fbpx

Честитки за Светскиот ден на слободата на медиумите од СЕММ и МИМ

-

Честитки до новинарите по повод по повод 3 Мај – Светскиот ден на слободата на медиумите, но и предупредувања за опасностите на кои се изложени новинарите и медиумите, упатија Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) и Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

СЕММ побара зголемена одговорност во почитувањето на фундаменталните принципи на слободата и независноста на медиумите, како и на заштита на новинарите и медиумските работници во исполнувањето на нивната одговорност за професионално информирање во интерес на јавноста. Притоа посебен акцент е ставен на опасностите што произлегуваат од центрите на моќ.

„Од круцијално значење во овој процес е да се промени дискурсот и ставот кај оние политичари, креатори на јавно мислење и центри на моќ кои медиумите неретко ги претставуваат или третираат како непријателска страна, избегнувајќи ја својата одговорност за транспарентно и отчетно однесување кон јавноста. Од нив се очекува да ги штитат медиумите како предност и одлика на демократијата, а не како пречка или закана во нивните ставови и активности. До власта и институциите на системот и натаму апелираме секое решение во однос на подобрување на состојбите во новинарството и медиумските содржини да биде во координација и усогласено со професионалната медиумска и новинарска заедница во државата“, се вели во соопштението.

Од суштинско значење како во сегашната, кризна, ситуација во државата, така и во редовни околности е и активната улога на професионалните медиуми во борбата против дезинформациите и неетичкото известување, посебно во кризна ситуација како актуелната, со болеста Ковид-19, порача СЕММ.

„Речиси 80 проценти од пријавените случаи во изминиве месец и половина се однесуваат на информирањето за кризата со коронавирусот, при што во 30 отсто од нив станува збор за сензационалистичко, еднострано и некоректно информирање на јавноста“, стои во соопштението.

СЕММ од денеска се приклучува на глобалната кампања на УНЕСКО „Новинарство без страв или наклонетост“, чија цел е подигнување на свеста за прашањата поврзани со безбедноста на новинарите, нивната независност од политичко или комерцијално влијание и родова еднаквост во сите аспекти од медиумите.

На неопходноста од професионално и етичко информирање на јавноста потсети и МИМ.

„Пандемијата покажа колку е важно граѓаните да имаат пристап до веродостојни, проверени информации, базирани на факти кои се обезбедени од кредибилни извори. Зголемениот интерес на граѓаните правилно да се информираат за пандемијата ја потврдува неопходноста од постоење на здрава општествена средина што ќе го поттикнува унапредувањето на новинарството како неопходно општествено добро, но и развојот на медиумската индустрија како важна економска дејност. Од друга страна, кризата уште повеќе ја покажа сериозноста на проблемот со дезинформациите на социјалните мрежи, што може да доведе до загрозување на животот на луѓето и влошување на безбедноста на граѓаните. Состојбата станува уште поопасна кога овие дезинформации ги шират поединци и институции со влијание, бидејќи поттикнуваат чувство на несигурност и недоверба во системот“, порача Македонскиот институт за медиуми.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...