Почина актерката Љупка Џундева


Скопје, 7 декември, 2018 - 12:47 (META) 

Почина познатата театарска, филмска и телевизиска актерка Љупка Арсова – Џундева, на 84-годишна возраст, соопшти Македонскиот народен театар.

„Со голема болка и огромно жалење ја споделуваме веста за смртта на актерката Љупка Арсова Џундева (1934-2018), тивката дама на македонското актерство. Џундева секогаш со гордост истакнуваше дека припаѓа на втората генерација актери на некогашната Висока театарска школа, а со тоа е дел од создавањето на поновата историја на театарската уметност во Македонија.

Нејзиниот ентузијазам и копнеж по театарската сцена, но и нежниот и милозвучен карактер, безвременска убавина, романтична појава и жесток став во негувањето на звучниот мајчин јазик ја направиле миленичка на театарските режисери, но и на широката театарска, филмска и телевизиска публика.

Во Македонскиот народен театар работеше во текот на целиот свој професионален живот од 1951 до 1990 година, кога замина во пензија. Нејзината последна улога на сцената на МНТ се случи во 2015 година, како Марина во претставата „Вујко Вања“ од Чехов во режија на Зоја Бузалковска.

Љупка знаеше да каже дека треба да се најде мирот и љубовта кон луѓето, и колку што е можно човек треба да му се радува на животот. „Ние сме многу малку гости на овој свет“, знаеше нашата Буба. „Човек треба да се научи прво да си ги прости своите грешки самиот на себе, а потоа да ги прости и на другите. Кога ќе простиш, ќе го најдеш својот мир и ќе се ослободиш“, се вели во соопштението од МНТ.

Џундева е добитник на наградата „13 Ноември“, потоа на Наградата за артистичко остварување доделена од Југословенската радио-телевизија, Орден на трудот со златен венец и Орден на трудот со сребрен венец.

Во богатата театарска, филмска и телевизиска актерска кариера, Џундева оствари стотици разни улоги.


Иванов со орден ќе ја одликува Агенцијата за разузнавање


Скопје, 24 март, 2017 - 11:46 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, со орден ќе ја одликува Агенцијата за разузнавање (АР), соопштуваат во кабинетот на Иванов.

Свеченоста по повод одликувањето е закажана за вечерва во Македонскиот народен театар (МНТ).­

Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека Агенцијата за разузнавање се одликува по повод 20 години од основањето, а особено за нејзината дејност, како еден од основните сегменти на разузнавачко-безбедносниот систем на државата, во зачувувањето и во зајакнувањето на суверениетот, независноста и на територијалниот интегритет на Република Македонија.