Спојувањето на повеќе предмети во еден ќе ги учи учениците критички да размислуваат, вели Царовска

Фото: Арбнора Мемети

Новата концепција за основно образование е навистина развојна, се базира на домашни и меѓународни истражувања и исто така се базира на анализа на постојни светски добро поставени концепции за основно образование, кои што даваат одлични резултати кај учениците, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска на денешната прес-конференција.

„Ваквиот интегриран пристап на наставни предмети во еден како главни носечки и правото на изборни предмети и воннаставни содржини е достапен секаде во развиените држави во светот. На тој начин, овој концепт на образование ги учи учениците да не помнат само факти, туку ги учи и критички да размислуваат за одредена тема од различни предмети, која што се обработува низ различни предмети, но се работи низ тематски пристап,“ појасни министерката.

Таа е децидна дека образованието мора да претрпи промени, за што покажуваат и домашните и меѓународните тестирања, но и родители и наставниците кои ги предложиле овие концептуални промени.

„Од нивните искази ние извлековме анализа и дојдовме до концепција каква што тие бараат. Овој модел наликува на финскиот, иако е македонски со нашите специфики, капацитети и можности, но тоа е концептот на преминување од фактичко учење кон размислување,“ додаде таа.

Царовска притоа истакна дека не само предметот историја, туку и предметите по биологија и хемија се интегрираат во ист период кога се отвора дискусијата со бугарската страна.

Министерката апелираше до сите професори, наставници и ученици, да ги следат промените за кои во моментов се водат дискусии со засегнатите страни, како и дека ќе има јавна детална презентација за новиот концепт за основното образование.