!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Трајчевски: За овие избори медиумите известуваат порамномерно и попрофесионално


Скопје, 12 октомври, 2017 - 19:51 (META) 

За овие локални избори медиумите известуваат далеку порамномерно и попрофесионално во споредба со претходните два изборни циклуси, каде беше забележано нерамномерно известување и воочлива координација, рече директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), Зоран Трајчевски, на денешната дебата на тема „Известување на медиумите во изборна кампања, искуства и предизвици“, што се одржа во Клубот на новинари.

Трајчевски истакна дека годинава првпат судот во Скопје постапил во законски рок по пријава на ААВМУ и донел пресуда за само 48 часа по поднесувањето. Според него, судот сè уште не ги решил предметите на AАВМУ поднесени пред две години.

Насер Селмани, претседател на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), рече дека постои тренд на намалување на нападите врз новинарите. За разлика од предвремените парламентарни избори во декември минатата година, кога беа регистрирани два физички напади на новинари, во оваа изборна кампања нема ниту еден физички напад, а регистрирани се само вербални закани.

– Полицијата почна сериозно да ги истражува нападите, но загрижува фактот дека од 54 напади ниту еден напаѓач не е казнет од судовите. Тоа покажува јасна политика на неказнивост. Само 10 случаи се целосно истражени и поднесени се пет кривични и уште толку прекршочни пријави. Со политиката на неказнивост не можеме да очекуваме подобрување на слобода на говорот – рече Селмани, кој се заложи за изградба на ефикасен институционален механизам за превенција на насилство против новинари, во кој ќе учествуваат полицијата, обвинителството и судот.

Дебата во Клубот на новинари беше организирана од „Онлимит медиа“ и од ЗНМ, а финансиски поддржана од „Цивика мобилитас“.


МТВ ѝ порача на ААВМУ: Известуваме повеќе за ВМРО-ДПМНЕ оти имаа реакции за отчетите


Скопје, 3 октомври, 2017 - 16:33 (META) 

Првиот канал на МТВ денеска реагираше на забелешките на Агенцијата за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги (ААВМУ) во извештајот од надзорот на медиумското известување во периодот од 16 до 24 септември 2017 година, дека МТВ1 не ја следела одредбата за избалансираност во известувањето за активностите на политичките партии од опозицијата што се претставени во Собранието.

Од првиот канал на МТВ реагираат велејќи дека од почетокот на кампањата известуваат според правилата за медиумско покривање на изборите и според законите, а дисбалансот за кој се зборува во извештајот на ААВМУ е поради времето што го отстапила на ставовите на најголемата опозициска партија за работата на Владата.

„Во извештајот на ААВМУ, и во делот на застапеноста на субјектите во претежно информативните жанрови и во директните обраќања на субјектите, Владата е најзастапена и следствено на тоа отстапено е соодветно време за опозицијата. Во овој контекст, треба да се има и предвид дека во надгледуваниот период имаше отчети на министрите за сработеното во првите сто дена на кои реагираа претставници на опозицијата. Поради тоа што, освен избалансираност, се бара и објективност во информирањето, МТВ1 ги почитува и повисоките законски акти, како што е Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги, кој бара објективност, навременост и точност, а го почитува и највискиот правен акт, Уставот, кој забранува цензура“, се вели во реакцијата од МТВ 1.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ – Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка од „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


АВМУ: ТВ „Нова“ и „Алфа“ се пристрасни, а другите медиуми пласираат псевдовести


Скопје, 12 септември, 2017 - 11:04 (META) 

Радиодифузерите продолжуваат да ја следат веќе востановената уредувачка политика при известувањетo, при што особено се истакнува непочитувањето на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта, се вели во извештајот од надзорот на изборното медиумско известување за периодот од 27 август до 5 септември 2017 година, што го спроведува Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ).

Агенцијата ги издвојува ТВ „Алфа“ и ТВ „Нова“ поради начинот на известување, односно непочитување на професионалното начело за еднаков третман на различните гледишта. Притоа се одбележани и уште три други прекршувања сторени од телевизијата „Нова“.

„Во емисијата „Отворено студио“, со наслов „За или против геј бракови“, емитувана на 10 август 2017 година, телевизијата постапи спротивно на начелата за еднаквост на правата и слободите на луѓето по сите основи и за објективно и непристрасно прикажување на настаните“, се вели во извештајот.

За оваа емисија вчера реагираше и Советот за етика на медиумите, велејќи дека мислења биле камфулирани како факти и било предизвикано засилување на стереотипите.

Втората работа што е одбележана од АВМУ во врска со ТВ „Нова“ е  прилогот „Обвинителен акт против гинекологот кој презентирал лажна бременост на пациентка“, емитуван на 31 август 2017 година, кој според оценката на регулаторот не го почитувал и начелото на презумција на невиност.

За телевизијата „Алфа“ се вели дека има голем обем на информации во вестите за едно политичка опција, што укажува на непочитување на професионалното начесно за еднаков третман на различните гледишта во дневно-информативните емисии. Кај ТВ „Нова“, пак, регулаторот таков пристап забележал во целокупната програма.

