Пиесата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ на втори март пристигнува во МНТ

Фото: МНТ

На сцената на Македонскиот народен театар за прв пат премиерно ќе биде одиграна претставата „Горчливите солзи на Петра фон Кант“ од германскиот автор Рајнер Вернер Фасбиндер.

Премиерата е закажана за втори март со почеток во 20:00 часот и истата е во режија на Ивица Димитријевиќ.

Се работи за контроверзна драма сочинета од женска романса каде Фасбиндер отворено ги опишува љубовните односи меѓу жените. Текстот е напишан кон почетокот на 70-те години од минатиот век, а со него авторот стекнува и голема светска слава.

Дејството на пиесата се случува во домот на нарцисоидната и позната модна креаторка Петра фон Кант, која ја следи променливата динамика во нејзините односи со другите жени. Приказната на протагонистката Петра е раскажана во пет чина, притоа секој од нив ги прикажува психолошките состојби на главниот лик.

Драмата досега е екранизирана на филмското платно во 1972 година во режија на самиот драматург кој покрај тоа е актер, театарски и филмски режисер и композитор. По филмската премиера, текстот е повеќепати поставуван и на светската театарска сцена, а сега за прв пат се поставува и во Македонскиот народен театар.

„Горчливите солзи на Петра фон Кант“ е базирана на целосно и внимателно одбрана женска актерска екипа: Драгана Костадиновска – Петра фон Кант, Сара Анастасовска – Карин Тим, Сашка Димитровска – Сидони фон Гразенаб, Софиа Насевска -Трифуновска – Марлен, Тања Кочовска – Валери фон Кант и Анастасија Аневска – Габриеле фон Кант.

Како креативни соработници се потпишуваат костимографката Ирина Тошева, консултант за сценографија е Кристина Божурска, а музиката е на Јане Трајковски. Преставата е копродукциски проект меѓу Македонскиот народен театар и МИ Филм.

По првата, следните изведби се закажани за на 4-ти и 22-ри март со почеток во 20:00 часот.

Билетите се достапни онлајн преку веб-страницата www.mnt.mk како и на билетарницата во МНТ.