Бернската конвенција бара да нема нови мали хидроцентрали, за дадените концесии ќе се одлучува поединечно

Патишка река, една од локациите во земјава каде што е изградена мала хидроелектрана; Фото: Мета.мк

Да се откажат сите одобрени и планирани хидроелектрани во заштитени подрачја во државата, но и оние надвор, кои можат да имаат влијание на заштитените зони, е една од серијата препораки кои пред крајот на минатата година до македонската влада ги испорача Комитетот на Бернската конвенција.

Конкретно, препораката се однесува за сите енергетски објекти кои добиле концесии, но сѐ уште не се изградиле, за кои се очекува Владата да ги раскине договорите. Препораката следува по неколку години откако изградбата на хидроцентрали во националниот парк „Маврово“ стана предмет на внимание на Бернската Конвенција за заштита на дивиот свет и живеалишта од европско значење. Во 2013 година граѓанската организација „Еко-свест“ поднесе жалба до Конвенцијата, стравувајќи дека изградбата на овие хидро-проекти ќе го уништи паркот.

Како ќе ги испочитува барањата на Бернската Конвенција, не добивме став од македонската влада, од каде за одговори нè упатија до Министерството за животна средина и просторно планирање. Во оваа институција, пак, велат дека генерален одговор што ќе ги опфати сите случаи, особено на веќе доделените концесии нема, заради што ќе се разгледуваат еден по еден.

„Генерално, актуелните концесии лоцирани во наведените заштитени подрачја се издадени уште во периодот пред 2015 година и потпишаните договори мора да се почитуваат. Не може да се заземе општ став. Секој случај поединечно треба да се разгледува и Владата да заземе став, при што секако ќе се има предвид локацијата каде се лоцирани објектите предмет на концесија“, велат од Министерството.

Тие информираат дека во Националниот парк „Галичица“ нема нови доделени концесии за кои градбата не е започната, за дел од малите хидроелектрани што се наоѓаат во новопрогласеното заштитено подрачје на Шар Планина во тек се преговори за повлекување на концесионерите. Старите договори, пак, од Националниот парк „Маврово“ кои датираат од 2015 година ќе се разгледуваат поединечно.

Од „Еко свест“ пак се децидни дека Владата мора да ги испочитува препораките. Ана Чоловиќ-Лешоска вели дека постојат две нивоа во препораката која бара Владата да ги откаже концесиите кои ги има веќе доделено, како и да запре со доделување нови. Одлуката се однесува за сите заштитени подрачја според домашните закони, но и на целата Емералд мрежа и идната Натура 2000 и ги опфаќа и малите, средните и големите хидроцентрали.

Последната препорака за откажување на хидроцентралите од Бернската Конвенција ги опфаќаат и сите подрачја надвор од заштитените, каде што изградбата на енергетските објекти може да влијае на подрачјата под заштита.

„Доколку се направи зафат на река надвор од заштитена зона и со него се пресуши реката или се направи друга штета на биодиверзитетот и природата која ќе влијае на заштитеното подрачје, тогаш препораката е да не се гради тој објект. Со еден збор, Конвенцијата препорачува хидроцентрали да има само надвор од заштитени подачја, на локации каде што нема да влијаат на заштитените зони“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Препораките од Бернската Конвенција се од политичко значење за државите-потписнички и даваат насоки за делување. Тоа значи дека е неопходно државите да одговорат со промени во своите политики, закони и пракси со цел да ги исполнат.

„Со ратификувањето на Конвенцијата земјава ја прифатила како дел од своето законодавство и се обврзала да ги почитува препораките. Пенали нема, но, знаеме дека Советот на Европа многу тесно соработува со Бернска конвенција особено кога се однесува за земјите-кандидати. Постојат политички алатки кои им се на располагање и земјава, доколку ги игнорира препораките, може во блиска иднина во европските извештаи да се соочи со негативен заклучок“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Бернската конвенција препораки носи еднаш годишно, но прогресот во сите случаи кои ги отвориле се проверува на секои три месеци. Во тој период се бара извештај и од Владата и од жалителите, кои во случајот се две наши организации, „Еко Свест“ и „Фронт 21/42“. Нивната мисија кај нас престојуваше во мај минатата година и направи темелни истражувања. Од нејзиниот извештај се извлечени и последните препораки.

„Сите 13 препораки донесени по последното собрание, во кои освен на хидроцентралите се однесуваа и на Националниот парк ‘Маврово’, мрежата на Емералд подрачја, Охридското Езеро и Националниот парк ‘Галичица’, се резултат на тоа што од Конвенцијата не гледаат суштински прогрес во земјава. Заради тоа и одлучија да го прошират опсегот на истражувањата надвор националниот парк „Маврово“, што резултираше со најновите препораки“, вели Чоловиќ-Лешоска.

Од Министерството информираат дека во моментов не е планирано доделување на нови концесии за користење на вода за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи. Посочуваат дека ги имаат во предвид препораките од конвенциите што сме ги потпишале, како и националната легислатива.

Од таму образложуваат дека и досега во постапките за издавање на дозвола за користење на вода, задолжително се земале во предвид решенијата за одобрување на елаборати, односно студиите за оценка на влијанијата на животната средина, како и мислењата од единиците на локална самоуправа, националните установи и правните лица кои управуваат со заштитените подрачја, од кои зависи исходот на постапките.

„Во постапката за доделување на концесија за користење вода за производство на електрична енергија задолжително се зема предвид хидролошката состојба на водотеците, потребите на вода за други намени од повисок приоритет, заштитата на животната средина и природата, а при нивно планирање се водиме од определбите од  Стратегијата за енергетика согласно кои изградбата на нови мали хидроцентрали внимателно ќе се проценува за да се избегне ризикот од диспропорционално влијание врз животната средина во споредба со произведената електрична енергија“, велат од Министерството.