!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Антисемитски и антикомунистички графити на советски споменик во Пловдив


Пловдив, 13 ноември, 2017 - 11:53 (META) 

Со графити со кукасти крстови, со антисемитски пораки „Убиј го Евреинот“ и „Комунизам – Еврејство“, како и навреди за Марија Захарова, министерката за надорешни работи, во петокот осамна споменикот „Аљоша“, познат како „Советскиот споменик“ во бугарскиот град Пловдив.

Иако по неколку часа графитите се избришани, настанот крена бура во социјалните медиуми. Со различни реакции се огласија повеќе истакнати фигури во Бугарија, а реагираше и внукот на поетот Венко Марковски, Вени Марковски, кој ги критикуваше реакциите во кои не се осудува антисемитизмот.

Вени Марковски е потпретседател на ИКАН, меѓународното тело за регулирање на интернетот.


Графити со навредлива содржина на штаб на СДСМ во село Криволак


Неготино, 5 октомври, 2017 - 12:57 (META) 

Изборниот штаб на СДСМ во село Криволак вчера бил оштетен, а на куќа во истото село бил испишан и заокружен бројот 13 и напис ВМРО, информираат од МВР.

„Вчера, во 7.15 часот, во полициската станица во Неготино, пријавено е оштетување на штаб на СДСМ лоциран во село Криволак, на кој се испишани графити со навредлива содржина. Исто така, околу 9 часот е пријавено дека на куќа, сопственост на М.Ј. (70) од село Криволак, од страна на непознато лице е испишан и заокружен бројот 13 и натпис ВМРО“, пишува во полицискиот билтен.


Графити и против Спасовски и Шахпаска


Куманово, 28 февруари, 2017 - 16:56 (META) 

Непознат сторител напишал навредливи графити во близина на куќата на О.С. во Куманово, извести МВР во денешниот полициски билтен. Во него е и информацијата дека навредлив графит бил испишан на семејната куќа на Ј.Ш. во Берово.

Во полицискиот билтен за случаите, освен иницијалите, не се открива идентитетот на оштетините, но според неофицијални информации, станува збор за пратениците и високи функционери на СДСМ, Оливер Спасовски и Јагода Шахпаска.

Шахпаска на својот фејсбук-профил денеска објави фотографија од графитот испишан на нејзината куќа, кој гласи „Предавници!“

Полицијата вели дека се трага по сторителите.

Слични графити вчера беа претходно испишани и пред домовите на Васко Ковачевски во Битола, на Петре Шилегов во Скопје, на Максим Димитриевски во Куманово и пред домот на Јован Митрески од Струга.


Стружанка заработи кривична пријава поради испишување графити на споменик на културата


Охрид, 13 мај, 2016 - 13:53 (META) 

СВР од Охрид ѝ поднесе кривична пријава на стружанката  Ј.М. (24), поради постоење основан сомнеж дека сторилка казнено дело оштетување туѓи предмети.

Пријавената, на 30 април, извршила оштетување на спомен-куќата на македонскиот револуционер Христо Узунов, на улицата Коста Абраш во Охрид.

Објектот е категоризиран како македонско културно наследство и културно-историски споменик, заштитен со закон од 1950 година.

– Настанот се случил околу 1 часот, кога пријавената, без повод и причина, со спреј испишала недоличен и навредлив графит, по што се обидела да избега од местото. Испишувањето го забележал овластен работник за обезбедување, кој ја повикал пријавената во службените простории – соопшти СВР од Охрид.

СВР од Охрид, во консултација и насоки од јавниот обвинител, ги презел сите мерки за целосно документирање и за расветлување на казнено-правниот настан. Извршен е разговор со пријавената, а на местото е спроведен е криминалистичко-технички увид. Одземен е спрејот со кој е извршено оштетувањето на спомен-куќата, заради вештачење во Министерството за внатрешни работи во Скопје.

