„Види, летам!“ – Искуства на бегалци и лица без државјанство преку новата театарска претстава

Премиерата на претставата е закажана за во вторник, 7 ноември во Македонскиот народен театар (МНТ) со почеток во 19 часот

фото: Вондерленд Театар

„Види, летам!“ е најновиот театарски проект на независниот Вондерленд театар, кој претставува истражување на предизвиците со кои се соочуваат лицата со статус на бегалци, барателите на азил и лицата без државјанство. Премиерата на претставата е закажана за 7 ноември во Македонскиот народен театар (МНТ), со почеток во 19:00 часот.

Изработена од драматургот Ана Трпеноска, проектот ја црпи својата инспирација од автентичните наративи, искази и приказни на луѓето со кои и за кои работи Високиот комесаријат на ОН за бегалци (УНХЦР), кои храбро ги споделиле своите искуства анонимно за време на работилниците водени од тимот на Вондерленд Театарот.

Претставата е во режија на Ивана Ангеловска, а под креативно водство на уметничкиот координатор Нела Витошевиќ. Во претставата играат актерите Никола Настоски, Исмет Шабановиќ, Ана Димитрова, Леонардо Лазов и Драгана Костадиновска.

Проектот е поддржан од УНХЦР и Младинскиот образовен форум (МОФ).

„’Види, летам’ на Вондeрленд Театар не само што ветува дека ќе ја воодушеви публиката, туку и се обидува да ја поттикне емпатијата со бегалците и лицата без државјанство. Со доближување на овие важни човечки приказни, продукцијата има за цел да поттикне подлабоко разбирање и поврзување во нашата заедница“, велат од Вондерленд Театар.

По премиерата во МНТ во Скопје, претставата ќе гостува и во Тетово (13 ноември на сцената на Факултетот за драмски уметности), Штип (18 ноември во Народниот театар), Куманово (22 ноември во Театар Куманово) и Гевгелија (29 ноември во Домот на културата).

Влезот за претставата е бесплатен, а картите за премиерата може да се резервираат на овој линк.