Министерство за финансии: Јавниот долг се намалува, враќаме стари кредити


Скопје, 8 август, 2018 - 12:55 (META) 

Заклучно со 2016 година, јавниот долг учествуваше со 48,5 поценти од домашниот-бруто-производ (БДП) или 4,7 милијади евра, а на крајот на 2017 година вкупниот јавен долг е намален на 47,2 проценти од БДП.

Ова денеска го одговори заменик-министерката за финансии, Ширет Елези на новинарско прашање за задолжувањето.

– Само во јануари 2018 година, Министерството за финансии исплати над 200 милиони евра долг преземен од претходните години, односно исплати кредит земен во 2013 година од 95 милиони евра, а исто така предвреме е исплатена обврзница која доспева во 2020 година – изјави Елези.

Таа потенцираше дека од 2008 до 2016 година долгот се зголемил двојно или од 23 проценти од БДП на 48,5 проценти од БДП.

Во однос на слабата реализација на капиталните инвестиции, Елизе додаде дека прават напори и ги притискаат институциите за реализација на капиталните инвестиции во наредниот период.

– Затоа правевме и одредени анализи, ако има потреба ќе се прави ребаланс на буџетот за да ги прераспределиме таму каде има потреба од буџетските корисници за да се реализираат – истакна Елези и информираше дека во буџетот има одлична наплата на приходите со реализација од 47 проценти од планираното, а буџетскиот дефицит е 0,7 проценти или една четвртина од проектираниот.


Анѓушев: Референдумот нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата


Скопје, 31 јули, 2018 - 12:19 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев денеска на прес-конференција рече дека растот на индустриското производство од 12,1 отсто во јуни во однос на истиот месец лани и растот на просечната плата забележан во мај покажуваат дека економските политики на Владата се добри и оти даваат резултати на долг рок.

Тој додаде дека економијата се мери со бројки, а не со политизирање и потребно е, како што рече мало трпение на граѓаните и бројките ќе си дојдат сами по себе.

Во однос на малиот процент на реализација на капиталните инвестиции од околу 16 проценти, Анѓушев рече дека во првите шест месеци има мал застој во реализацијата, но додаде дека е оптимист и смета дека до крајот на годинава ќе се реализираат 90 отсто од планираните инвестиции.

– Малиот застој се должи на тоа што е потребно проектите да се доведат до нормално техничко ниво за да не ни се случуваат непотребни анекси – рече Анѓушев и додаде дека реализацијата на капиталните инвестиции кај државните компании е многу повисока.

Анѓушев не очекува референдумот значајно да влијае на реализацијата на капиталните инвестиции, бидејќи како што рече, предвидено е да ја чини државата околу 3,5 милиони евра, а тоа е помалку од еден отсто од планираните 400 милиони евра за капитални инвестиции.

– Сите политички случувања, па и референдумот негативно влијаат на економијата, но ценам дека нема позначајно да влијае на економскиот раст на државата – рече Анѓушев.

Нагласи дека референдумот се организира со цел Македонија да се придвижи кон евроатланските интеграции, а токму тоа, како што кажа, значи и поголеми инвестиции во земјата и економски раст на државата и се темели на искуството на сите држави кои се приклучиле кон ЕУ и НАТО.

На новинарско прашање во однос на конфликтот на интереси поврзан со компаниите во кои тој е дел од сопственичката структура, Анѓушев рече дека не се битни тие компании.

 -Нема никаков конфликт на интереси и заобиколување на законите. Престана делењето пари зад затворени врати и класифицирани договори. Компаниите кои ги задоволуваат законските критериуми имаат право да аплицираат. Сепак овие компании се повлекоа не поради конфликт на интереси, туку затоа што сензитивноста кај јавноста е голема после подолг период. Не се битни тие две компании, ако се проблем нема да аплицираат. Треаба да гледаме што е добро за целата економија. Бројките покажуваат дека целата економија се раздвижува – рече Анѓушев.

Анѓушев: Предложениот буџет за 2018 година е најекономскиот и најреформскиот досега


Скопје, 26 ноември, 2017 - 16:31 (META) 

Вицепремиерот за економски прашања денеска, еден ден пред почетокот на комисиската расправа за буџетот за 2018 година во Собранието, на прес-конференција истакна дека од сите буџети досега, предложениот за 2018 година има најреформски и најекономски карактер.

Буџетот за 2018 година е 211,7 милијарди денари или 3,4 милијарди евра и треба да обезбеди најмалку 3,2 отсто пораст на домашниот бруто-производ (БДП), а буџетскиот дефицит е проектиран на 2,7 отсто со тенденција на опаѓање.

– Наменивме повеќе од една милијарда денари за програмата за поттикнување на вработувањето, што претставува 5 отсто повеќе во однос на 2017 година, со кои ќе стимулираме нови подобро платени работни места. Ќе ги поддржиме компаниите да исплаќаат повисоки плати, со што ќе ја отвориме спиралата за зголемување на просечната плата – посочи Анѓушев.

За програмата за економски развој, според предлог-буџетот за 2018 година се наменети 46 отсто повеќе средства, а се кратат од непродуктивни трошоци, како што е промоцијата на Македонија како бизнис-дестинација.

– За поддршка на домашни гринфилд-инвестиции се наменети повеќе од 900 милиони денари или 592 отсто повеќе во однос на ребалансот во 2017 година, 585 милиони денари или 23 отсто повеќе средства за привлекување странски инвестиции, како и 385 милиони денари за поддршка на инвестициони вложувања. Домашните и странските инвеститори имаат исти услови за инвестирање, независно дали ќе се одлучат да инвестираат во технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) или надвор од нив – додаде Анѓушев.

Инаку, расправата за буџетот за 2018 година во Комисијата за финансирање и буџет на Собранието почнува утре и според деловникот може да трае 10 дена.


Трет ден ќе се расправа за ребалансот на буџетот, седницата закажана во 11 часот


Скопје, 4 август, 2017 - 9:46 (META) 

Денеска пратениците во Собранието трет ден ќе расправаат за ребалансот на буџетот, а пленарната седница ќе почне во 11 часот.

Опозицијата ја обвинува власта дека со ребалансот на буџетот прави најголеми кратења во образованието и во здравството, дека се кратат капитални инвестиции и дека до крајот на годината не е предвидена реализација на ниту еден проект.

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, пак, вели дека ребалансот на буџетот е реален бидејќи секој буџет досега бил лажно проектиран за да се „продава приказната дека има развој“.

Пленарната расправа за буџетот треба да трае пет дена. „Мета“ од извори од партиите дознава дека гласањето за ребалансот на буџетот ќе биде в понеделник. Во текот на викендот, само в сабота се очекува да има собраниска расправа.


Врхушката на ВМРО-ДПМНЕ барала амнестија, Заев тврди дека не прифатил


Скопје, 6 јуни, 2017 - 23:09 (META) 

Имаше барања од врхушката на поранешната владејачка партија, но тие барања беа отфрлени, изјави вечерва премиерот Зоран Заев во интервју за националниот сервис МРТВ, одговарајќи на прашањето дали во изминатиот период имало разговори за амнестија на функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Тој истакна дека правдата мора да важи за сите, односно дека дури и неговите најблиски соработници и членови на семејството ќе треба да одговараат доколку го прекршат законот.

Новата Влада нема да урива и да разместува споменици, затоа што тоа значи дополнителни трошоци, рече Заев. Сепак, тој истакна дека „сака барем една фасада да соголи за да покаже колку е тоа грдо“, но дека тоа е само лична желба, а како премиер не може да дозволи такво трошење пари на граѓаните, како и дека е ставен мораториум за изградба на споменици.