 


Ден по протестот: Воинот поцрвени, Самоил ослепи, графитите се намножија


Скопје, 19 април, 2016 - 14:33 (META) 

Крваво црвена стана водата во фонтаната „Воин на коњ“ на плоштадoт Македонија откако утринава таму била истурена темноцрвена боја.

Вчера, пак, демонстрантите во водата истурија прашок за перење, по што во фонтаната се направи големо количество сапуница.

Активистите велат дека со таа герила-акција сакале да предупредат дека ниту аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов нема да го испере криминалот што го направила власта.

На Порта „Македонија“ како сведок на вчерашниот протест сè уште стојат испишани графитите: „Слобода наместо страв“, „Ова кошта 208 Тамари“, „Фашисти“, „Слобода“, „Апаши“, „Никад више ВМРО“, „Оставка“, „Ружна ви е портата“, „Хорхе оди си“.

На споменикот на цар Самоил беше испишана пораката „Го ослепевте народот“.

Денеска забрзано се бојадисува и зградата на Министерството за култура, која вчера демонстрантите ја гаѓаа со боја за да го искажат револтот од, како што рекоа, криминалниот проект „Скопје 2014“.

Пред Владата, каде што вчера заврши протестот, сè уште стојат графитите „Полиција насекаде, правда никаде“, „Спас им нема“ и „Но пасаран“.


Штип побара од ЈП „Исар“ да ги избрише „недоличните“ графити „Збогум Никола“


Штип, 12 јануари, 2016 - 14:58 (META) 

Графити со содржина „Збогум Никола“, „Оставка“, „Каков крај“, „Грујо оди си“ ја кренаа на нозе Општина Штип.

Новинарите со телефонски пораки беа повикани да дојдат на градскиот плоштад и земат изјава од општинскиот портпарол.

За Општината ова се недолични политички графити, а ѕидовите, според портпаролот Драган Ристов, не се место каде се прави политички дијалог и каде се креира политика.

Општината му дала задача на Јавното претпријатие „Исар“ да ги избрише „политички недоличните графити“.

Графити со ваква и со слична содржина со денови се испишуваат по ѕидовите во Штип. Синоќа дури дошло и до физичка пресметка. Очевидци сведочат дека дошло до пресметка меѓу пишувачите на графити и граѓани во населбата Автокоманда. Неколку млади почнале да пишуваат на ѕидот кај градскиот пазар, во непосредна близина на партиски штаб, кога врз нив се нафрлиле група постари штипјани. Помладите заработиле неколку клоци и побегнале.


Графити: Кризата им годи само на атинските ѕидови


Атина, 10 јули, 2015 - 10:56 (META) 

Атинските ѕидови се непресушен извор на идеи, политички пораки, мали филозофски дискусии и на дилеми. Секоја пора од градските ѕидови дише во бунтовен дух, прекриена со графити и со шаблони кои се занимаваат со политичките или социјалните прашања во државата. Речиси секој проблем, секоја вознемиреност може да се прочита на ѕидовите. Дали е преплашеноста за пребродување на месецот со скратените плати, револот од владините политики, тажните слики од зголемениот број бездомници кои се „вдомуваат“ под ведро небо и на влезовите пред деловните згради, атинските ѕидови тоа веднаш го впишуваат, креирајќи активна јавна дебата, борејќи се за поактивно будење и за освестување на народот.

Во екот на политичките подготовки на новиот пакет мерки за штедење, на ѕидовите на бунтовната Ексархија, квартот на бунтовниците, уметниците и на анархистите, осамна огромен мурал на атински бездомник, фрлајќи уште едно силно потсетување на тешката секојдневна реалност со која се справуваат голем број атински граѓани.

Авторот на муралот, Wild Drawing, WD, еден од најактивните графити-уметници во Атина, вели дека не гледа друг начин освен својот револт од секојдневнието да го преточи во уметност која можеби ќе креира дијалог со минувачите и ќе ги предизвика граѓаните да подзастанат и да размислат малку поинаку за работите.

