БРО: Не се укинува предметот историја и нема да се бркаат наставници од работа

Нам како институција ни останува дилемата, дали ова се прави тенденциозно, преку лажни вести и спинувања да се добие ситен политички поен, да надвладеаат дезинформациите, без оглед на последиците по учениците, наставниците, велат во Бирото за развој на образованието

Фото: Министерство за образование и наука

Реакции кои шират паника и лавина негодувања можат да се забележат деновиве на социјалните мрежи, по објавите дека од претстојниот септември, во шесто одделение, учениците ќе имаат нов предмет, природни науки. Реакциите одеа дотаму што се пишува дека се укинуваат предмети и се бркаат наставници од работа, како и дека наводното спојување на предметите физика, биологија, географија и хемија во еден предмет, ќе биде многу лошо за учениците. Исто така, наголемо се шири и тврдење дека предметот историја во шесто одделение се укинува и дека истото ќе се случи и со предметот етика во религиите.

За овие прашања Мета.мк побара одговори од надлежните во Бирото за развој на образованието (БРО), институцијата во која се кројат наставните планови и програми за наставните предмети што се изучуваат во основното образование.

„Наставниот предмет природни науки во шесто одделение не се воведува за првпат оваа учебна година. Тој предмет учениците го изучуваат повеќе од 15 години. За првпат е воведен уште во осумгодишното осново образование, па потоа по нова наставна програма се изучуваше во деветгодишното основно образование, претрпе промена со воведувањето на т.н. Кембриџ наставни програми, а сега ја менуваме (ја осовремнуваме) наставната програма по четврти пат. Односно, врз основа на сите досегашни искуства, работна група составена од професори од универзитетите, практичари-наставници од основните училишта и советниците од Бирото ја развија новата наставна програма која ќе се реализира од септември 2023 година“, објаснуваат во Бирото.

Оттаму велат дека интересно е што досега никој не се заинтересирал, ниту прашал изминатите години, кој ја изведува наставата и не го спорел нормативот за наставен кадар, туку тоа се случува сега.

„Нема никаква промена во нормативот за наставен кадар од претходните наставни програми, односно истите наставници кои ја изведувале наставата ќе продолжат тоа да го прават тоа и следната учебна година. Нам како институција ни останува дилемата дали ова се прави тенденциозно, преку лажни вести и спинувања, да се добие ситен политички поен, да надвладеаат дезинформациите, без оглед на последиците по учениците, наставниците или, пак, се работи за ширење вакви информации поради незнаење и незаинтересираност да се побара вистинскиот одговор“, оценуваат во БРО.

И наставниците по географија ќе можат да предаваат природни науки 

Не е точно, појаснуваат од Бирото за развој на образованието, дека наставниците по географија не можат да го предаваат предметот природни науки.

„Во нормативот за наставен кадар наведени се наставниците кои имаат завршено студии по биологија, по хемија, по физика и по географија, како и завршени двопредметни студии во различни комбинации на предмети од оваа област. А наставата, како и до сега, ќе ја изведува еден наставник во училиштето, согласно расположливиот наставен кадар во самото училиште и според начинот на организација на наставата. Ниту Бирото за развој на образованието, ниту Министерството за образование и наука не влијаат врз изборот на кадарот за реализација на наставата во училиштата. Ние ги даваме насоките, ги определуваме нормативите, а самата организација при распоредот и изборот на кадар е на самите училишта“, потсетуваат од БРО.

Ниеден наставник нема да остане без работа

За реакциите околу тоа дека ќе има наставници кои ќе останат без работен ангажман, надлежните во Бирото смируваат дека ниту еден наставник нема да остане без работа и без часови, поради воведување на новите наставни програми.

„Бројот на часови е идентичен како и порано, а она што го воведуваме со новите програми е новиот пристап, базиран на искуствено учење, на поврзување на оа што се учи со реалноста, на учење преку експерименти, развивање на критичко мислење. Како поддршка на наставниците и на учениците од следната учебна година во реализацијата на програмите се и новите кабинети по природни науки изградени и опремени од страна на МОН со поддршка на Светска банка“, информираат од БРО.

Не е точно дека ќе се укине предметот Историја

Деновиве на социјалните мрежи се споделува и тврдење дека согласно новата Концепција, нема повеќе да се изучува предметот историја.

„Ако само се види наставниот план и називот на „новиот“ наставен предмет, на секој разумен човек му станува јасно дека историјата се учи повеќе од кога и да е до сега во основното образование. Наставниот предмет историја и општество се воведува од четврто одделение и се изучува до деветто одделение. Со новите наставни програми се обидуваме историјата да стане попривлечна за изучување на учениците, да се развие еден поинаков наратив, кој нема да нуди само „помнење на датуми“ и „празно учење на памет“, туку учениците ќе ја учат преку историските извори, преку културното наследство, преку секојдневниот живот и различните улоги на луѓето во минатото“, објаснуваат во Бирото.

Оттаму додаваат дека наставната програма по историја и општество ќе биде готова наскоро и таа ќе биде поставена на веб-страницата на Бирото за развој на образованието.

Во шесто одделение, новина е тоа што предметите информатика и техничко образование ќе бидат споени во еден, со два часа неделно. Како теми што ќе се изучуваат во наставната програма, наведени се: информатика и компјутери (8 часа), креирање цртеж (6 часа), работа со текст (5 часа), алгоритми, програми и совладување на алгоритамско размислување преку игра (5 часа), запознавање со информатички концепти преку решавање на логички натпреварувачки задачи (8 часа), креирање програми (20 часа), креирање проекти со микробит (14 часа), како и онлајн живеење (6 часа).

Новата концепција за основно образование, која е дел од Стратегијата на МОН за 2018-2025 година, предвидена е со Законот за основно образование и е дел од владината програма. Во март 2021 година, Владата ја усвои концепцијата. На тоа претходеше јавна дебата што се одржа во Собранието, како и можност секој да каже свој предлог во врска со промените. Дел од јавноста бурно реагираше на најавата дека ќе се случуваат крупни промени во основното образование. Најавата дека ќе се воведе концепт со кој повеќе предмети се интегрираат во еден предизвика многу различни толкувања и реакции.

Спојувањето на повеќе предмети во еден ќе ги учи учениците критички да размислуваат, вели Царовска