Апел до Пендаровски и Ковачевски: Да не се дозволат нови мали хидроцентрали во Маврово

Од изградбата на мала хидроелектрана на Маркова река | Фото: Приватна архива

Граѓанските организации „Еко свест“ и „Фронт 21/42“ денеска побараа Претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски да се заложат за раскинување на договорите за концесии за трите планирани мали хидроцентрали во Националниот парк „Маврово“, Жировница 5 и 6 и Рибничка 7 и на тој начин да се испочитуваат меѓународните договори, коишто се обврска и за Македонија.

Комитетот на Бернската Конвенција на крајот на минатата година донесе одлука со барање за да се раскинат концесиите за трите мали хидроцентрали во националниот парк, откако претходно двапати истото го објавуваше како препорака.

Граѓанските организации во 2013 година отворија случај пред Бернската конвенција за изградбата на овие енергетски објекти во НП Маврово, а Постојниот Комитет на Конвенцијата во 2015 година усвои препорака со која побара земјава да го суспендира спроведувањето на сите владини проекти, особено предвидените хидроенергетски проекти и инфраструктура, на територија на Националниот парк Маврово, сè додека не се подготви Стратегиска оцена за влијанието врз животната средина (СОЖС), која посебен акцент ќе стави на кумулативните ефекти на сите планирани развојни активности на територија на паркот.

Со оглед на тоа дека оваа препорака не ги стопираше градежните работи во паркот, кој се уште чека репрогласување, во 2021 година, Постојниот Комитет повторно препорача Владата да ги суспендира и откаже одобрените концесии и оние планирани за изградба и да спроведе забрана за хидроцентрали (големи, средни и мали) во националните паркови. Конечно, откако и по втората препорака не беа преземени никакви активности за заштита на водотеците во паркот, во декември лани Комитетот донесе Одлука во која посочи дека е потребен побрз напредок и побара од Владата да ги откаже трите концесии.

„Издадените концесии за малите хидроцентрали во НП Маврово го кочат процесот на репрогласување на паркот уште од 2016 година. Секое понатамошно одложување значи само продолжување на моменталните практики на неодржливото управување со паркот, со што се нанесува неповртна штета врз биодиверзитетот, но и врз животот на локалното население. Затоа е потребно итно раскинување на концесиите со што ќе се овозможи успешно спроведување на процесот на репрогласување и ќе се воведе активна заштита на вредности на паркот“, смета Ѓорѓи Митревски од Еко-свест.

Активистите потсетуваат дека ратификуваните меѓународни договори се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон, заради што одлуките и препораките на Постојниот Комитет на Конвенцијата се законски обврзувачки, а Владата и Претседателот се одговорни за извршувањето на меѓународните договори, како што е Бернската Конвенција.

„Барањето до Претседателот Пендаровски и до Владата е всушност барање за постапување како што налага националното законодавство – извршување на меѓународните договори, конкретно спроведување на Одлуката на Постојниот Комитет на Бернската Конвенција од декември 2022 година. Сметаме дека е крајно време државата да почне да ги спроведува обврските од националното и меѓународното законодавство заради обезбедување ефикасна заштита на НП Маврово“, вели Ања Јованова од Фронт 21/42.