– Живеејќи ја грчката реалност, ги чувствувам сите последици на социјалната и на финансиската криза. Не можам и не сакам да ги игнорирам порастот на сиромаштијата и невработеноста, зголемувањето на бројот на бездомниците, зголемениот број на самоубиства, популарноста на неонацистичката Златна зора, убиствата на имигранти кои се обидуваат да дојдат до Европската унија преку Грција. Едноставно не можам да ги затворам очите пред тоа – вели WD во разговор за „Мета“.

Потекнува од Бали, но со години живее во Атина и сурово, но прецизно, преку своите мурали и графити ја пресликува темната слика на грчкото општество. Еден од неговите 3Д-графити, момче кое жонглира со молотови и посакува добредојде во Атина, кој осамна за време на насилните протести против финансиската криза, останува еден од најпрецизните графити за бунтовната природа на квартот Ексархија, но и на Атина во целост.

– Графитот „Welcome to Athens“ беше поттикнат од насилните протести по убиството на Александрос Григоропулос во 2008 година. Не знам дали градот секогаш ќе остане таков, но убеден сум дека општествениот отпор ќе продолжи и во иднина – вели WD.

Од графити-уметниците и анархистите со силните пораки, до оние кои без големи уметнички аспирации, само со спреј и со шаблон пишуваат куси пораки, сите имаат една заедничка цел, а тоа е да го разбудат и да го освестат народот.

М.П.


Стојанче Ангелов: Со црната кампања ми прават услуга


Скопје, 2 април, 2015 - 8:38 (META) 

„Со целата оваа црна кампања ми прават пропагандна услуга бидејќи тие што ги објавуваат и ги спроведуваат ваквите гнасотилаци, ни самите не веруваат во тоа што го пишуваат и зборуваат“, вели за „Мета“ генералот Стојанче Ангелов, за нападите кон него, кои синхронизирано доаѓаат преку графити на скопските фасади, написи во провладините медиуми, објави и фотомонтажи на социјалните мрежи.

Ангелов веќе дваесетина дена ги предводи протестите пред Македонската радио-телевизија (МРТВ), на кои бара националниот сервис да ги објавува аудиоснимките од „бомбите“ на лидерот на опозицијата, Зоран Заев.

Филип Петровски, в.д. директорот на Државниот архив, на својот твитер-профил објави фотомонтажа со ликот на Ангелов како во први редови маршира со активистки на СДСМ, под која стои: „Генералка Стојанка – лидер на жените на СДСМ“.

– Едноставно не вреди да се коментира за човек кој во 2011 година се продаде за едно обично работно место – вели Ангелов за „Мета“.

Владата во март оваа година го назначи Филип Петровски за в.д. директор на Државниот архив, една од институциите со кои соработува Комисијата за верификација на факти.

Тој претходно беше заменик-директор и заменик-претседател на Управниот одбор на „Државна лотарија на Македонија“, а пред неколку години беше директор на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје.

Деновиве Агелов беше прозван од еден медиум дека им се додворува на поранешните непријатели од УЧК, по што изјави дека нема нема никаков проблем да седне и да разговара со ветераните на УЧК и заедно да застанат против власта.

По ова на скопските фасади се појавија графити кои го поврзуваат Ангелов со УЧК. „Стојанче+УЧК“ во срце, „Командант Стојанче“, „За ова ли гиневме Стојанче“, се дел од графитите.

grafiti stojance kolazh

– Се фокусираа на нешто што едноставно е незидржано. Па, тие седум години се во коалиција со партијата која произлезе од УЧК. Никола Груевски ги амнестираше воените злосторници опфатени во хашките случаи и тие сега најдоа да зборуваат. Мене целта ми е едноставна. А тоа е „Македонци и Албанци заедно против криминалци“ – вели Ангелов.

 


Смртта ги потисна „Шу праиш“ и „Ало началниче“ на ѕидовите


Скопје, 30 март, 2015 - 8:56 (META) 

По графитите „Шу праиш“, „Здраво Горде“ и „Ало началниче“, инспирирани од прислушуваните разговорипочнаа да се појавува и серија со националистичка содржина и јасен говор на омраза.

