуни. Инаку, дознаваме дека во некои училишта директорите веќе ги известиле советите на наставници за новите термини за екстерно тестирање.

Во дописот до кој дојде „Мета“ се гледа дека распоредот за тестирање ќе биде објавен на 2 јуни, за разлика од минатата година, кога бил објавен на 28 мај.

Деветтите одделенија, според новиот план, ќе се тестираат од 9 до 13 јуни.

Со сето ова, велат наставниците, се поместува и учебната година, затоа што се одложуваат и датумите за жалби. Целиот процес со екстерното тестирање, според измените, треба да заврши на 15 јули, кога сите резултати треба да бидат внесени во системот.

Според Календарот за организација на учебната 2015/2016 година во основните училишта, подготвен од Министерството за образование и наука, второто полугодие почнува на 20 јануари, а завршува на 10 јуни 2016 година, а летниот распуст почнува на 11 јуни 2016 година.

Народниот правобранител смета дека одржувањето на предвремените парламентарни избори не треба да влијае на образованието на учениците, ниту да биде причина за промена на роковите за полагање на државната матура.

„Во случајот загрижува и тоа што учениците повторно ниту се прашани, ниту е побарано нивното мислење, иако станува збор за активност која директно се рефлектира на нив самите и на нивното понатамошно образование. Оттука, не само што со оваа одлука се повредува принципот на најдобриот интерес на детето, туку не се почитува ниту принципот на учество на децата, односно сослушување на нивното мислење, на што обврзува Конвенцијата за правата на детето“, порачува Народниот правобранител.

Омбудсманот потсетува дека успехот од државната матура може да биде одлучувачки фактор за тоа дали ученикот ќе се запише на факултет или не, односно дали ќе го продолжи своето образование, како и дали висината на партиципацијата ќе изнесува 200 или 400 евра во денарска противредност, факт што не е за занемарување.


Изборите ги одложија и екстерното тестирање и распустот за една недела


Скопје, 25 март, 2016 - 9:59 (META) 

Екстерното тестирање на учениците годинава се поместува за неколку дена подоцна поради предвремените парламентарни избори закажани за 5 јуни, дознава „Мета“ од наставници во основни училишта, кои вчера го добиле акцискиот план за јунската сесија.

Имено, како што нè информираат наставниците, во планот стои дека екстерното тестирање ќе почне на 9 јуни, а ќе заврши на 14 јуни, што е поместување од речиси цела недела. Само за споредба, минатата година екстерното тестирање се одржа од 2 до 10 јуни.

Во дописот до кој дојде „Мета“ се гледа дека распоредот за тестирање ќе биде објавен на 2 јуни, за разлика од минатата година кога бил објавен на 28 мај.

Деветтите одделенија, според новиот план, ќе се тестираат од 9 до 13 јуни.

Со сето ова, велат наставниците, се поместува и учебната година, затоа што се пролонгираат и датумите за жалби. Целиот процес со екстерното тестирање, според измените, треба да заврши на 15 јули, кога сите резултати треба да бидат внесени во системот.

Според „Календарот за организација на учебната 2015/2016 година во основните училишта“, подготвен од Министерството за образование и наука, стои дека второто полугодие почнува на 20 јануари, а завршува на 10 јуни 2016 година, а летниот распуст почнува на 11 јуни 2016 година.

Официјален одговор побаравме и од МОН, но никој не одговараше на нашите повици.

Минатата година екстерно се тестираа 183.280 ученици и 17.803 наставници.

Новиот акциски план за екстерно тестирање за јунска сесија

Календар за учебната 2015/2016