Декември е месец на „Торонто експрес“ – нова урнебесна комедија во МНТ

Фото: Мета.мк

„Торонто експрес“ е новата театарска претстава на Јордан Симонов која месецов за прв пат ќе ја има својата премиера, а веќе до крајот на годинава ќе има уште две свои прикажувања на сцената на Македонскиот Народен Театар.

Вчера на малата сцена во МНТ се одржа најава за премиерата што ќе биде на 15-ти декември што беше проследена со прес-конференција на која авторите го опишаа процесот на создавање на претставата – од идеја до реализација.

Сценариото за претстојната претстава е изработено по адаптација на новата збирка на есеи од Зоран Спасов Ѕоф наречена „Торонто експрес“ која неодамна излезе од печат. Автори на истото се театарскиот и филмски режисер и актер Јордан Симонов во соработка со Благоја Бошковски и главниот актер Александар Микиќ.

Се работи за адаптирана глума инспирирана од новата, „апдејтирана“ верзија на култната збирка на есеи „Тибам штркот“ напишани пред дваесетина години. За очекуваната претстава, режисерот Симонов рече дека книгата „Торонто експрес“ е ажурирана верзија на претходната, а оваа претстава е „апдејт на апдејтот“.

Тој рече и дека ова за него била голема школа и предизвик за нешто на што не работел претходно.

„Прв пат се соочувам со вакви услови кога од мене е побарано да работам на пиеса што ја ограничува бројката на учесници. Поради тоа, публиката што ќе дојде да ја погледне претставата ќе се сретне со некои работи кои не ги содржи книгата, но и обратно“, вели Симонов.

Фото: МНТ

Идејата за инспиративниот и креативен проект, како што го опишуваат самите, велат дека произлегува од впечатоците кои ги добил Александар Микиќ по читањето на збирката раскази „Тибам штркот“.

„Главниот дел беше што да избереме од текстот за да го поставиме како есенција во претставата. Решивме да се бавиме со проблемот зошто луѓето си одат од Македонија? Што е тоа што ги тера луѓето да побегнат од нашата родна Македонија и мислам дека со приказната за Канада станува сосема јасно зошто луѓето ни бегаат“, истакна актерот.

За веќе осмислената комедија врз основа на неговата збирка раскази, авторот и писател Ѕоф нагласи дека и двете имаат многу заеднички точки. Тој претставата ја најави како урнебесна комедија која ветува загарантирано смеење и квалитетна глума.

Вчера, исто така се одржа промоција на обновената верзија, односно новата книга на Зоран Спасов Ѕоф „Торонто експрес“ во „Ист гејт мол“ во книжарницата „Литература суперстор“. Премиерата ќе се одржи на 15 декември. Следните закажани датуми се на 16 и 20 декември.

Инаку, „Тибам штркот“ беше најпопуларна и најчитана книга од есејски тип за 2008 година. Тоа е документаристичка стрип-проза што на сатирични-реалистички начин ги отсликува животите на веќе населените и идни печалбари кои постојано се отселуваат од родната земја во потрага кон подобар живот.