Кајакарење по бетонска река за подигнување на свеста за заштита на реките


Скопје, 14 септември, 2018 - 12:20 (META) 

Активистите утрово кајакареа по бетонската река пред Владата за да ја подигнат свеста кај јавноста за значењето на недопрената природа и прекрасните речни долини и кањони на Балканот.

Еко-свест заедно со ФРОНТ 21/42 покренаа петиција за стопирање на изградбата на хидроенергетски проекти во заштитените подрачја низ Македонија која се уште е отворена за потпишување.

„Во последните три дена Македонија беше дел од кампањата „Balkan Rivers Tour“, односно „Кајакарeње по балканските реки“. Со турнејата, тимот на „Balkan Rivers Tour“ дава поддршка на локални иницијативи што имаат заедничка цел – да ги заштитат последните слободни реки во Европа. Турнејата вклучува кајакарење по 23 реки низ 6 држави во 39 денови, почнувајќи од Тепелене, Албанија па се до Љубљана, Словенија, вклучувајќи ја и реката Радика во Националниот парк Маврово.

Екологистите велат дека „во Македонија, речиси сите реки се под големи директни и индиректни антропогени притисоци, во најголем дел од акумулации изградени на нив.“

„Планирани се повеќе од 400 хидроенергетски проекти само во нашата земја. Половина од нив во недопрена природа во најживописните речни долини. Пресушувањето на овие реки и уништувањето на нивното речно корито значи уништување на ретки и ендемични видови флора и фауна кои се дел од пошироки екосистеми дел од кои е и човекот. ООН уште во 2004 предупреди дека до 2025, 1.800 милиони луѓе ќе живеат во земји со недостиг на вода за пиење. Пресушувањето на реките ги доведува во опасност изворите на питка вода за жителите на многу локации во Македонија“, се вели во соопштението на „Еко-свест“.


Мавровските хидроцентрали лани произвеле повеќе струја од планираното


Тетово, 20 февруари, 2016 - 13:06 (META) 

Мавровските хидроцентрали минатата година произвеле 43 отсто повеќе електрична енергија од планираното. Според ХЕС „Маврово“, ваквиот позитивен биланс се должи на ревитализацијата на опремата и на објектите на трите мавровски хидроцентрали во Вруток, Равен и во Врбен.

– Ние сега со помалку вода остваруваме зголемено производство на електрична енергија. Трошоците, пак, за одржување се намалени за 10 пати – изјави Александар Левкоски, директор на ХЕС „Маврово“.

Од ХЕС „Маврово“ тврдат дека во 2016 година ќе се оствари планираното производство на струја, поради поволните временски услови, односно врнежите од дожд кои со вода ја наполнија Мавровската акумулација.

За неполни два месеци од почетокот на годинава, мавровските хидроцентрали произвеле 50.885.000 киловат-часови електрична енергија.


Пет мали хидроцентрали пуштени во употреба


Кавадарци, 30 октомври, 2015 - 13:57 (META) 

Пет мали хидроцентрали, вклучени во системот за наводнување на реката Бошава, беа пуштени во употреба. Од овој систем ќе се обезбеди водоснабдување на општините Кавадарци, Росоман и Неготино.

– Ова е прв проект, во рамките на кој, преку јавно-приватно партнерство, стекнавме концесија, ги добивме сите потребни дозволи и за помалку од две години, во соработка со локалните изведувачи, ги завршивме сите градежни и други работи. Во објектите вградивме најсовремена електромеханичка опрема што денес е достапна на пазарот. Неодамна, проектот го завршивме со потпишување договор за откуп на електрична енергија, така што денес овие објекти може и свечено да ги предадеме во комерцијално работење – изјави директорот на компанијата „Колектор турбоинститут“, Франц Флоријанчич.

Концернот „Колектор“, кој инаку произлегува од автомобилската индустрија, ја зајакнува својата улога во областа на градежната индустрија, односно инженерингот и останува еден од клучните играчи во областа на електроенергетиката.

„Колектор турбоинститут“ во последните 20 години набави машинска опрема за повеќе од 15 мали хидроцентрали и учествуваше во обновата на шест големи хидроцентрали.