Кај голем дел од графитите негативното ословување за одредена етничка заедница е пречкртано и е заменето со друг збор. На пример, вториот збор во „Смрт за Шиптари“ е заменет со зборот „омраза“, по што графитот станал „Смрт за омраза“.

Вчера, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на минингот во Штип го обвини токму лидерот на опозицијата, Зоран Заев, дека планира да инсценира меѓуетнички тензии.

– Да не дозволиме да го направат финалето за кое оваа нивна операција е измислена. Да не дозволиме да нè закрват ниту по политички ниту по верски и етнички линии. Да не дозволиме да успеат во сценариото што тие го исконструирале – рече Груевски.

Познавачите велат дека доколку графитите се појавиле преку ноќ, веројатно се нарачани од политички центри на моќ, со јасна намера да се дефокусира моменталната остра критика на власта и да се насочи кон меѓуетничка омраза.

– Дека вакви акции се организираат и дека имаат застрашувачки ефект, не е ништо ново. На пример, пред неколку години, оркестрирано „Брат Љубе“ преку ноќ стана „Љубе предавник“ на скопските улици и по медиумите. Она што е ново и радува е што во последниве години има и појава на антинационалистички интервенции врз графитите кои шират омраза – се пребојуваат во „Смрт за национализмот“ или „Смрт за шовинизмот“. Овие интервенции, колку што ми е познато, се организираат од групи поврзани со новата македонска левица, која има мултиетнички карактер. Кои графити ќе „победат“ е тешко да се предвиди – вели Слободан Јаќоски, комуникациски аналитичар.

Графитите во зависност од содржината можат да послужат како показател за состојбите во едно општеството – вели Бардил Јашари, директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Тие се често рефлексија на актуелни случувања и такви се, на пример, графитите кои содржат фрагменти од објавените „бомби“ на Заев. Се разбира дека графитите, исто така, можат да послужат за јавно пренесување пораки кои предизвикуваат омраза и сметам дека графитите кои се појавија во последно време против Албанците се користат за манипулација и дефокусирање од вистинските проблеми преку потикнување омраза но и страв со „потсетување на дежурната закана“ за Македонија и Македонците. Такви графити редовно се појавуваа со помал или поголем интензитет во зависност од политичкиот контекст и се редовен попратен „декор“ на секои избори, па затоа мислам дека можеби сe дел од партиска кампања и подготовка за избори. Сепак, реакцијата на ваквите графити со бришење на елементите на омраза инспирира и дава надеж дека можеби ваквите манипулации во иднина ќе имаат се помал ефект – вели Јашари.

Во оваа акција за дефокусирање на јавноста од актуелната политичка криза може да се сместат и острите коментари околу документарецот на  „Ал Џезаира“, „Луѓе и моќ: Македонија – зад фасадата“, прикажан веднаш по интервјуто на Зоран Заев, но и слични коментари за предлогот Албанец да биде премиер на Македонија, кој се појави во анкета на неделникот „Фокус“.

 


Полноќна акција за покривање на „Шу праиш“ и на „Ало началниче“


Графитите инспирирани од фразите што ги употребуваат соговорниците во аудиоснимките што ги објавува претседателот на СДСМ, Зоран Заев, како што преку ноќ се појавија, така преку ноќ беа покриени со други бои за да не може да се види што е напишано.

Иако графитите како „Шу праиш“, „Здраво Горде“ и „Ало началниче“ се испишани на места каде што има и други графити кои не се поврзани со прислушуваните разговори, сепак само фразите од аудиоснимките се покриени со други бои или се ишарани.

Освен старите ишарани графити, во последните неколку дена се појавија и нови, инспирирани од поновите аудиоснимки. Досега вакви графити можат да се забележат само во општина Центар – единствената опозициска општина во Скопје.