!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Казахстан предлага „исламски Г-20“


Астана, 10 септември, 2017 - 16:20 (META) 

Казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбаев денеска излезе со иницијатива петнаесетте најразвени држави од Организацијата за исламска соработка да создадат форум за развој на науката и економијата налик на Г-20.

Назарбаев предлогот го даде на самитот за наука и технологија на ОИС во Атана, јави ТАСС.

– Сметам дека треба да создадеме форум, како Г-20, неофицијална група за развој на науката и на економијата во исламскиот свет. Од развиените 15 држави во ОИС може да се создаде организацијата ОИС-15. Развојот на науката и на технологијата е мошне важен за нас – смета Назарбаев.


Одложени мировните преговори за Сирија во Астана


Астена, 8 јуни, 2017 - 11:29 (META) 

Русија, Турција и Иран ја одложија планираната рунда преговори за Сирија, која на предлог на Русија требаше да се одржи во Казахстан на 12 и на 13 јуни, соопшти денеска казахстанското министерството за надворешни работи.

Портпаролот на министерството рекол дека не се знае кога ќе се одржи следната рунда преговори.

На преговорите требаше да учествуваат сириската влада и некои фракции на бунтовниците. Претходниот мировен состанок за Сирија се одржа во казахстанскиот главен град Астана на крајот на јануари годинава.


Во Казахстан состанок за прекин на огнот во Сирија


Астана, 6 февруари, 2017 - 9:43 (META) 

Експерти од Русија, Турција, Иран и од САД почнаа технички состанок во казахстанскиот главен град Астана, на кој детално ќе се разгледа прекинот на огнот во Сирија, соопшти министерството за надворешни работи на Казахстан.

– Се очекува првпат на разговорите да учествуваат и претставници од Јордан – рече портпарол на министерството.

Тој додаде дека на состанокот ќе се говори за имплементација на прекинот на огнот, за предлогот на сириската вооружена опозиција за примирје и за утврдување на можностите за негова примена.

– Тука станува збор за механизам за контрола на имплементацијата на прекинот на огнот – рече портпаролот.


Сириската влада е подготвена да преговора за сè, вели Асад


Дамаск, 9 јануари, 2017 - 9:52 (META) 

Сирискиот претседател Башар ал Асад соопшти дека неговата влада е подготвена да преговара за сè во врска со предложените мировни разговори во Казахстан.

Тој рече дека сè уште не е јасно кој на тие преговори ќе ја претставува опозицијата и оти сè уште не е закажан датум.

Асад, исто така, рече дека улогата на сириската армија била да ја поврати областа во близина на Дамаск, каде бунтовниците го контролираат снабдувањето со вода.


Се урна зграда во Казахстан, девет лица загинаа


Астана, 2 јануари, 2017 - 13:00 (META) 

Најмалку девет лица загинаа кога се урна зграда во селото Шакан во централниот дел на Казахстан, соопштија локалните власти.

Како што се наведува, несреќата се случила во неделата попладне, а според првите наоди, била предизвикана од експлозија во котларница.

Од урнатините на зградата досега се извлечени девет лица, меѓу кои имало и три деца. Во акцијата за спасување учествуваат 300 луѓе.


На казахстанските олимпијци им се одземени медалите од Пекинг


Казахстан, 17 ноември, 2016 - 13:52 (META) 

Олимпискиот комитет на Казахстан денеска соопшти дека на тројца спортисти од земјата им се одземени олимписките медали по новите тестирања на примероците од Олимписките игри од Пекинг од 2008 година.

Без сребрени, односно бронзени медали останаа Ирина Некрасова и Марија Грабиветсаја, кои се натпреваруваа во кревање тегови, како и освојувачот на бронза во борење, Асет Мамбетов.

Покрај нив, поради допинг на игрите во Пекинг, ретроактивно се дисквалификувани и Владимир Седов и Маија Менеза, исто така натпреварувачи во кревање тегови, додека Алмас Утешов „падна“ поради користење недозволиви средства на годинешните игри во Рио де Жанеиро.


Двајца убиени при престрелка во казахстанскиот град Алмати


Алмати, 18 јули, 2016 - 10:07 (META) 

Двајца полицајци се убиени, а неколкумина се повредени утринава откако маж отвори оган пред централата на полицијата во градот Алмати, соопшти казахстанското Министерството за внатрешни работи на Казахстан.

Амбулантни возила веднаш пристигнале на местото на пукањето, а властите го повикаа локалното население да не ги напушта домовите.
– Престрелката почна пред зоната на полициската управа во Алмати, по што вооруженото лице продолжи да се движи низ улиците на градот и да пука – соопшти претставник на Министерството.

Руските медиуми јавуваат дека напаѓачот, најверојатно, бил припадник на религиозно радикално движење.

Очевидци на пукањето велат дека виделе маж, облечен во црно, како со автоматска пушка бега од реонот на полициската управа. Според други очевидци, пак, напаѓачот отворил оган откако полицијата се обидела да го запре возилото со кое тој управувал. По престрелката, мажот побегнал во непознат правец.

Според последните објави на социјалните медиуми, полицијата наводно го пронашла, го совладала и го уапсила напаѓачот.


Казахстан: Пет загинати во хеликоптерска несреќа, меѓу нив и бебе


Астана, 28 јануари, 2016 - 11:32 (META) 

Пет лица, меѓу кои и бебе загинаа во пад на хеликоптер во Казахстан, јавија денеска казахстанските медиуми.
Порталот „Тенгринњуз“, повикувајќи се на претставници на министерството за внатрешни работи, наведе дека хеликоптерот „МД-600Н“ исчезнал од радарите во средата.

Спасувачките екипи утринава пронашле остатоци од леталото во кањон на југоистокот од земјата.

Бебето што било во хеликоптерот требало да биде префрлено во болница.

Причината за падот на хеликоптерот засега не е позната.


Путин предлага монетарна унија со Белорусија и со Казахстан


Астана, 20 март, 2015 - 16:36 (META) 

Рускиот претседател Владимир Путин им предложи на лидерите на Белорусија и на Казахстан заедно со Русија да основаат монетарна унија.

– Мислам дека дојде време за разговор за идно потенцијално основање монетарна унија – рече Путин по состанокот со белорускиот претседател Александар Лукашенко и со казахстанскиот претседател Нурсултан Назарбајев во главниот град на Казахстан, Астана.

Путин додаде дека е полесно да се заштити заедничкиот финансиски пазар „кога се работи рамо до рамо“.

Претседателот на Русија во Астана се сретна со белоруските и со казахстанските лидери за да разговара за економските проблеми со кои се соочуваат нивните држави кои се членки на Евроазиската економска унија.