„Телевизијата донесе уредничка одлука директно да ги пренесува прес-конференците на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на 3 и 5 септември. Ваков третман не добиваат прес-конференциите на ниту еден друг субјект“, се вели во извештајот на АВМУ.

Во однос на следењето на сите медиуми, АВМУ забележала создавање, како што се вели, „псевдовести“ и „псевдонастани“.

„Исто така, продолжува практиката при известувањето за комуникацијата на релација власт – опозиција, при која неретко се јавуваат „псевдонастани“, кои потоа се преточуваат во „псевдовести“, некои од телевизиите и радијата да држат дистанца од ваквата матрица, а некои од нив – да ја пресликуваат“, велат од АВМУ.

 

foom-logo-disklejmerТекстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведуваат Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, „Агора“ Центар за промовирање на граѓански вредности и Платформата за истражувачко новинарство и анализи (ПИНА), со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.
Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.


Централен регистар известува за ново работно време од 1 септември


Скопје, 25 август, 2017 - 12:25 (META) 

Централен регистар известува дека работното време од 1 септември ќе биде од 8 до 16 часот. Претходното работно време на Централен регистар беше од 8.30 до 16.30 часот.

Во соопштението испратено до медиумите не се наведува причината за промената на работното време на оваа институција.


ЗНМ ги осуди заканите на симпатизери на ДУИ кон екипа на ТВ „Шења“


Скопје, 19 јули, 2017 - 15:13 (META) 

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) ги осуди заканите на симпатизерите на ДУИ кон екипа на телевизијата „Шења“, која вчера била попречена во известувањето за комуналните проблеми во општина Чаир.

„Ги повикуваме надлежните институции да ги идентификуваат насилниците и да ги изведат пред лицето на правдата. Насилството против новинарите и медиумските работници е неприфатливо и претставува напад врз демократијата“, стои во соопштението на ЗНМ.

Од здружението нагласуваат дека државата има обврска да обезбеди ефикасен систем на превенција и казнување на насилството врз новинарите, што е основен услов за подобрување на состојбата со слободата на говорот.


АВМУ ја прекори МРТ дека не известувала навремено за нередите во Собранието


Скопје, 3 мај, 2017 - 18:41 (META) 

Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) денеска со допис до програмскиот совет на „Македонската радиотелевизија“ ја прекори МРТ за ненавремено информирање за случувањата во Собранието на 27 април. Агенцијата побара овој орган, кој има законска обврска да ги штити интересите на јавноста во поглед на програмските содржини што ги емитува јавниот сервис, да го преразгледа известувањето на МРТ.

„Ваквиот повик се должи, пред сè, на тоа што јавниот сервис не обезбеди навремено информирање за настаните во Собранието, делови од репортерските јавувања не беа во согласност со улогата и со функциите на јавен радиодифузен сервис и не беа организирани актуелно-информативните програми во кои ќе се дебатира за овие општествено-политички случувања кои се од исклучителен јавен интерес“, наведува АВМУ.

Агенцијата во соопштението посочува дека известувањето мора да се разгледува во поглед на членовите 110 и 111 од Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.

„Ова особено се однесува на обврските: да обезбеди постојано, вистинито, целосно, непристрасно, праведно и навремено информирање за сите важни политички и други настани и случувања во Република Македонија; да ја промовира и да ја унапредува културата на јавен дијалог и да овозможи арена за широка јавна дебата по прашања од јавен интерес, како и да обезбеди непристрасни, сеопфатни и важни информации и нив да ги презентира јасно, недвосмислено и на начин на кој граѓаните ќе имаат можност слободно да го формираат своето мислење“, се вели во дописот од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.


Иванов го известил Жбогар дека ќе почне консултации со партиите за состав на влада


Скопје, 30 јануари, 2017 - 17:16 (META) 

Претседателот на државата, Ѓорге Иванов, денеска имал средба со амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Семуел Жбогар, на која било разговарано за актуелната политичка состојба, по неуспешниот обид на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, да формира нова влада.

Амбасадорот Жбогар, како што информираат од кабинетот на Иванов, ги пренел ставовите на Европската Унија во врска со ова прашање.

Иванов на средбата го известил евроамбасадорот дека „откако ќе добие официјално известување од Собранието на Република Македонија дека не е поднесена програма и предлог за состав на нова влада, ќе почне консултации со надлежните институции и со политичките партии“.

Портпаролката на Евроската комисија, Маја Коцијанчич, денеска на прес-конференција истакна дека Европската Унија очекува од претседателот на државата, Ѓорге Иванов, „да изврши итна и отворена консултација“ со политичките партии во земјата и „бргу да определи лидер за формирање влада“.


Ад хок телото за медиуми поведе прекршочни постапки против две телевизии


Скопје, 29 ноември, 2016 - 13:39 (META) 

Ад хок телото за медиуми поведе прекршочни постапки против телевизиите „Нова“ и „Алфа“, за прекршоци од членот 75, став 1 на Изборниот законик.

