Фронт 21/42 бара стопирање на изградбата на нови хидроцентрали кои се причина за колапс на екосистемите

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Еколошко здружение на граѓани Фронт 21/42 сe приклучува кон Манифестот на европските невладини организации против изградбата на нови мали хидроцентрали, потпишан од над 150 европски невладини организации. Со документот се бара од Европската Унија, Европската инвестициона банка и Европскиот Парламент, да се запре поддршката и финансирањето на нови хидроцентрали.

„Целта е да си ги зачуваме реките и уникатното богатсво на живот кои тие го одржуваат. Во моментов во Македонија се изградени 9 големи и над 70 мали хидроцентрали кои се оперативни, но според издадените концесии таа бројка ќе се искачи на околу 120 хидроцентрали, од кои една третина се во заштитени подрачја. Истражувањето од 2015 година на „Бенквоч” утврди дека најголем број од проектите финансирани од меѓународните финансиски институции во заштитени подрачја се токму во Македонија, додека притоа се забележани видливи прекршувања на националните прописи, закони и меѓународни стандарди“, соопштуваат од Фронт 21/42.

Додаваат дека во последните 10 години државата за мали хидроцентрали издвоила 72 милионa евра, бизнисот го водат мал број на фирми кои прават милионски заработки, а концесиите неретко изобилуваат со законски прекршувања. Во НП Маврово плановите за мали хидроцентрали продолжуваат и покрај препораките на Бернската конвенција од 2017 година.

Одбележувајќи го Светскиот ден на миграција на риби, Фронт 21/42 заедно со организации како WWF – Светски фонд за природа, Climate Action Network Europe и BirdLife, алармира за штетите кои произлегуваат од изградбата на нови хидроцентрали во Европа.

„Токму на европскиот континент сведоци сме на најголемо уништување на реките и предизвикување на речна фрагментација, со што се загрозуваат слатководните екосистеми, а истовремено нема значаен придонес во борбата против климатските промени“, информирааt од Фронт 21/42.

Потсетуваат дека во Европа популацијата на слатководни риби кои мигрираат е намалена за 93 отсто, од 1970 година до денес, а хидроенергетските проекти се најголемиот виновник за колапсот на екосистемите. Сепак, во моментов преку 5.500
нови проекти се во процес на планирање или изградба, а Балканот е под ризик од планови за изградба на повеќе од 2.700 хидроелектрани. Гринфилд хидроцентралите се градат со забрзано темпо, и тоа најчесто преку јавна финансиска помош.

„Бараме тие средства да се пренаменат за модернизација, еколошка трансформација на постоечките централи, за отстранување на застарените брани, како и за премин кон ОИЕ. Сметаме дека новите хидроенергетски проекти не треба да бидат субвенционирани од државата, ниту финасирани од меѓународните финансиски институции (ЕИБ, ЕБОР, Светска Банка)“, посочуваат од Фронт 21/42.