Почна да се расчистува кејот на реката Вардар во близина на Македонскиот народен театар и новиот пешачки мост. Досега екипите на Град Скопје подигнале 27 кубни метри градежен материјал, а се најавува дека чистењето ќе продолжи и во наредните денови.

Како што соопштија од Градот, овој дел од кејот речиси осум години не бил прооден за пешаци и за велосипедисти поради градежни работи и натрупан градежен материјал за изградба на „Панорамското тркало“.

„Изградбата на мостот е готова, „Панорамско тркало“ нема, и сега се работи на конечно ослободување и на оваа делница од кејот, за граѓаните да можат непречено да ја користат“, информираат од Град Скопје.

Додаваат дека ќе се продолжи со чистење на кејот на Вардар, калдрмата, каменот и коритото на реката, а ќе се уредуваат и пешачките патеки и зеленилото.