Комисијата на денешната седница отфрли предлози за поведување прекршочни постапки против телевизиите „Телма“ и „24 Вести“, за истиот член од законот, со кој се бара правично, балансирано и коректно известување во текот на предизборниот период.

Вчера, Комисијата донесе одлука за поведување прекршочна постапка и против телевизија „Сител“, а беше отфрлено барањето за постапка против телевизија „Алсат“.


Караџовски по средбите со Панчевски и со судиите: Проблемите во судот не се големи


Скопје, 28 ноември, 2016 - 17:30 (META) 

Деветмина од вкупно 13 судии што му поднесоа претставка на претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, денеска одговорија на поканата и се појавија во Судскиот совет, каде имаа средба со членовите и со претседателот на Советот, Зоран Караџовски.

Како што соопшти Караџовски по состанокот, средбата поминала во конструктивен дијалог, на кој било разговарано за известувањето што судии го поднесоа против Панчевски, како и за проблемите во судот, за кои, како што изјави претседателот на Судскиот совет, било заклучено дека не се толку големи, како што се претставуваат во јавноста.

– Ги повикавме судиите кои со кратки и нечитки потписи се потпишаа на известувањето. Благодарни сме што дојдоа поголемиот број. Тие што не дојдоа биле спречени од објективни причини, не дека не сакале да дојдат. Дискутиравме за повеќе теми, конкретно за известувањето (на судиите против Панчевски н.з.) и за состојбите во Основниот суд Скопје 1. Имавме конструктивен дијалог со добра намера од двете страни. Дојдовме од заклучок дека воопшто проблемите не се толку големи, ниту горливи како што се претставени во јавноста – рече Караџовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, Караџовски рече дека претходно имале средба со претседателот на Кривичниот суд, а доколку има потреба ќе биде организирана и заедничка средба меѓу судии и Панчевски.

Караџовски рече дека Судскиот совет овие средби ги прави со цел да се зачува угледот на судството, додека разгледувањето на претставката од судиите против Панчевски е во надлежност на Совет за утврдување факти за одговорност на судија.

Кон средината на месецов, тринаесет судии од Основниот суд Скопје 1 испратија писмо до Судскиот совет, во кое реагираа и го обвинија претседателот на скопскиот Кривичен суд дека ја злоупотребува официјалната интернет-страница на судот со објавување „лични постапувања и ставови за одреден судија“.


Ад хок телото на пола мандат: Како се ближат изборите, така се влошува известувањето


Скопје, 31 октомври, 2016 - 13:07 (META) 

Се влошува известувањето на медиумите по петтиот од вкупно десетте периоди кои Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ги има за надзор до изборите закажани за 11 декември. На половина од мандатот, дел од членовите на ад хок телото констатираат дека медиумите наместо да го подобрат известувањето – го влошиле.

Една добра работа е што членовите ги добија заостанатите хонорари кои заглавија на релација Влада – Министерство за финансии – ААВМУ.

Според членот на ад хок телото, Љубомир Костовски, интересно е дека најблиску до балансираното известување се медиумите на албански јазик. Тој, исто така, информираше дека Прекршочниот суд се прогласил за ненадлежен за една пријава и им ја отфрлил претставката.

– Според нивното образложение, тие се прогласија за ненадлежни затоа што немаат мандат пред да почне изборната кампања. Сепак, според Изборниот законик, тие мора да постапат по претставките од ад хок телото. Драстично се промени известување последните неколку дена. Дел од телевизиите воопшто не ги почитуваат препораките од Изборниот законик и практикуваат пропаганда во речиси 100 проценти од телевизиските информативни блокови – вели Костовски.

Привремената комисија за следење на медиумското претставување, со три гласа „за“ и со два „против“, во петокот предложи поведување прекршочни постапки против телевизиите „Сител“, „Алфа“ и „Нова“.

Според одлуката на комисијата, постапките за телевизиите „Сител“ и „Нова“ се поведуваат поради членот 75, став 1, кој регулира балансираност во известувањето, додека за телевизија „Алфа“ постапката е поведена според член 75, став Б од законот, кој забранува прилози со кои може да се остави впечаток дека активности на државните органи се и партиски активности.

Двајцата членови кои гласаа против овие предлози (Цветин Чилиманов и Слаѓана Димишкова) најавија поднесување на издвоени мислења и изнесоа забелешки за недоследно применување на законот и на методологијата на Агенцијата за медиуми.

Привремената комисија ги разгледува извештаите на АВМУ за известувањето на 18 телевизии и радио-дифузери на секои десет дена.

АВМУ претставките до прекршочниот оддел на Основниот суд Скопје 1, според Изборниот законик, мора да ги поднесе во рок од 48 часа.

Според Законот за прекршоци, нема рок до кога судовите треба да одлучат, туку е наведено само „по брза постапка“.