fbpx

Висока буџетска цел за 2024: Железница, гасификација, училишта – инвестиции од 731 милион евра

Колку и за кои инвестиции ќе се одвојат најмногу пари во министерствата кои располагаат со поголеми буџети и позначајни проекти?

-

Во однос на сегашниот ребалансиран Буџет, со новиот за 2024 година се предвидува зголемување на капиталните инвестиции за 0,3 отсто, но во однос на првичниот Буџет за 2023 година, сумата е намалена за 7,6 проценти. Владата исцрта нови амбициозни буџетски цели за јавни инвестиции во 2024, пишува Порталб.мк. Вкупната сума за капитални инвестиции е позиционирана на 731.509.000 евра. Колку и за кои инвестиции ќе се одвојат најмногу пари во министерствата кои располагаат со поголеми буџети и позначајни проекти?

Развоен дел на Буџетот за 2024

Во Министерството за транспорт се концентрирани највисоките износи за јавни инвестиции, а салдото е значајно зголемено за 245 милиони евра преку ставката инвестиции во патна инфраструктура која го опфаќа, пред сè, проектот Бехтел и Енка. Позначајна сума од 30,9 милиони евра е планирана за инвестиции во железничката инфраструктура, при што околу 60 отсто од средствата ќе се обезбедуваат од заеми. Поголем износ, скоро 2,1 милиони евра, е планирана за системите за отпадни води. Предвидени се 9,8 милиони евра за локални патишта преку обезбедување на заеми. Вкупниот износ на планирани заеми за следната година изнесува 32,8 милиони евра.

Со повисоки износи за развојни проекти е Министерството за финансии. Конкретно преку Министерство за финансии – функции на држава догодина ќе се потрошат вкупно 67,1 милиони евра, а од нив 58,2 милиони евра за проекти поврзани со ЕУ реформи во повеќе сектори и министерства. Преку развојниот дел на буџетот на Министерството за финансии планирани се близу 8,9 милиони евра наменети за проекти на општинско ниво.

Преку развојната компонента на Министерството за одбрана се планирани 111,1 милиони евра – најголем дел или 95 милиони евра се за „Интеграција во НАТО“. За изградба и реконструкција на објекти се планирани 11,5 милиони евра, а за модернизација 4,6 милиони евра.

Министерството за образование догодина ќе треба да потроши 12 милиони евра за реконструкција и изградба на основни училишта и спортски сали во основни училишта, 3,5  милиони евра за средни училишта и ученички домови, додека за изградба и реконструкција на студентски домови 2,8 милиони евра. Ова министерството планира дел од овие проекти да ги оствари со заеми во износ од 4,7 милиони евра и уште 1 милион евра од донации.

Следната 2024 година, за реконструкција на охридската Специјална болница „Св. Еразмо“ – Охрид, за Клиника за хируршки болести „Св. Наум Охридски“ од  Скопје и други, преку развојниот дел на Министерството за здравство планирани се скоро 2,2 милиони евра, а за медицинска опрема за сите здравствени установи, предвидени се 7,8 милиони евра. И во новиот Буџет се најдоа старите проекти – почнати, а сè уште незавршени. Па така, за Општа Болница Кичево се планирани 812.000 евра, а двојно поголеми суми се планирани во следните години – 2025 и 2026. За изградбата на новите клинички центри во Скопје и во Штип догодина ќе се одвојат 2,5 милиони евра, а најголем дел од оваа сума или 1,5 милиони евра планирано е да се обезбедат од заем.

Буџетот за развој на Министерството за внатрешни работи во 2024 година ќе изнесува 13,3 милиони евра. Од нив 8,8 милиони евра за реформи во полицијата, а 4,5 милиони евра за реконструкција и опремување на згради.

Во развојниот дел на буџет на Министерството за економија доминира проектот за гасификација, за што се одвојуваат скоро 3,7 милиони евр, додека за поддршка на мали и средни фирми предвидени се 1,3 милиони евра. Буџетот на Дирекцијата за ТИРЗ догодина ќе изнесува 12,4 милиони евра  – пари кои ќе се трошат за инфраструктура во повеќето економски зони – освен во Скопје, Штип, Прилеп, и во Струга, Струмица, Кичево, Куманово, Липково, Косел, Жабени.

Развојниот дел за инвестиции на Министерството за земјоделство изнесува 4,5 милиони евра. Од нив, околу 1 милион евра се за модернизација во земјоделството, скоро 1 милион евра за хидросистемите Злетовица и Лисиче и 800.000 евра за проектот Наводнување на јужната долина на Вардар, но и уште 1,6 милиони евра за останатите системи за наводнување по должина на реката Вардар.

Преку Министерството за труд и социјална политика, за изградба и реконструкција на објекти за детска заштита се предвидени 1,1 милион евра, а за објекти за социјална заштита и за домови за стари лица – 276.000 евра. Позначајна сума од околу 812.000 евра е за поттикнување на вработувањето.

Од останатите ресори, Министерството за информатичко општество добива 2,8 милиони евра, Министерството за животна средина 711.000 евра, а Министерството за правда ќе има 200.000 евра за развојни програми и проекти.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Србин измамен во центарот на Скопје, одземени му биле 300 евра

С.А.(63) од Србија вчера во полициска станица пријавил дека бил измамен од две лица од кои бил пресретнат околу 10.30 часот на подрачјето на Центар, информира МВР. Според пријавеното, едното...